|
ONLINE VERSION |
|
PRINT VERSION |
|
Четврти „денови на граЃанските здруЖенија во Хрватска“
Учество на повеќе македонски организации и државни органи
„Рака под рака“ беше мотото на четвртите по ред Денови на граѓанските здруженија во Хрватска (Дани удруга 2003), кои се одржаа од 13 до 15 февруари годинава во Загреб. Гости на овогодишната манифестација беа претставници на граѓански здруженија од Словенија, од Унгарија и од Македонија. Во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка на Деновите на граѓанските здруженија учество зедоа претставнци од ПДАС „Меѓаши“, Здружението на единиците на локалната самоуправа, Фондацијата Институт отворено општество - Македонија, Католичките служби за помош (ЦРС), Институтот за трајни заедници, Министерството за правда, Управата за јавни приходи и МЦМС. Тридневната манифестација во Конгресната сала на загребскиот велесаем, ја посетија околу 2.000 лица.
Поддршка од Владата
За разлика од кај нас, оваа манифестација се одржа под покровителство на Одделот за граѓански здруженија при Владата на Република Хрватска, основан во 1998 година со иницијатива на Владата. Бидејќи државните органи не можат да се прошират до сите пори на општествениот сектор, тие дошле до заклучок дека невладините организации можат да бидат нивни партнер во ублажувањето или во решавањето на проблемите во државата.
На овааа манифестација учествуваа 217 организации од Хрватска, чии проекти или програми биле финансиски поддржани од страна на Одделот за граѓански здруженија во текот на 2002 година. Инаку, во Хрватска се регистрирани 22.150 здруженија на граѓани, но само околу 2000 се активни. На манифестацијата, освен изложбениот и едукативниот дел, беше одделен простор и за форумските настани каде што се дискутираа теми значајни не само за невладиниот сектор, туку и за целото општетсво во Хрватска. Би ги издвоиле темите „Изработка на стратегија за развој на граѓанското општество во Хрватска“, „Вовед во европските интеграции“, како и темите од проектите на ЦАРДС (ЦАРДС). На темите „Организирањето на цивилното друштво во процесот на придружување на ЕУ“ и „Облици на соработка на владата и невладиниот сектор – искуствата на Словенија, Унгарија, Македонија и Хрватска“, учество зеде и Сашо Клековски, извршен директор на МЦМС.
Соработка за успех
Марија Болтек, советничка за програмски активности и информации во Одделот за граѓански здруженија, ни изјави дека годинава, како и минатата, од буџетот на Република Хрватска се издвоени 2,5 милиони евра за поддршка на НВО. Програмите или проектите кои се финансираат се од полето на човековите права, социјалната политика, ублажувањето на сиромаштијата, поддршката на децата и младите, демократизација и развој на цивилното општество, здравството, заштитата на животната средина и на културното богатство.
„Одделот за граѓански здруженија рапишува конкурс за програми и проекти. Здруженијата на граѓани ги доставуваат нивните програми или проекти до надлежните министерства. За сите подрачја има посебни одбори коишто ги доставуваат предлозите до Советот за развој на цивилното општество, а потоа до Владата која ги верификува резултатите. Одделот за граѓански здруженија во текот на годината врши евалуација и набљудување“, ни рече Марија Болтек.
Инаку, сега се работи на трансформација на Одделот во Национална фондација за развој на граѓанското општество, а во соработка со ИНЦЛ се подготвува закон за фондации.
На крајот на манифестацијата беа доделени признанија на претставниците на медиумите за доследно следење и информирање на јавноста за работата на организациите од цивилното општетсво во Хрватска.
Се надеваме дека ваквата улога на државата за развој на цивилното општетсво и начинот на финансирање ќе се примени и кај нас, поаѓајќи од фактот дека невладините организации во Македонија во голема мера зависат од странските донатори, а локалните невладини организации можат да бидат од голема корист на државата во решавањето на многу проблеми кои се појавуваат во нашето општество.
„Рака под рака“, ќе бидеме посилни и единствени.
|
|
|
|
|