НВО САЕМ - 3 ФОРУМ НА ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО ВО МАКЕДОНИЈА
Невладиниот сектор станува се’ повидлив и попривлечен за граѓаните
Саемот го посетија над 10.000 граѓани, од кои 2.500 организирано пристигнаа од внатрешноста на земјава Катерина Богоева
Со цел да придонесе кон јакнење на институционалниот капацитет на граѓанските организации во земјава, годинешниот НВО Саем - 3 форум на граѓанското општество во Македонија, широко ги отвори вратите за сите кои во периодот на одржувањето 20 - 22 ноември дојдоа на Скопскиот саем. Над 10.000 граѓани го посетија изложбениот дел каде на 135 штандови се преставија 205 граѓанскио организации од сите можни граѓански сектори, а за прв пат меѓу нив се најде и Секторот за европски интеграции на Владата на Република Македонија, но и неколку фирми кои придонесуваат за алтернативниот општествен развој. Организиран од страна на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Фондацијата Институт отворено општество - Македонија и Институтот за трајни заедници, со поддршка од Данската црковна помош (ДЦА), Европската агенција за реконструкција, Владата на Република Македонија и Македонската информативна агенција (МИА), тој ја исполни поставената цел, создаде простор за размена на искуства и поттикнување на меѓусебното разбирање и почитување на граѓанските организации, поттикнување поголем дијалог, зголемување на комуникацијата и соработкатата, но и на информираноста на јавноста и другите актери за активностите на граѓанските организации. Саемот ја овозможи очекуваната размена на информации меѓу домашните и петнаесетте организации кои го претставуваа регионот - организации од Црна Гора, од Турција, од Словенија, од Косово и од Бугарија.
Форумските активности годинава се проширија
Минатогодишните позитивни искуства добиени од одржувањето на форумските активности годинава влиаеја нивниот број да се зголеми. Беа организирани 48 панели, форуми, тркалезни маси, едукативни сесии од кои само 4 беа организирани од страна на организаторите на Саемот, а останатите беа во организација на другите учесници. Паралелно со текот на форумскиот и изложбениот дел од активностите, се одвиваа и социо-културни настани. НВО Саемот иницира дискусии, од него се извлекоа низа констатации, но и можни решенија за повеќе прашања коишто го засегаат не само невладиниот сектор, туку и општеството во целина. Мобилизацијата на граѓанското општество, состојбата со јаловиштата како ризик за животната средина, правното регулирање на слободниот пристап до информациите, привлечноста на интеграциите, предизвиците кои ги нуди на информатичкото општество и улога на НВО, дилемите “глобализација или одржлив развој за Македонија”, културните ресурси како можност за локален развој, одржливоста на граѓанскиот сектор и алтернативните можности за финансирање, прашањата поврзани со децентрализацијата и локална демократија, насилството врз жените како пречка за постигнување реална еднаквост, патиштата за стратегија за дијалог и соработка меѓу државата и граѓанскиот сектор - беа дел од темите што испровоцираа доволна посетеност и интерес за учество на преставници на секторот НВО, стручни лица од различни професионални области, претставници на државните органи, на политичките партии и иституции, на медиумите.
“Овозможениот простор за дебатирање, е позитивно искуство. Тој произлезе од граѓанската потреба која се’ уште не е реализирана во целост” – потенцира, меѓу другото, извршниот директорот на МЦМС Сашо Клековски, за кого презентацијата на најразлични организации од сите сектори е од голема важност, поради проширување на хоризонтите, што всушност претставува граѓанска организација денес.
Организациите, секоја со својот репрезентативен материјал, покажаа кои се нивните досегашни проекти, на што работат, кои се нивните идни планови за унапредување на граѓанското општество. Широкиот простор за презентација три дена беше исполнет со бои, џагор, музика, со детски игри, но и со теми за кои говореа возрасните, во име на сите.

Секотор НВО има потреба од презентирање и информирање
“Во пракса се покажува дека на јавноста и’ се потребни повеќе информации за тоа што всушност работат невладините организации. Постојат низа дезинформации за нивната работа. Изложбениот дел на саемот покажува дека НВО не бегаат и дека презентирањето го сметаат за битен дел на својата активност. Едукативните сесии покажаа дека НВО не се срамат од тоа дека процесот на учење нема крај” - истакна директорот на Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, Владимир Милчин. Првиот човек на Институтот за трајни заедници, Пол Паркс, саемот го виде како можност за согледување соработка на секторот НВО со јавниот и со приватниот сектор.
“Невладините организации треба да помогнат во градењето на граѓанското општество, но и да ја зголемат својата транспарентност”. Европска агенција како поддржувач на саемот го потенцира фактот дека годинава поддршката ја темелат на сознанијата дека граѓаните го шират својот интерес за алтернативни решенија.
Констатации, препораки, укажувања, сугестии
Отворената можност да се презентираат личните ставови и согледувања, но и ставовите и согледувањата на организациите, државните институции во чиешто име говореа учесниците стереотипите и потребата од размена на информации од секаков вид, а вниманието беше свртено и на актуелната потреба од поголема безбедност на новинарите. На панелите беа предочени низа аномалии присутни во процесот на реформата на јавната администрација, укажано е на потребата од поголема одговорност во заштита на животната средина, од правно регулирање на волонтерскиот ангажман, но и од разјаснување на меѓусебните очекувањата на секторот НВО и државата, во градење заедничка стратегија за дијалог и соработка.
 Панел
Глобализација или одржлив развој
“Македонија се’ уште нема изградена стратегија за одржлив развој, ниту пак има формирано национален совет”, истакна Маргарита Матлиевска од Минстерството за животна средина и просторно планирање на панелот на темата “Глобализација или одржлив развој”, органзиран до страна на РЕЦ. Проф. д-р Љупчо Групче од Македонското еколошко друштво посочи дека одржливиот развој не може да се постигне само на национално, туку подразбира грижа и на локално и меѓународно ниво, а присутните укажаа на фактот дека во земјава нема кадри за проучување и имплементирање на овој нов приод кон решавање на проблемите од животната средина.
Саемот го видоа 2.500 граѓани од внатрешноста на земјава
Годинава на НВО Саемот со организиран превоз пристигнаа 2.500 посетители од различни делови на земјава. Со тоа, оваа значајна манифестација на секторот НВО се приближи до граѓаните и надвор од главниот град.
Најдобро презентирани НВО
Според спроведената анкета меѓу посетителите, за најдобро презентирани НВО се избрани “Меѓаши” и “Македонските волонтери за акција” од Скопје, “Синергија” од Штип и “Сојузот на извидниците на Република Македонија”. Наградени се со обуки и книги.

Панел дискусија
Резинтеграција и ревитализација на конфликтните подрачја
На третиот ден од одржувањето на НВО Саемот, во рамките на панелот “Резинтеграција и ревитализација на конфликтните подрачја” беа презентирани главните наоди и препораки произлезени од студијата изработена од Македонскиот центар за меѓународна соработка со поддршка на Холандската амбасада. Иако не е целосно комплетирана, таа нуди оценка на состојбата на враќањето на раселените лица и ревитализација на поранешните кризни подрачја. Меѓу другото, се препорачува: како позитивни примери да се поддржат заедниците што живеат во селата што се наоѓаат во околината на директно погодените подрачја од кризата во 2001 година; да се задржи фокусот на внимание на конфликтните подрачја, наспроти другите; генерирање на локалните развојни планови; поактивна улога на Владата во координирање на развојните планови и нејзина поголема видливост со развојна помош во поранешните конфликтни подрачја; интензивирање на улогата на локалната самоуправа во функција на градење доверба, во економскиот развој; подобрување на сместувањето на раселените лица; ревизија на политикатата “за спречување на етничкото чистење” и овозможување на луѓето да изберат каде сакаат понатаму да живеат со определен надомест за штета. “Треба да се балансира во однос на чувствата на Македонците за загрозеност и на Албанците за маргинализираност” - е една од препораките на студијата, која во оваа прилика ја презентира Александар Кржаловски, координатор на програма во МЦМС. За Елизабета Баковска, претставничката на Холандската амбасада “проблемите на безбедноста, невработеноста, малцинствата (каде што малцинство се и оние кои се малцинство на регионално ниво, жените или младите), се проблеми кои се однесуваат на Македонија како целина и треба да им се пристапи како на такви”. Таа ја потенцира неопходноста Владата да преземе водечка улога на координатор и да биде повидливо присутна во заедниците што директно или индиректно се погодени од конфликтот во 2001 година. “Тоа е следниот природен чекор во целокупниот процес за ревитализација и реинтеграција на Македонија во целост” - истакна Баковска
|