ОБУКА ЗА РОДОВИ ОДНОСИ
Застапување на интересите на жените
Од 15 до 18 февруари, оваа година, во хотелот Панорама во Скопје беше одржан првиот дел од обуката за односи со родовите. Учествуваа 16 жени претставнички на женските невладини организации. Инаку, ваквиот вид обука е дел од Програмата за јакнење на капацитетите на женските невладини организации за здравствена едукација што ја спроведува Македонискиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) заедно со Асоцијацијата за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ), Сојузот на организациите на жените на Македонија (СОЖМ), Организацијата на организациите на жените на Македонија (ООЖМ), Сојузот на албанската жена во Македонија (САЖМ), Ромската организација на жените на Македонија (РОЖМ) "Даја", Организацијата на жените на Струмица, Организацијата на жените на Штип и организацијата на жените "Престиж" од Битола.
Обуката има за цел институционално да ги зајакне женските невладини организации и да се создадат хумани ресурси коишто ќе бидат подготвени да ги промовираат концептите за односите меѓу половите и развојот и здравствената едукација. Ваквото зајакнување ќе придонесе да се зголеми капацитетот на НВО за застапување на интересите на жените од различни етнички групи и да се подобри положбата на жените во Македонија. Овој прв дел од обуката опфаќа: социјално потекло на родовите односи, жени во развој и приоди за род и развој, поврзаност на клучните компоненти во родовите односи, родови односи, стереотипи, норми и вредности во општеството, потенцијал за промена, профил на дневни активности, родова поделба на трудот/тројна улога на жената, профил на ресурси/пристап и контрола, односи на моќ, практични родови потреби и стратешки родови потреби/интереси. Првите впечатоци на учесничките се дека овој приод е сосема нов и дека е потребно да биде видливо вклучен во развојните програми на сите женски НВО. – Научив да ги препознавам работите, вели една од учесничките, и сфатив дека ова што го научив може да се примени во секојдневната работа. Вториот дел од обуката е продолжение и ќе ги опфати истите учесници. До крајот на оваа година ќе бидат обучени вкупно 96 жени за род и развој. Обуката ја спроведуваат обучувачи од МЦМС и ЕСЕ.
|