РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА МИР И ПОМИРУВАЊЕ
Соработка на различните религии
Од 21 до 23 февруари, Македонскиот центер за меѓународна соработка беше домаќин на Регионална конференција на мрежата за мир и помирување, организирана од Конференцијата на европските цркви.
На Конференцијата учествуваа претставници на невладини организации (локални и меѓународни кои работат во регионот), цркви и религиозни групи од Албанија, Србија, Косово, Македонија, Босна и Херцеговина, Романија и Хрватска. Се дискутираше на неколку главни теми: дијалог и интеракција, медиуми и јавен сервис и едукација, а најголем акцент беше ставен на дијалогот меѓу религиите. На конференцијата, на која имаше околу 20 учесници, беше договорено мрежата натаму да функционира со дефинирање на насоките, што ќе бидат прецизирани на наредната средба во помал состав во Сараево, а една од можностите за делување е фондот што е обезбеден за поддршка на проекти на мрежата. Инаку, формирањето на Мрежата за мир и помирување е дел од иницијативата наречена „Екуменско партнерство за Југоисточна Европа”. Од оваа иницијатива на Светскиот совет на црквите, потекнуваат три приоритетни сегменти. Мир и помирување, е еден од нив, во рамките на кој се одржа Конференцијата во Скопје и чиј координатор е Конференција на европските цркви. Вториот сегмент е враќање на бегалците, а третиот јакнење на капацитетите на организациите. МЦМС е лидерска организација на третиот сегмент.
|