БРЕЈН ДРЕЈН
Да се спречи одливот на мозоци
„Брејн дрејн„ (Brain Drain) е база на податоци за сите граѓани на Република Македонија кои: своите студии (додипломски, постдипломски или докторски) ги завршиле во високостручни институции надвор од земјава, и/или кои во моментов се работно ангажирани во странство, а своето високо образование го стекнале во Република Македонија„ - ова може да се прочита на лифлетот издаден во рамките на проектот „Брејн дрејн„ што го спроведува Фондацијата Институт отворено општество - Македонија.
Целта на овој проект, единствен од тој вид во Македонија, е да се води евиденција за интелектуалниот капацитет на македонските граѓани, претежно помлади, кои можат да се подведат во категоријата „одлиени мозоци„. Базата на податоци ќе содржи информации за степенот на образование, стручните способности и професионалното искуство. Оваа база ќе биде ставена на располагање на сите македонски институции, странски претставништва и амбасади кои се заинтересирани за кадар од одреден профил и искуство. ФИООМ, со цел да го спречи одливот на мозоци од нашата држава во странство, организира систем на различни проекти чија цел е поддршка на нашите кадри од странство во нивното враќање во Македонија.
Проектот има и веб-страница на која заинтересираните можат да ги пријават своите податоци. Нејзината адреса е: www.braindrain.org.mk. ФИООМ ги повикува сите кои на некој начин дел од своето образование го стекнале во странство да се пријават и да ги внесат своите податоци во оваа база. Тие податоци ќе им користат на ФИООМ за реализирање на идните проекти и на сите македонски институции коишто се заинтересирани за ангажирање стручни кадри. Тоа истовремено ќе значи можност во Македонија да бидат имплементирани странски искуства, практики и знаења.
М. Иванова
|