ПРЕТСТАВУВАЊЕ
ОРГАНИЗАЦИЈА НА ЖЕНИ ДЕНИЦА Заштита на правата и интергритетот на жените
Невладината организација Деница од Радовиш е основана кон крајот на 1999 година со цел да се создадат услови за почитување на личноста на жената и нејзиниот интегритет, да се создаде целосна рамноправност на половите, да се унапреди положбата на жената во сите области од општествено-економскиот и политичкиот живот, да се елиминираат сите облици на насилство над жената и децата, да се интензивираат залагањата за мир, креирање на културата и мирољубивоста и ненасилството, да се зголеми работното ангажирање на жената во стопанството и другите дејности, да се афирмира културата на живеењето и да се презентира местото и улогата на жената во средствата за јавно информирање.
„Се здруживме за да ги заштитиме правата и интегритетот на жената”, ни изјави претседателката на „Деница”, г-ѓа Златка Чачарова. „Делувањето заедно ни овозможува поголеми изгледи за успех во целите што си ги поставивме”, додаде таа. Организацијата дејствува на подрачјето на општината Радовиш, како и на подрачјето на новите општини Подареш и Конче. Членките на здружението си поставиле пред себе една поопсежна програма која опфаќа соработка со локалната самоуправа, едукација за работа со жени-жртви на насилство, едукација за зајакнување на положбата на жената, сексуална едукација на девојките од руралните подрачја, едукација на жените и децата Роми, правна, психолошка и медицинска едукација на жената заради елиминирање на семејното насилство и уште многу други. „Деница е една од најактивните организации во општината”, рече г-ѓа Чачарова. „Потврда за тоа се и проектите што досега сме ги работеле. На пример, нашата организација беше вклучена во проектот на СОЖМ, „Политичко јакнење на жената”, Фондацијата „Борба против глад” ни го финансираше проектот „Хигиена, а си уште работиме на проектот „Ран детски развој” што финансиски го поддржа УНИЦЕФ. Работевме на уште два проекти финансирани од МЦМС, „Психолошка, медицинска и правна помош на жени и деца, жртви на насилство” и „Сексуално воспитување на женските деца од руралните средини”. Освен тоа, Деница организираше и неколку трибини на тема „Семејно насилство и борба против него”, заврши г-ѓа Златка Чачарова. Г.Јаковлевска
|