ТЕМА ЗА ДЕБАТА
Зошто ни е потребен НВО саем?
Прашањето кое го поставуваме на ФОРУМ-от на „Граѓански свет” во овој број, се однесува на еден планиран настан - Саемот на НВО, кој се востанови минатата есен, со интенција да прерасне во традиција. НВО саемот минатата година ги надмина очекувањата на повеќемина - тој покажа извонредно богатство на невладини организации, проекти, активности, продукти. Тој исто така претставуваше и форум за дискусии на различни теми, а беше посетен не само од невладиниот сектор и од медиумите, туку голем интерес за него покажаа и државните органи.
Навраќајќи се на тој настан, а во очекување на идниот, овогодишниот НВО саем, Ви го поставуваме прашањето кое се однесува на потребата и значењето на оваа манифестација. Вашите одговори и размислувања на оваа тема можете да ги доставувате на ФОРУМ-от на веб-страниците на „Граѓански свет”: www.civicworld.org.mk и www.graganskisvet.org.mk . За почеток, претставуваме неколку размислувања на оваа тема:
Даниела Стојановска, ДЕМ: НВО саемот е многу важен за работата на невладините организации. Пред сe, заради нивното поврзување и запознавање на многубројните невладини организации во Македонија, како меѓусебно, така и со донаторите, со владините органи, со бизнос-секторот и се разбира, со граѓаните.
Иван Додовски: Живееме во радикално партизирано општество. Има луѓе кои, за жал, мислат дека е тоа нормално и дека партијата треба да биде единствениот видик на граѓанинот. НВО саемот може да помогне да се урне таа заблуда, истакнувајќи ги можностите и предизвиците на граѓанското делување. Покрај тоа, НВО саемот е и средство за демистификација на сите клевети против невладиниот сектор, кои во последно време стануваат се пожестоки.
Грамос Шабани, МЦМС: Саемот на НВО е вистинско место каде граѓаните на лице место можат да се запознаат со активностите на невладините организации од земјата. Исто така, тоа е место каде се разменуваат мислења и идеи меѓу самите невладини организации.
--------------------------------------------------------------------------------
ОД МИНАТОМЕСЕЧНАТА ДЕБАТА
Дали НВО треба да се вклучат во активности поврзани со изборите?
Минатиот месец начнавме едно прашање кое денеска претставува вистинска топ-тема: Дали НВО треба да се вклучат во активности поврзани со изборите? Ги претставуваме размислувањата на неколку лица активни во невладиното движење:
Билјана Бејкова, Евро Балкан: Одговорот е дефинитивно – да. Невладините организации треба да бидат вклучени во изборниот процес, но во функција на граѓаните, а не на политичките партии. Граѓаните треба да бидат запознати за своите гласачки права, треба да бидат информирани и едуцирани, а ако правата им се прекршени, треба да знаат каде да се обратат – а тоа се функциите кои во изборниот процес ги преземаат невладините организации.
Пеце Талевски, ОХО: Секако, инаку која е смислата на невладиното организирање? Не ни вреди залагањето за правата на кучињата-скитници, ако немаме демократски избори.
Нијази Асановски: Мое мислење е дека НВО треба да земат учество во изборните активности, заради спречување на разните манипулации од страната на политичките партии и загрозување на граѓанското право на глас. Пред 4 години голем број граѓани беа изманипулирани - присилени или поткупувани да гласат.
|