АКЦИЈА ЗА ЗАШТИТА ОД СИДА
За безбедна љубов
На денот кој во многу држави се прославува како ден на вљубените – Свети Валентин (14-ти февруари), Македонската интеретничка асоцијација (МИА), во соработка со средношколската младина од Канцеларијата за борба против дрогата на град Скопје организираше еднодневна акција под наслов „Внимавај, срцето е кршлива работа – заштити го – СТОП СИДА”.
Акцијата беше поддржана од Амбасадата на Кралството Норвешка во нашата држава, а во неа учествуваа ученици од 12 средни училишта од Скопје кои се движеа низ централното градско подрачје и на граѓаните им делеа беџови и пораки за превенција од ХИВ/СИДА. Во скопските „трендовски” кафулиња „АХА” и „Каприкорн” беа одржани забави во знак на поддршка на акцијата, на кои исто така на младите им се делеа пораки и беџови. Како што ни рече д-р Весна Вељиќ-Стефановска од здружението МИА, оваа акција беше дел од повеќефазниот проект „ХИВ/СИДА и човековите права” кој е поддржан од норвешката Амбасада. Целта на проектот е интензивно да се дејствува на подигање на јавната свест за потребата од превенција на ширењето на оваа опасна болест во Македонија.
|