Вовед
Со полна пареа
Месецот што изминува беше преполн со случувања организирани од граѓанските здруженија што работат во Македонија. Иако јуни вообичаено е вовед во жешкото лето кога температурите што се искачуваат и до 40 степен ги умртвуваат речиси сите активности, овој пат тоа не е случај.
Речиси во секој од секторите во кој работат граѓанските здруженија имаше по некој значаен настан. Еколошките организации ги доделуваа гнилите и зелените јаболка, симболично упатувајќи порака до загадувачите и до оние кои придонесуваат за зачувување на животната средина; организациите на жени ја започнаа, или подобро речено ја интензивираа кампањата за учество на жените во политиката; здруженијата на новинарите и медиумите на посебни трибини ги бараа одговорите за градење доверба во медиумската заедница во Македонија и ги продолжија обуките за новинарите; продлжија и обуките за членовите на здруженијата: разрешување конфликти, институционален развој и организациско јакнење итн.
Еден дел од здруженијата на граѓани во јуни најавија дека ќе се занимаваат со изборите, некои од нив ќе се ограничат на набљудувањето на изборниот процес, додека други активно ќе учествуваат во мотивирањето на граѓаните да го искористат своето право на избор и глас што им го дава Уставот.
Навистина не се навестува намалување на интензитетот, активностите одат напред со полна пареа.
На крајот уште еден настан што го одбележа месецот. На три граѓански организации, една локална самоуправа и една компанија им беа доделени награди за граѓанско општество и демократија и награди за одржлив развој. МЦМС, со желба да ги поттикне позитивните модели во граѓанското општесто и во одржливиот развој и да ја пополни празнината неопфатена со која било од традиционалните награди оваа година на Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, на Хуманитарното и одбротоворно здружение на Ромите „Месечина” од Гостивар и на Градот Скопје им ја додели Наградата за граѓанско општество и демократија, а на Комуна АД и на Полио плус им ја додели наградата за одржлив развој „Херт Јан ван Апелдорн”.
Гонце Јаковлеска
|