„Унгарскиот закон од 1%“ и дали е апликативен во Македонија?
Воведувањето на унгарскиот закон е можно и очекувано
На г. Славко Лазовски од Секторот за даноци и даночна политика на Министерство за финансии, му го поставивме прашањето што претставува таканаречениот „Унгарски закон од 1%“ и дали е апликативен во Македонија? Еве го неговиот одговор:
„Сите земји во регионот на Централна и Источна Европа предвидуваат одредени бенефиции, вообичаено во форма на даночни намалувања, на донатори за прилози извршени во корист на граѓанските организации. Во тој правец, Унгарија, следена неодамна од Словачка и Литванија, изгласа таков закон, според кој треба да се назначуваат обврзниците дека 1% од нивните даноци треба да им се исплатат на определени НВО. Во Унгарија од 1996 година правните лица - даночни обврзници, назначуваат дека 1% од својот данок треба да се насочи кон некоја граѓанска организација, која најдобро ги остварува очекуваните цели и интереси на даночните обврзници. Даночната администрација, штом ќе ја прими определбата (даночната декларација - пријава) на даночниот обврзник, евидентира дека даночниот обврзник го измирил даночниот долг од 100% (за толку треба да следува и уплата), во буџетот усмерува 99%, а 1% ја префрла на сметката на некоја граѓанска организација, за која се определил даночниот обврзник. Се разбира, има и правила за граѓанските организации, како на пр.: која граѓанска организација може да се квалификува за оваа цел, а за да биде тоа технички лесно остварливо, секоја ваква граѓанска организација добива свој број, па, даночниот обврзник, само го впишува тој број во даночната пријава.
Со овој закон на граѓанските организации им беа исплатени 1.77 мулијарди ХФУ (околу 9 милиони УСД) во 1997 г., кога го искористија ова право 30% од унгарските даночни обврзници.
Словачка и Литванија веќе го прифатиле и го збогатиле ова искуство, а сигурно и многу други земји се подготвуваат во таа насока. Македонија треба да покаже дека има капацитет да фати приклучок и дека не е предодредена постојано да заостанува во даночните реформи. Врз основа на ова позитивно искуство, покрај другите неопходни измени во даночната рамка за граѓанските организации во Република Македонија, потребно е да се понудат решенија во посебен закон или како дополнување на постоечките прописи кои се исти или адекватни на т.н. „унгарски данок од 1%“.
Во суштина, не станува збор за воведување нов данок, ниту ново даночно оптоварување со зголемување на постоечките даноци, туку станува збор само давање право за даночно насочување, и тоа на оној кој го плаќа данокот. Ова во голема мера ја зголемува прифатливоста на ова решение од страна на оние кои ги плаќаат даноците - граѓаните и претпријатијата. Исто така, ова решение е веќе поддржано од научната јавност во нашата земја. Од друга страна, доминантна е оценката дека нашата даночна администрација е на такво ниво, што без особено скапи подготовки и вложувања, успешно ќе го процесира „унгарскиот данок од 1%“.
Како би изгледало ова на „македонски начин“ и кои би биле придобивките? Без претензии на некои продлабочени оценки и пресметување на ефектите, потребно е да се изнесат некои веќе извесни работи. Најважната придобивка би била таа што нашиот даночен и буџетски систем би добиле нови карактеристики. За првпат на оној што плаќа даноци ќе му биде овозможено да го креира и буџетот којшто го полни, навистина на сосема мал дел, но сосема доволно да ги навести правците на натамошните промени. Некако веднаш се надоврзуваат прашањата за доследноста во остварувањето на одамна прокламираното буџетско начело на јавноста, правилното трошење на буџетските средства (или барем силно и правовремено реагирање на злоупотребите). А, добиваат и даноците - односот на обврзникот кон даноците се менува, а ова е поддржано од даночните власти ќе доведе до зголемување на наплатата на јавните давачки.
Од друга страна, реални треба да бидат и очекувањата на граѓанските организации, затоа што „македонското“ 1% од персоналниот данок може максимално да биде околу 75 до 100 милиони денари годишно. Во РМ даночните приходи од персоналниот данок во последните три години се следни: во 2000 г. - 10.789 милиони денари, во 2002 г. - 7.248 милиони денари, а во 2002 г. - 7.514 милиони денари. Со напомена дека ова „1%„ може да биде „1% + 1%“ итн. Но, она што е многу ветувачко, се добрите идни перформанси на персоналниот данок, неговите приходи ќе се зголемуваат со зголемувањето на вработеноста во земјата (затоа што околу 83% од овие приходи се врзани за платите), како и од зголемувањето на платите на долг рок. Генерално гледано во релативни односи, како што земјата ќе се издигнува во својот развој, така приходите од директните даноци ќе се зголемуваат, а ќе се намалуваат приходите од даноците на потрошувачката во идниот долгорочен развој.
Општо земено, воведување на „унгарскиот данок 1%“ во нашата земја е реално можно и очекувано, како едно значајно прашање во процесот на подобрување на даночната рамка за НВО, а во кој процес централно место треба да заземе воведувањето на институтот „организација од јавен интерес“ како главен стожер за кој би се врзале даночните поттикнувања на НВО во нашата земја.“
|