ПОГЛЕДИ: Марина Туневска-Јовановска
Приказните-точка каде што се среќаваат медиумите и граѓанските здруженија
Албанска верзија
Ако здруженијата на граѓани ја сфатат и прифатат својата улога на креатори на јавното мислење со помош на медиумите, тогаш тие се на половина пат до загарантираниот успех. А, за да се придобијат медиумите во остварувањето на таквата намера, потребно е да се научи да се комуницира со “нивниот јазик”.
Сум забележала, а убедена сум дека ќе се согласат и поголем дел од оние чие внимание го заслужува овој текст, дека кога некој се соочува со непознатото некои од првичните реакции се дистанцирањето, за потоа да не се исклучи и зајадливоста, упорната потрага по она што заслужува негативна критика, игнорирање и слично на тоа. Не знам дали токму поради ова погоре или заедно и со некои од другите причини што ќе бидат образложени низ овој текст, но неретко се забележува истото да се случува и на релација медиуми-здруженија на граѓани.
Звучи неубаво, но мора да се забележи дека граѓанскиот сектор знае да биде потиснат длабоко на агендата на медиумите. Исто како што медиумите често пати се потиснати на дното на агендата на дејствување на здруженијата на граѓани. За не многу сјајните односи најчестото оправдание се наоѓа во заемното барање одговорност од другата страна. А, најнепосакуваните, но сепак чести последици од овој сооднос, се ставањето на здруженијата на граѓани на листата на “прости извршители на волјата на донаторот и на оној кој стои зад сиот процес”, “пералници на пари”, а пак медиумите стануваат “гнили пера”, “трагачи по сензации”, “ориентирани само кон политика” итн. Бескорисно би било да се продолжи со составување листа од овој тип, бидејќи тоа ни најмалку нема да биде во прилог ниту на медиумите ниту на граѓанските здруженија. Да не заборавиме, постојат примери на успех во овие односи, но, за жал, тоа не е општата состојба, исто како што не е ни доволно да се смета дека постои основа за оптимизам кога се потпираме само на изолирани примери.
Одговорностите кај двете страни можат да пораснат, а кога велиме да пораснат, мислиме да достигнат ниво на задоволство и кај граѓанскиот сектор и кај медиумите, само доколку секој ја преземе сопствената одговорност. Ако здруженијата на граѓани ја сфатат и прифатат својата улога на креатори на јавното мислење со помош на медиумите, тогаш тие се на половина пат до загарантираниот успех. А, за да се придобијат медиумите во остварувањето на таквата намера потребно е да се научи да се комуницира со “нивниот јазик”. Преку тој јазик може да се кажат и покажат многу приказни кои ќе го свртат вниманието на оние на кои им се раскажува. А, таквите приказни нема да доаѓаат од Земјата на чудата, туку од реалниот свет на граѓанскиот сектор и за нив ќе биде потребна само мала инспирација и волја да бидат кажани и споделени. Од друга страна, ако медиумите правилно ја одиграат својата улога на проценители на добрата и инспиративна приказна и со добра волја отстапат простор за нејзино повторно оживување преку пишаниот или кажаниот збор, ќе се понудат многу пораки и идеи на кои ќе им биде благодарен токму оној за кого се наменети - граѓанинот. Нели главна мисија и на едните и на другите (медиумите и граѓанските здруженија) е да се допре до луѓето со добра порака?
Велат, медиумите ја поседуваат моќта. Да, кога зборуваме за избирање и пренесување на приказните и пораките, но таа моќ зависи, пред сe, од оние кои ги нудат и создаваат приказните. Сe додека овој заемен однос им е сосема јасен и на едните и на другите, основа за дистанцирање и несогласување нема да постои.
И медиумите и граѓанските здруженија можат да си бидат учители едни на други. Да научат што и како работат и во еден таков дух да си помагаат во остварувањето на своите определби. Тогаш со сигурност може да се очекува плодна соработка. Велејќи го ова, се потсетувам на една арапска поговорка: “Ако сте саделе кактуси, не очекувајте грозје”. Верувам дека многумина веќе ја составиле својата формула за успех и доследно ја почитуваат!
(авторот е дипломиран новинар)
|