Latest edition Contact Order by e-mail
Editorial
Events
Civil society
Education
Culture
Women
Environment
Calendar
Cover story
Reportage
Interview
Research
Views
Presentation
Publications
History of the civil society
People
Mobilization of resources
Arhive
Home
NGO Fair
2005
Events
Photo Galleries
Arhiva
Archive
Perspectives
Organizational CV
Register of Civil Organizations in Macedonia
Contact






ONLINE VERSION
PRINT VERSION

  Тема

   

тема

НВО САЕМ ФОРУМ НА ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО ВО МАКЕДОНИЈА Добар ветер во нашите едра

Маријана Иванова

Околу 6.000 граѓани во неколкуте последни денови на октомври поминаа низ скопскиот хотел Алаксандар палас, за да го разгледаат НВО Саемот. Би додале, многу од нив дојдоа и за да се запознаат поблиску со еден општествен сегмент кој сe посилно се наметнува како фактор во нашата држава. Невладиниот сектор не е нешто ново во Република Македонија – тој се гради и се оформува веќе десетина години. Но, како и за повеќето нешта кои претставуваа новина, требаше да поминат неколку години “празен од”, чекорење в место, собирање сили, или како и да го наречеме, пред да успее да се етаблира како субјект кој треба и кој мора да се земе предвид во современото македонско општество. Невладиниот сектор во последните неколку години навистина успеа да се наметне како фактор кој сe повеќе станува партнер на владиниот и на бизнис-секторот. Тоа беше докажано и неодамна, за време на Парламентарните избори 2002, а потврдено деновиве, на НВО Саемот, одржан од 29 октомври до 1 ноември годинава.

Потврда за интересот

Бројот на посетители и бројот на невладини организации (200, домашни, регионални и меѓународни) кои учествуваа на Саемот укажуваат и на големината на секторот и на интересот што тој го предизвикува. Иако поголемиот дел од јавноста не го разбира суштинското значење на овој сектор, или пак го разбира на погрешен начин, крупната бројка на посетители покажа дека постои интерес нештата да се разберат, да се запознаат, да се навлезе во нив. А токму тоа – приближувањето на невладиниот сектор до пошироката јавност – беше и една од целите на НВО Саемот, реализирано успешно, според билансот на интерес што го предизвика.


НВО Саемот годинава се одржа по вторпат. Минатата година, по иницијатива на Македонскиот центар за меѓународна соработка, тој се спроведе во истата локација и во приближно истиот период, и беше оценет како успешен обид за промовирање на работата на невладините организации. Годинава беше направен еден чекор понатаму – освен изложбениот и едукативниот дел, беше одделен голем простор за форумски настани, на кои се покренаа и се дискутираа теми од клучно значење не само за невладиниот сектор, туку и за целата држава, поради што НВО саемот имаше и наслов Форум на граѓанското општество во Македонија.


Во форумскиот дел активистите во невладиниот сектор, претставниците на бизнис-секторот, на академските институции, на локалната самоуправа и на власта, разговараа на повеќе теми, како на пример: сиромаштијата, етиката во инвестициите и во новинарството, изборниот процес, балансираниот регионален развој, граѓанското образование, сузбивањето на корупцијата, враќањето на раселените лица, заштита на природата,

Проблеми, предизвици и перспективи


Какво е значењето на НВО Саемот и што  невладините организации по неговото одржување можат да понудат и да придонесат за општеството, освен тоа што ги  промовираа своите активности? Одговор на ова треба да дадат оние кои го следеа Саемот, но тоа се обидоа да го сторат и самите организатори. Изготвен е материјал во кој се претставени синтезата на оваа манифестација и се дадени одредени заклучоци и препораки.

Во овој синтетизиран материјал, идентификувани се следните проблеми, предизвици и перспективи со кои се соочува Македонија:

  • намалување на сиромаштијата, преку поддршка на образованието, вработувањето  и подобрувањето на инфраструктурата;
  •  сузбивање на исклучувањето од главните општествените текови, со развој на мултикултурното општество, родовата рамноправност, интеграцијата на лицата со посебни способности;
  •   владеење на правото, борба против корупцијата и организираниот криминал;
  •  поддршка на реформите во здравството, образованието, културата и пензискиот систем, кои ќе ги заштитат интересите на немоќните;
  • враќањето на мирот и сигурноста и поддршка за демилитаризација и разоружување на граѓаните;
  •  обновување на живеалиштата и грижа за внатрешно раселените лица до конечно решение;
  •  градење ефективни државни институции и локална демократија преку јакнење на капацитетите и јакнење на граѓанската партиципација во процесите на одлучување;
  •  поддршка за интеграција во Европската унија.

Придонесот на граѓанските организации

Притоа, вклученоста на граѓанските организации во процесот на надминувањето на овие проблеми треба да се заснова на следните принципи: интегриран пристап (проблемите и решенијата се меѓусебно поврзани и мораат да се третираат интегрирано и истовремено); приоритизирање според потребите и интересите на целните групи и нивна партиципација во сите фази на проектниот циклус; поттикнување самопомош за да се
избегне зависноста; почитување на достоинството и културата на целните групи; адресирање на проблемите низ прашање за фер можности и пристап, односно  решавање на причините, а не на последиците.


“Маргинилизираните групи не секогаш можат да ги согледаат причините за позицијата во која се наоѓаат – стои во овој материјал. Затоа е потребно нивно зајакнување за да се одредуваат приоритетите врз основа на причинско-последична анализа.


Затоа инегрираниот пристап може да се толкува на повеќе начини. Едно толкување е истовремено адресирање на повеќе различни проблеми. Второто толкување може да биде истовремено адресирање на еден проблем на повеќе места на причинско-последичната поврзаност. Тоа овозможува интегрирање на социјално-хуманитарниот, развојниот пристап и пристапот на застапување” – се вели во синтетизираниот материјал.


Во овој материјал, исто така, се претставени и принципите за соработка со другите актери во општеството. Како што се вели, очекувањата дека граѓанските организации треба да ги решат проблемите се нереални. Со проблемите можеме да се соочиме само сите заедно преку конструктивна соработка и партнерства меѓу сите актери во општеството. Придонесот на граѓанските организации треба да биде во можностите да се пронајдат креативни и ефикасни решенија.


Невладините организации треба да ги остваруваат следните видови соработка: трипартитна соработка; соработка со државниот сектор; соработка со приватниот сектор; соработка со донаторите (меѓународни извори на финансирање); и да остваруваат добри односи со јавноста.

Развој на граѓанското општествo

За развојот на граѓанското општество, се нудат повеќе насоки. Пред се, тоа е опфатот на граѓанското општество (во него, покрај стереотипното сфаќање на содржината на граѓанското општество, покрај невладините организации, треба да се вклучат и професионалните организации, синдикатите, црквите,  верските организации и медиумите). Потоа, тое е балансиран регионален развој (развој на граѓанските организации во малите градови, руралните подрчја); ориентацијата  спрема резултати (демонстрирање на резултати и влијание на состојбите), како и транспарентноста, одговорноста, отчетноста – во врска со ова, потребно е да се воспостават
стандарди за управување, раководење, финансиска контрола и известување, за да се обезбедат механизми кои ќе осигураат отчетност и јавна доверба.
Потребно е исто така, создавање поволно опкружување за развој на граѓанското општество (подобрување на широката домашна популарна поддршка и поттикнувачка правна и фискална рамка), како и зајакнување на влијанието со вмрежување (во сите форми: “ад хок” или долгорочно, тематско, секторско или кроссекторско).


На НВО саемот, се покажа дека невладиниот сектор е во состојба да понуди решенија и да придонесе како партнер во процесот на градење подобра иднина за сите нас.  Како што на една од секторските работилници рече еден од воведничарите, Пеце Талески од ОХО – да го искористиме поволниот ветер кој дува во нашите едра.

Линкови
Граѓански организации и фондации
Медиуми
Институции
Регион и свет
Странски организации и претставништва во РМ
Сервиси
Огласи за обуки
Слободни работни места
Конкурси
























News
Број 20 Октомври 2002
Вовед
Тема
Настани
Календар
Публикации
Интервју
Концепти
Q&A
Појмовник
Погледи
Форум
Претставување
Донатори
 

©MCMS - designed by KOMA