ЕКО-АРТ
Креации од отпад
Еко-арт е млада (формирана е во септември минатата година) и специфична невладина организација од Скопје. Основната цел на здружението е подобрување на образованието воопшто, а посебно во делот на екологијата, фолклорот, културата, како и да понуди образование кое не може да се стекне во нашите едукативни институции - менаџмент, маркетинг, комуникациски способности.
Јавноста првпат го запозна Еко-арт со еколошката работилница - нивниот прв проект.
- Еколошката работилница работи со деца до 14-годишна возраст. Извршивме обука во пет основни училишта и специјалното училиште за слепи "Димитар Влахов" во Скопје. Ги учевме децата како се рециклира хартија и како да изработат честитки и други предмети од неа. Истовремено, тие научија многу нешта и за вредноста на хартијата, нејзината употреба, за заштитата на животната средина - вели г-ѓа Емилија Дубарџиева, претседател на Еко-арт.
Еколошката работилница, која се наоѓа во скопската населба Тафталиџе (кај студентскиот дом "Гоце Делчев"), е место каде се собираат многу маалски деца кои тука корисно и на вреден начин го исполнуваат своето слободно време. Во работилницата ги учат како да направат креации од отпадните материјали - пластични шишиња, дрво, текстил, стара хартија, а преку тоа, и за вредностите на природата и потребата од заштита на животната средина.
Еко-арт спроведе и еден интересен проект во рамките на кој беше формирана група уметници-аматери кои работат на зачувување на традиционалната уметност, поврзана со фолклорот. Беа узработени повеќе уметнички сувенири што беа поставени на неколку изложби. Приходот од изложбите беше даден во хуманитарни цели. За Нова година, беа направени пакетчиња за децата на раселените лица во македонската криза.
Овие изложби, како и оние со креациите од отпадни материјали привлекоа големо внимание во јавноста. Последната продажна изложба на Еко-арт беше токму пред скоро време - на Велигден, 5 мај, во дворот на црквата Свети Архангел Михаил во скопската населба Автокоманда.
Еко-арт се финансира од Фондот за животна средина на Министерството за животна средина и просторно планирање, а добива помош и од други донатори (германски Каритас, ЦРС, МЦМС). За иднина планира нови активности - учество на меѓународниот натпревар Ројал авард во Данска, со детски цртежи на тема животна средина, еко-камп во Охрид и други.
М. Иванова
|