ПЛЕНАРНА СЕСИЈА
Развој на локалните НВО
Пленарна сесија на тема “Прашањата на развојот на локалните НВО и предизвиците на балансиран регионален развој” (одржана на 30.10.2002 година на НВО Саемот), со која претседаваше Славица Инџевска, предизвика бурна дискусија по поведот на Д-р Весна Стојановска од Економски институте, Аце Коцевски, градоначалник на општина Велес, Херберт Шмит, шеф на Канцеларијата на Швајцарската агенција за соработка и развој, Бајрам Сулејмани, претседател на ЕД “Натира”, с. Липково и Јута Булинг, програма менаџер во ЕАР.
Весна Стојанова истакна дека непостоењето на регионална врамнотежена стратегија на ниво на РМ, води кон дебаланс на три нивоа: меѓу Скопје и останатите региони, меѓу урбаните и руралните региони и мултиетничките и еднонационалните средини. Меѓу мерките за надминување на овие слабости, таа смета дека треба да се обезбеди пристап до информации до сите НВО, но и ЕЛС заради взаемна координираност; организирање на ресурсен центар за НВО и друго. Аце Коцевски смета дека општината не треба да финансира плати туку развојни проекти на НВО, а НВО треба да ја развиваат демократијата, граѓанските права, департизацијата на општеството и да обезбедат локално финансирање од страна на бизнис групите. Според Херберт Шмит, донаторите треба да ги поддржуваат НВО, но не премногу. НВО треба да се координираат со политичките авторитети, а во процесот на децентрализација, тие можат да обезбедат комуникација со населението и консултација со локалните власти преку заеднички проекти. Бајрам Сулејмани ја истакна улогата на НВО во организирање на рационалното искористување на ресурсите и во обезбедување на алтернатива за разрешување на конфликти, а Јута Булинг истакна дека ЕУ го свртела своето внимание кон НВО секторот во земјата, особено преку програмата ЦАРДС на ЕАР. Оваа програма обезбедува поддршка на демократијата и владеењето на правото во земјата преку развој на граѓанското општество и подобрување на меѓуетничките односи. Таа информираше дека ЕАР ќе го продолжи позитивното искуство на ФИООМ со ресурсните центри за поддршка на НВО со отварање такви во уште осум региони во земјата. Беше заклучено дека НВО треба да заземат важна улога во балансирање на регионалниот развој на земјата, преку активна соработка со локалната самоуправа, координација на активностите помеѓу самите НВО, органите на власта и донаторите, интерно стратешко планирање, обезбедување на информации, и почитување на културните разлики, без затворање во национални рамки.
|