претставување: ЛОКОМОТИВА
Со полна пареа во нови уметнички иницијативи
Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата - „Локомотива“, е ново здружение на граѓани, кое Ќе делува во неколку области: визуелни и медија уметности, современ танц и менаџмент во уметноста.
„Локомотива“ е формирана, како што велат нејзините членови, „со цел да создаде простор и услови за развој на независната уметничка сцена, да интегрира млади уметнички потенцијали, да ги реализира новите иницијативи и идеи преку своите програми и активности во форма на едукација, продукција и презентација на национално и на интернационално ниво“.
Ателјето Локомотива танц, како посебен проект на ова здружение, веќе ја одржа првата работилница, а во наредниот период се предвидува да организира неколку работилници, видеотанц фестивал и претставување работи во прогрес на млади македонски танчери, во соработка со интернационални танчери и кореографи.
Целта на овој проект е да придонесе за развојот на независен простор за современ танц во Македонија. Ателјето Локомотива танц го сочинуваат шест танчери од Македонија, кои работат со пет танчери од Албанија, обучувани од кореографи и танчери од швајцарскиот Карамболе танц и театар компанија. Овој проект ќе се реализира со помош на Британскиот совет во Скопје, швајцарската културна програма во Македонија и Центарот за современи уметности од Скопје.
Покрај овој проект, „Локомотива“ планира и подготвува и други активности во кои Ќе дојде до израз креативноста и иницијативноста на младите уметници. На алтернативната уметничка сцена во Македонија, „Локомотива“ планира да настапи под „полна пареа“.
М.И.
|