АМБАСАДА НА КРАЛСТВОТО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА
Помош во процесот на транзиција на Република Македонија
Британската влада промовира политичка и економска соработка, како и поттикнување на развојот во светски рамки. Таа настојува да го помогне процесот на транзиција во Република Македонија на начин кој ги промовира и кој ги почитува правата и интересите на сите луѓе. Преку Британската амбасада во Скопје, британската влада воспоставува соработка со македонската влада и со приватниот и невладиниот сектор, во насока на поттикнување на развојот што би ја зголемил благосостојбата на земјата и на нејзините граѓани.
Основната билатерална поддршка се обезбедува преку Министерството за меѓународен развој (ДФИД) врз основа на договорена Стратегија за поддршка, која обично се изработува за период од три години. Во моментов програмите/проектите за Република Македонија се засновуваат на времена Стратегија за поддршка која во најскоро време треба да биде развиена во целосна Стратегија. Во фокусот на сегашната билатерална програма се следните области: Ефективно планирање на политиката од страна на Владата, заради спроведување сеопфатна програма за реформи; Зголемен капацитет на Владата и останатите сегменти на граѓанското општество за дизајнирање и за спроведување праведна социјална политика; Воспоставување одржливи структури за поддршка на мали и средни претпријатија; Зголемен капацитет за извршување меѓународна трговија.
За да се остварат резултати во овие области, ДФИД поддржува повеќе билатерални проекти кои вклучуваат: Реформа на јавната администрација; Обука на претставници на македонската влада во однос на прашања поврзани со Европската интеграција, посебно прашања кои се предмет на Договорот за стабилизација и асоцијација; Помош на Владата на РМ во претседавањето со Работната група за либерализација и унапредување на трговијата; Поддршка на развојот на служби за совети и информации на граѓаните преку соработка со локални партнери; Институционална поддршка на Работната група во Република Македонија која работи на развој на Стратегијата за намалување на сиромаштијата; Развој на агенции за поддршка на мали и средни претпријатија во Тетово, во Гостивар и во Охрид.
Британската влада исто така одговори на потребите за хуманитарна помош која се додели преку Секторот за хуманитарни работи во рамките на ДФИД.
Во дополнение на основната билатерална програма, британскиот Форин офис и ДФИД, преку Британската амбасада во Скопје, обезбедуваат помош во вид на мали грантови за одржливи развојни проекти. Досега се финансирани голем број проекти кои се имплементирани од страна на локални невладини организации/останати институции во целата земја. Овие проекти се насочени кон промовирање на владеењето на законот; пристап до права, знаење и информации; подобрување на условите за лицата со посебни потреби; зголемување на капацитетот на невладиниот сектор; подобрување на социјалните услуги, зголемување на меѓуетничка толеранција, мониторинг на изборите од страна на граѓаните итн. Британската амбасада ќе продолжи со поддршка на развојот на Република Македонија.
|