ФОРУМ
ДАЛИ РАБОТИМЕ ТРАНСПАРЕНТНО?
Овојпат, за Форумот на “Граѓански свет” ја избравме темата “транспарентност”, која веќе подолго време е актуелна и во светот на политиката, и на економијата. Ве прашуваме и ве повикуваме на искрени, па и самокритички одговори на прашањето: Дали работиме транспарентно? Дали невладините организации се доволно отворени и дали се подготвени во секое време своите активности, финансии, проекти, информации, да ги прикажат отворено и јавно? Колку разменуваме информации за нашите активности? Колку отворено зборуваме за нив? Или пак, ги криеме под превезот на “доверливоста”, плашејќи се од конкуренција, злоупотреба или нешто друго?
Ве повикуваме вашите одговори да ни ги доставите на отворениот Форум на веб-страниците на “Граѓански свет”, на веќе добро познатите адреси: www.graganski svet.org.mk и www.civicworld.org.mk. Притоа, ве молиме да го напишете своето полно име и презиме, а доколку сте член на некоја невладина или друга организација, да го наведете и нејзиното име. Ние, со цел да ја поттикнеме оваа форумска дискусија, за мислење по ова прашање запрашавме неколку личности активни во невладиниот сектор во Македонија:
Бесим Небиу: За мене, транспарентноста има два аспекти: едниот е објавувањето на финансиските податоци на НВО, а другиот е објавувањето на резултатите и активностите на НВО. Мислам дека кај невладините организации од Македонија има напредок во однос на вториот аспект, има напредок во ширењето на информациите и објавување на резултатите од работата на организациите. Но, во однос на објавување на податоци за финансиското работење нема пракса, што влијае врз имиџот на невладините организации во јавноста. За мене ова е во директна врска со јавната перцепција на невладиниот сектор. Мислам дека е потребно не само да имаме добри практики, туку и да се подготви и одреден механизам на (само)регулација на овој аспект од работата на невладиниот сектор.
Биљана Стевановска, ОРТ: Генерално, според искуствата од досегашното работење во невладиниот сектор, мислам дека транспарентноста во однос на давање информации едни на други, не сме ја постигнале. Постои свест за соработка, но постои и страв од конкуренција. Во тој поглед, мислам дека постои нетранспарентност меѓу самите невладини организации. Од друга страна, мислам дека во однос на финансиското работење, НВО се повеќе транспарентни. Јавно се изложуваат информациите за грантовите, не се крие финансиската соатојба на невладините организации.
Росано Чолаков, Комаја: Нормално дека сме транспарентни. За Комаја, а мислам и за сите други невладини организации, транспарентноста е смисла на постоењето. Отвореноста кон луѓето и едни кон други, треба да биде основен начин на работа на сите невладини организации. Ние сме отворени за соработка и отворени за информации. Нашата транспарентност во изминатиот период сме ја покажале многупати, со јавни претстави, отворени активности, и со соработка со други невладини и владини организации низ разни проекти.
Од минатомесечната дебата
НВО И СИРОМАШТИЈАТА - ШТО МОЖЕМЕ ДА СТОРИМЕ?
Минатиот месец, на нашиот Форум беше отворено прашањето за улогата на невладиниот сектор во намалувањето на сиромаштијата. Ве повикавме да размислувате на кој начин невладините организации можат да дадат свој придонес во намалувањето на овој голем проблем со кој се соочува нашата држава. Што ние како НВО можеме да сториме? Ова прашање, како и сите претходни, е с$ уште актуелно на веб-страниците на “Граѓански свет”. Еве неколку размислувања на оваа тема:
Александар Кржаловски, МЦМС: НВО можат да помогнат во надминување на сиромаштијата, покрај другото, и со разни обуки (вклучувајќи и преквалификации) но и со јакнење на свеста кај сиромашните (заради блискоста на НВО со сиромашните како целна група) дека самите луѓе треба да направат многу повеќе за самите себе (од организација, преку мотивација, до практична активност).
Маја Глигоровска: Сиромаштијата е толку комплексен проблем, кој има и историска, и психолошка, и социјална, и етичка, и политичка, и многу други димензии, што не треба и не смее да & се остави да го решава само Владата. Во решавањето на овој проблем треба да се вклучат сите сегменти на општеството, граѓаните и невладините организации пред с$, се разбира покрај бизнис-секторот. Мислам дека невладините организации се многу добар пример за намалување на проблемот на невработеноста, која е еден од најважните аспекти на сиромаштијата. Многу луѓе успеаја да се вработат преку НВО, или пак, ако не се вработени постојано, успеваат да обезбедуваат некаква егзистенција. Мислам дека тоа е многу добро. НВО покажаа дека знаат како да пронајдат средства, како да дојдат до инвестиции, до донации, како да најдат работа! И тоа е нешто од што и владиниот и бизнис-секторот можат да учат од нив. НВО секторот знае како се водат проекти и како се работи по западните стандарди, бидејќи негови главни донатори се странски организации. Тоа искуство треба да се исползува за намалување на општата сиромаштија во државата - а тука мислам и буквално на сиромаштијата, но и на сиромаштијата на идеи, на духот, на разбирањето за современиот начин на работење.
|