Работни места во граЃанските организации
Раководењето со човечките ресурси - најголема слабост
(Продолжува од претходниот број)
Кај граѓанските организации раководните структури се пропишани со статутот на организацијата и се речиси исти за сите здруженија. Главно, раководната структура се состои од претседател на здружението, извршен одбор и групи кои се фокусирани на одделни прашања во зависност од типот на организацијата. Некаде овие групи како остаток од стариот начин на работа се нарекуваат комисии.
Кај оперативниот персонал има шаренило. За разлика од производните и јавните претпријатија, кај овие организации се уште нема стандардизирани работни места, што го оневозможува групирањето и надградувањето. Терминологијата којашто се користи за работните места во граѓанските здруженија е преземена од англиското говорно подрачје и често не може да се прилагоди кон нашите услови. Така, во непрофитните организации среќаваме “проектен офицер” или “програм-офицер” од англиското “пројецт/програм оффицер”. Во последно време се користи називот соработник на пректи или програми, што е добро решение и соодветствува на англискиот назив. Прилагодувањето на терминологијата многу зависи и од подготвеноста на луѓето во организациите да ги употребуваат веќе стандардизираните називи на работни места, како на пример обучувач наместо тренер (од англиски “траинер”).
Друг проблем поради кој е отежнато одредувањето и спецификацијата на работните места во граѓанските организации е динамиката на промените. Имено, опкружувањето битно влијае на внатрешните состојби во здружението. Сите промени во надворешните фактори (промена на политиката на донаторот, нови интереси на организацијата, промени во социо-економската сфера и сл.) влијаат на основните процеси во организацијата. Со тоа и работните задачи коишто треба да ги остваруваат луѓето во овие организации се менуваат. Праксата покажува дека во текот на една година едно ангажирано лице (член на раководството, активист) во помала граѓанска организација извршува повеќе работни задачи кои тешко може да се спојат во едно работно место (комуникација со јавноста, пишување предлог-проекти, водење евиденција на документите и сл). Доколку се направи обид за дизајнирање на работното место, тешко ќе може да се запази некој од критериумите за обликување на работата (технолошка хомогеност, едукативна сродност, фазна зависност, кадровска континуираност, кадровска оптималност).
Тенденцијата во невладиниот сектор е професионализација на граѓанските организации. Тоа значи дека мора да се работи на формирање внатрешна структура во организациите, надвор од раководната структура (претседател, собрание), составена од повеќе работни места кои заедно ќе ги остваруваат целите на организацијата. Внатрешната систематизација ќе опфаќа неколку работни места со доволно широк опфат, но и доволно флексибилни за да можат да се прилагодуваат на честите промени на основниот процес во организациите. Ова може да се постигне со генерички опис на работното место. Кога би се разгледувале основните процеси во граѓанските организации во Република Македонија, може да се заклучи дека најголем број од нив се занимаваат со застапување и информации, а многу помал дел со обука и финансиска поддршка. Според ова, во граѓанските организации можат да се фомулираат барем следниве генерички работни места: соработник на проекти, соработник за односи со јавноста, обучувач, административен секретар. Секако, овде не е земена предвид раководната структура во граѓанските организации.
Соработникот на проект самостојно ги води проектите во организацијата, ги идентификува потребите на целната група, формулира проекти, аплицира до донаторите (во согласност со внатрешните процедури на организацијата - одобрување од раководството), учествува во спроведувањето на активностите, врши набљудување на активностите и известува за извршената работа. Оваа дефиниција на работното место соработник на проекти дава доволна ширина и можност за следење на динамиката на основниот процес, односно не ограничува во однос на типот на активностите, а сепак јасно ја одредува одговорноста и надлежноста на извршителот.
Соработник за односи со јавноста е малку поспецифична категорија, но сепак и овде има доволно простор за модифицирање на задачите во согласност со промените во процесот. Соработникот за односи со јавноста комуницира со медиумите и со пошироката јавност, изработува прес-соопштенија, билтени, написи, лифлети и сл. и се грижи за градење на јавниот имиџ на организацијата.
Обучувачот овозможува поддршка и олеснување во процесот на размислување и освестување за сопствените потенцијали и знаења на луѓето. Исто така, обучувачот поседува стручни знаења и пренесува знаења и вештини од одредена област. Обучувачот ги одредува потребите од обука, подготвува план и програма за обука, развива материјали и испорачува обука, врши оценка на обуката и известува.
Административниот секретар е универзална категорија во секоја поразвиена граѓанска организација и неговите задачи се да ја води писарницата и архивата во органзацијата, да организира состаноци и средби, да ги информира членовите на организацијата и да ги води персоналните досиеја.
Доколку во граѓанските организации започне да се води сметка за дефинирање на работните места, ќе се забележат позитивни промени во ефикасноста на работењето и зголемена продуктивност.
Лилјана Алчева-Јовановска
Поимник
Анализа на работата: тоа е систематска постапка со која се утврдува природата и содржината на работата (задачите, должностите и одговорностите) условите и методите на работа, како и утврдување на физичките особини на индидвидуата, кои “ги бара работата”. Преку анализата на работата, доаѓаме до описот на работното место.
|