АКЦИЈА НА СОЛИДАРНОСТ
Помош на настраданите од земјотресот во Индија
- Скопје е симбол на меѓународната солидарност, која ја почувствува по земјотресот од 1963. Токму затоа, како и затоа што е роден град на Мајка Тереза којашто оствари нераскинлива врска меѓу Скопје и Калкута и меѓу Македонија и Индија, покренавме солидарна акција за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес во Индија. Акцијата ќе трае во текот на месец март. По апелот што го објавивме во дневните гласила, има голем одѕив од граѓаните – вели г. Стојан Тренчевски, претседател на граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза”.
Акцијата се одвива во соработка со надлежната амбасада на Индија за нашата држава, со седиште во Софија, а собраната помош ќе биде дистрибуирана до центарот за помош на настраданите во земјотресот, со седиште во Лондон. Како што вели г. Тренчевски, најпотребни се лекови, медицински и хигиенски материјал, како и парични средства. Инаку, граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза”, продолжувајќи ја милосрдната дејност на големата скопјанка, спроведува повеќе активности за помош на болните, старите и сиромашните. Една од активностите е грижата за старите лица. Во моментов, членовите на ова здружение се грижат за 26 стари лица од Скопје, преку постојани посети, набавка на храна и лекови, носење на прошетки, на лекар и слично. Исто така, честопати ги хранат и облекуваат уличните деца, ги носат дома и разговараат со нивните родители, им прикажуваат едукативни филмови. Со тоа, како што мисли г. Тренчевски, здружението го негува споменот и делото на Мајка Тереза.
|