концепти: РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА РОДОВИТЕ ПРАШАЊА ВО ПРОЕКТНИОТ ЦИКЛУС
Целната група во фокусот на вниманието
Раководењето со проектен циклус (РПЦ) подразбира контролирање на проектниот циклус, преку регулирање и набљудување на различните активности што се преземаат во секоја од фазите: индикативно планирање, идентификација, формулација, финансирање, спроведвуање, оценување. Во секоја различна фаза вклучени се различни актери, на пример, целна група, донатор, организација што го имплементира проектот, консултатни, итн., коишто имаат свои одговорности. За да биде еден проект успешно спроведен, најважно е, помеѓу другите работи, да биде ориентиран кон целната група. Ова значи дека проектот треба да ги третира приоритетите и проблемите на целната група и да биде прилагоден на социо-културната средина на целната група. Вклучувањето на жените и на други маргинализирани групи во овие проекти е од основно значење за постигнување одржлив општествен и економски развој. Ова значи, дека во текот на подготвителната фаза и при самото спроведување на проектот, посебно внимание треба да се посвети на насочувањето кон целната група. Искуствата досега покажале дека на овие прашања не им се посветува доволно внимание.
Ставот на Жените во развој (ЖВР) изграден како дел општиот пристап на родовите и развојот (РИР), посебно го нагласува односот помеѓу мажот и жената во рамките на даден социо-културен контекст и потенцира дека инвестирањето во женските капацитети е се’ уште потребно за да ја намали родовата нерамнотежа. Имплементацијата само на проекти како такви не менува ништо за жените, доколку третирањето на родовите фактори не започне од самото идентификување на проблемите и приоритетите за понатамошен развој. Еден родово чувствителен пристап бара истражување на односите помеѓу мажите и жените во општеството, земајќи ја предвид поделбата на трудот, и социо-културните ограничувања во секоја земја во однос на пристапот кон и контролирањето и управувањето со придобивките од даден проект. Во овој и во наредниот број ќе се задржиме на некои основни прашања што би требало да се постават во текот на различните фази на проектниот циклус.Ова е еден вид преглед на инструкции, но не обемен, за постигнување поголема родова рамнотежа во текот на сите фази на проектниот циклус.
Индикативно планирање
Индикативното планирање подразбира секторското и тематско фокусирање на една организација, за интервенција во специфична земја или регион, и е основа за планирање на идните активности. Вклучувањето на родовите аспекти може да се разгледува на две нивоа - на ниво на државна политика и на ниво на организација.
Кога станува збор за државната политика може да се постават следниве прашања за да се провери родовата чувствителност:
- Каква е позицијата на државата во однос на родовото прашање? Дали постојат официјални документи што ја дефинираат позицијата на национално ниво или во однос на специфични сектори?; - Дали постои воспоставена политика на работа и приоритети, во однос на секторите што се од директно значење за жените?; - До кој степен родот се зема само како аналитички концепт при дефинирањето на политиката: родово укажување на карактеристиките на мажите и жените кои се веќе општествено дефинирани?; - Дали постојат генерални документи, на пр. национални извештаи за развојните индикатори во земјата, и дали тие содржат посебни податоци за мажите и жените?; - Дали постојат разлики во мислењето помеѓу донаторот и владата или организацијата носител во земјата примач, во однос на фокусирањето на активностите на родовото прашање?.
На ниво на организација:
- Дали организацијата или организациите што го (ко)финансираат проектот посветуваат посебно внимание на родовото прашање и на кој начин го изведуваат тоа: нивниот концепт; вклопувањето на родот во сите теми и/или некои посебни упатства и препораки за поддршка на жените (што се однесува до целната група и нивната сопствена организација)?; - Какви мерки се предложени за реализирање на плановите во врска со родовата политика (внатрешни организации и во однос на целната група)?; - Дали постојат организации што работат на специфично женски прашања, како женски бироа или специјализирани НВО?
Фаза на идентификација
Идентификацијата претставува првично формулирање на идеите на проектот во однос на целите, резултатите и активностите, за да се утврди дали воопшто има потреба да се формулира проектот. Може да се спроведе и истражување за да се испита дали идејата за проект е изводлива. Во фазата на идентификација мора да бидат повикани целните групи за да ги изнесат своите проблеми, да дискутираат за нив и да ги постават своите приоротети.
Може да бидат поставени следниве прашања: - Дали се извршени доволно консултации со жените (од целната група) при дизајнот на проектот и дали на жените им бил даден простор за аргументирање исто како на мажите?; - Дали жените се експлицитно или имплицитно споменати како целна група?; - Какви потреби и можности постојат за зголемените: женска продуктивност и/или производство; пристап на жените до ресурси и нивна контрола; пристап на жените до добивките и нивна контрола; - Како овие потреби и можности можат да се поврзат со општите и секторските развојни потреби на земјата?; - Врз кои активности на жените/мажите влијае проектот: продуктивни, репродуктивни, одржување и/или социо-економските активности?; - Дали целите на проектот ги рефлектираат потребите на жените да имаат пристап и да ги контролираат ресурсите поврзани со нивните вообичаени улоги во оваа област?; - Кои се можните позитивни и негативни ефекти врз родовите односи во однос на идентификуваните интервенции (родова анализа на краткорочните и долгорочните последици)?; - Дали и порано имало слични обиди за такви интервенции и каков бил нивниот резултат? Дали оваа идентификација е изградена врз овие претходни обиди?
На ниво на организација:
- Која организација го има идентификувано проектот? Дали воопшто се знае за родовата чувствителност? Дали постои родова политика? Ако има, што вели таа? Ако нема, зошто нема?; - Кои други организации беа вклучени во идентификацијата на проектот и дали се познати по својата родова чувствителност ? - Дали планираната компонента е конзистентна со националната/регионалната политика во врска со родовите прашања?
Во следниот број ќе ви го презентираме вклучувањето на концептите на родовата еднаквост во фазите на формулација, финансирање и спроведување и оценување во проектниот циклус.
Подготвиле: Неда Малеска-Сачмароска и Фатмир Битиќи
|