СОЈУЗ НА ГЛУВИ И НАГЛУВИ НА МАКЕДОНИЈА
Виртуелно разбивање на тишината
Во центарот на Скопје е отворен младински компјутерски центар на глуви лица, каде се врши обука за користењето и можностите на компјутерската технологија.
Неодамна, Сојузот на глуви и наглуви на Македонија отвори Младински компјутерски центар на глуви лица во центарот на Скопје (на улицата 27 Март број 10, до хотелот „Јадран”). Центарот засега работи од 15 до 18 часот.
Целта на овој проект, поддржан од Институтот за трајни заедници од САД, е на оваа група граѓани да им се овозможи едукација и навлегување во можностите на современата информатовна технологија. Добиени се четири компјутери, а Сојузот организира едукација на младите. Како што не информираше г. Драгољуб Маневски, секретар на Здружението на глуви и наглуви на град Скопје, се прават списоци на заинтересираните, а за изминатите четири месеци од работењето на компјутерскиот центар, околу 50 млади поминаа низ обуката за користење на компјутерите.
Според програмата, се ангажираат стручни лица како предавачи, како и толкувачи кои на слушателите им ги толкуваат предавањата со јазикот на знаците. Предавањата се од областа на компјутерската технологија, Интернет и филозофијата на електронската поврзаност на светот. После предавањата, младите на практичен начин го вежбаат она што го добиле како сознание.
Интересот, вели г. маневски, е многу голем. Проектот ќе трае една година, по што опремата би требало да остане во сопственост на Сојузот на глуви и наглуви на Македонија. По завршувањето на овој проект, ќе биде направен план како компјутерскиот центар да функционира во иднина. Си со цел на младите глувонеми лица и лицата со оштетен слух да им овозможи директна комуникација со светот, која им е ускратена со неможноста да користат телефон, да им ги прошири видиците и да овозможи виртуелно разбивање на тишината во која живеат.
М.И.
---
Едукацијата и вработувањето – најголеми проблеми
Според мислењето на г. Маневски, меѓу најголемите проблеми на глувите и наглувите лица во Македонија секако се едукацијата и вработувањето. При вработувањето, овие лица се во многу нерамноправна положба, а и доколку се вработени, честопати се злоупотребуваат и нивниот труд се вреднува помалку.
Во областа на образованието, постои само едно специјално основно училиште во Битола и само едно средно во Скопје, што значи дека глувите деца од другите градови најчесто мораат да бидат одделени од своите родители. Овие училишта се слабо опремени, а посебно со компјутери кои претставуваат вистинска револуција во светот на глувите, овозможувајќи им нов начин на комуникација со светот.
|