ИНТЕРВЈУ: Методија Саздовски и Мартин Мартиноски членови на Работната група за позеленување на изборите
“Гласај за природата” - нов импулс во изборните процеси
Локалните избори во земјава беа одбележани и со кампањата „“Гласај за природата” на Работната група за позеленување на изборите. По завршувањето на првиот изборен круг, како го оценувате обидот да ги анимирате кандидатите во трката за локалната власт, но и граѓаните за одговорноста што ја носат и двете страни кон животната средина? Методија Саздовски: Никогаш порано не е ставен толку голем акцент на проблемите од животната средина од страна на кандидатите. Моја лична оценка е дека политичарите ја започнаа предизборната кампања недоволно спремни и со мала посветеност на проблемите во животната средина во своите програми. Садење цвеќе, дрва и трева е само шминкање на градот, тоа не е екологија. Проблемите се решаваат етапно и од корен, со програма и планирани активности. Сите кандидати за градоначалници ги промовираа своите идеи и планови, меѓутоа никој од нив не излезе со конкретен одговор како ќе ја спроведе својата идеја. По првите наши активности, веројатно кандидатите за градот Скопје разбраа дека го подзаборавиле делот од екологијата во своите програми, па уште наредниот ден се огласија во весник на цела страница со нивните идеи за решавање на конкретните два проблема кои ги инициравме ние, а тоа се проблемите со јавниот транспорт и управувањето со отпадот. Кандидатите организираа состаноци со граѓанските организации кои работат на полето на животната средина, а во своите изјави на телевизиите почнаа да им даваат поголемо значење на проблемите од животната средина во својот град. Морам да кажам дека беше забележано дека и медиумите наеднаш се вклучија во презентирањето на дивите депонии и ѓубриштата во градот. Јавноста најдобро се запозна со кампањата преку поделените 7.500 бесплатни картички за 8 Март и 2.000 семиња за цвеќе на кои стоеше нашето лого и слоганот. Намената на картичката беше да ги прашаме кандидатите за градоначалници колку навистина се зелени, а таа требаше да се испрати кај некои од кандидатите за градоначалници со прашања за проблемите во животната средина.
Мартин Мартиноски: Оваа кампања претставува еден нов импулс во улогата што граѓанскиот сектор досега ја имаше во изборните процеси кај нас. Првпат една група граѓански организации, во случајов зелени, јавно застана зад една значајна тема со цел да се отпочне процес на подигање на значењето на тие прашања во идните процеси на локална демократија. Очекувам дека во иднина и други граѓански групации, кои застапуваат различни прашања, ќе ги искористат изборите како добар момент за поактивно застапување на своите интереси. Што се однесува до нас, ова е само почеток на еден долг процес на активно влијание на зелените организации во политичките процеси на локално ниво.
Во Скопје граѓаните го коментираа инцидентот создаден при обидот да влезете на конвенцијата на Ристо Пенов во МНТ, претпоставувам дека има реакции за одредени активности и во другите делови во Македонија. Во колкава мера формите на дејствување беа увезени како веќе проверени искуства, а во што членовите на РГПЛИ беа “свои на свој терен”?
Методија Саздовски: Сакавме да направиме некои материјали и активности кои ќе бидат несекојдневни и ќе остават впечаток кај публиката. Секоја организација најразлично ја манифестираше желбата за подобра животна средина. Инцидентот во МНТ го решивме и го прекрстивме во недоразбирање со обезбедувањето. Организацијата Еко-свест која работи на локалната кампања во Скопје ги изготви идеите, на необичен начин да се прикаже незадоволството од состојбите во животната средина. Тие сакаа да присуствуваат на трибината во МНТ на Ристо Пенов облечени во најлонски кеси и со пароли на кои пишуваше “Дали најлонските ќеси се подобра замена за птици” и “Што со опасниот отпад”, меѓутоа беа избркани од обезбедувањето. Во Холидеј ин на трибината кај Трифун Костовски присуствувавме во хемиски комбинезони и гас-маски прикажувајќи ја актуелната состојба со воздухот во градот. Вакви активности Гринпис и други организации спроведува насекаде во светот и тоа е секојдневие, меѓутоа и одлична сторија за новинарите.
Мартин Мартиноски: Идејата беше да се внесе еден поинаков демократски пристап во застапувањето на одредено прашање и тоа активистите на Еко-свест и РГПЛИ го направија одлично. Тоа е секојдневие во развиените демократски држави, а кај нас допрва треба да се развива и применува. Значи, се работи за пристапи кои се веќе познати, се користеа искуства од слични кампањи и тоа е сосема во ред затоа што не можеме постојано да измислуваме топла вода. Сепак, сето тоа беше прилагодено на условите кои се кај нас и веројатно на крајот се доби резултат којшто има своја уникатност.
Што покажа пиењето еко-кафе со кандидатите за градоначалници? Се менува ли односот на македонските политичари кон претставниците на еколошките друштва, на зелените?
Методија Саздовски: Голем ефект се почувствува и од локалните кампањи. Кандидатите за градоначалници од Струмица и од Битола присуствуваа на настанот Еко-кафе организиран од локалните организации на кое ги претставија своите ставови кон екологијата. На сите кандидати им беа поставени прашања за пет клучни проблеми во градот, а тие пред локалните телевизии и посетителите ги кажаа своите идни решенија за истите. На кандидатите им беа понудени декларации со кои се обврзуваат дека доколку бидат избрани за градоначалници, активно ќе се вклучат во решавањето на проблемите во животната средина. Дефинитивно вербалната комуникација и препукувањето меѓу кандидатите за градоначалници не беше толку својствена во помалите градови. Тие присуствуваа на „Зелениот чај” во Пехчево и на „Зелената забава” во Берово и во Струга. Доколку некој од кандидатите мисли дека со тоа само си направил маркетинг, а нема намера да ги почитува обврските кон животната средина, мислам дека многу се лаже, со оглед на тоа што пред своето гласачко тело јавно се обврза за решавање на истите. Од присуството на еко-кафето и од професионалноста на граѓанските организации кои се јавија како организатори, сметам дека кандидатите видоа во нас професионалци и можни соработници на одредени проекти. Имаме примери од други градови каде што кандидатите за градоначалници контактираа со локалните граѓански организации, прашувајќи ги што е кампањата „Гласај за природата” и што треба да напишат во своите програми. Проектот започна со 7 организации, а на крајот 22 организации побараа да добијат материјали и да се вклучат во кампањата „Гласај за природата”.За да им помогнеме на идните градоначалници и на населението РГПЛИ испечати брошура под наслов „Надлежности на ЕЛС во делот на животната средина”. Во оваа брошура се напишани сите надлежности кои произлегуваат од новите закони во областа на животната средина.
Мартин Мартиноски: Мислам дека средбите покажаа еден отворен пристап од страна на политичарите кои полека почнуваат да ја разбираат улогата на граѓанскиот сектор, во конкретниов случај еколошките организации. Не можеме да очекуваме од политичарите да имаат познавања или интерес за сите прашања во општеството. За подобро да се разбере нивниот пристап треба да се погледне со нивни очи. Нивните главни пораки се однесуваат на прашањата за кои постои најголем интерес во јавноста, а тоа кај нас се економските прашања или подобро кажано егзистенцијалните прашања. Во тој контекст проблемите на животната средина им изгледаат далечни. На средбите се обидовме да ја промениме таа слика со тоа што ја објаснивме поврзаноста на прашањата од економската сфера со прашањата на животната средина и општествената добробит во целина, односно принципите на одржливиот развој.
Им верувате ли на предизборните ветувања? На кој начин ќе се одржувате будни во периодот кој следува, за да ги проверувате дадените ветувања?
Методија Саздовски: Во Македонија сме познати по многу неостварени ветувања и неодржливи проекти на државните институции. Кампањите на кандидатите се состојат само од ветувања. Никој од нив не даде план, стратегија и начин како ќе го оствари своето ветување. Планот на Работната група е да се преструкруира во лоби-сервис. Идејата е да се следи работата на новоизбраните градоначалници во полето на животната средина, да се лобира кај институциите и медиумите на национално ниво за одредени проекти од локален или национален интерес.
Мартин Мартиноски: Ова е клучното прашање и мислам дека не се работи за верување или неверување во предизборните ветувања. Се знае што се прави пред избори и по риболов. Од самиот почеток бевме свесни дека со спроведувањето на оваа кампања ние само го почнуваме процесот на влијание врз новите носители на локалната власт. Нивните надлежности за заштита и унапредување на животната средина се зголемуваат со процесот на децентрализација, меѓутоа не можеме да очекуваме дека проблемите ќе се решат преку ноќ. Она што е потребно е силна посветеност од сите вклучени актери и тука еколошките организации треба да ја одиграат клучната улога на постојани поттикнувачи на процесите за решавање на еколошките проблеми. Новите локални власти ќе бидат обврзани за вклучување на јавноста во носењето на клучните одлуки кои се однесуваат на прашања од животната средина. Тука еколошките организации треба постојано да го поттикнуваат граѓанскиот активизам, односно да се мотивираат граѓаните активно да се вклучат во решавањето на проблемите во нивните заедници. Исто така, со оглед на тоа што не постои доволно развиена експертиза во локалната администрација за примена на новата легислатива, еколошките организации со своите ресурси, знаење и капацитети ќе можат да дадат и конкретна помош во нејзината примена.
|