НВО И СИРОМАШТИЈАТА
Мобилизирање на знаењето и на искуството
“Улогата на НВО во решавањето на проблемите на сиромаштијата” е наслов на секторскиот панел што се одржа во рамките на НВО Саемот, на 29.10.2002 година. На овој панел, на кој претседаваше Бехиџудин Шехапи, воведничари беа Васе Давалиев, ЦРС, Денис Бошковски, Канцеларијата на Светската банка во Скопје, Мухамед Точи, “Месечина” и Димче Митрески, МЦМС.
Димче Митрески во своето воведно излагање нагласи дека НВО треба да мобилизираат локално знаење и ресурси, да лобираат за поактивна вклученост на сите вклучени актери и да ги охрабруваат луѓето сами да си помогнат. Притоа, од исклучително значење е поактивната улога на државата, но не секогаш низ призмата на социјална помош. Васе Давалиев информира за целите, резултатите и кредитните услови на Хоризонти, која се стреми да стане самоодржлива институција за обезбедување кредитна поддршка на посиромашните групи, особено жените преку примена на принципот на солидарна гаранција.
Денис Бошковски истакна дека Светската банка во Македонија го поддржа изготвувањето на Стратегијата за намалување на сиромаштијата, чија цел меѓудругото е и постигнување консензус за приоритетите. Еден од клучните елементи во тој процес е соработката со НВО. Мухамед Точи се задржа на проблемите на сиромаштијата во образованието, вработувањето и инфраструктурата посебно во однос на ромските заедници. “Постојат проблеми во охрабрувањето на ромската популација да се вклучат и задржат во образовниот систем, што понатаму раѓа други социјални проблеми”, нагласи тој. Во дискусијата која се разви, Сашо Клековски истакна дека пристапот кон сиромаштијата не треба да биде од аспект на тоа како да се задоволат потребите, туку како да се обезбеди пристап до дистрибуцијата на богатството, односно како се носат одлуките за приоритетите.
Весна Ристовска се согласи дека не треба фокусирање само на хуманитарна помош, туку се повеќе на знаење и праша како Светската банка придонесува за економскиот развој на заедниците.
|