НАСТАНИ КУЛТУРА
ФАРЕ ПРОГРАМА ЗА РАЗВОЈОТ НА КУЛТУРАТА ВО МАКЕДОНИЈА
Реализирани 50 проекти
ФАРЕ Програмата за развој на културата во Република Македонија, иницирана од Европската комисија, во изминатите три години поддржа финасиски реализација на вкупно 50 проекти, со вкупна сума од еден милион и 50 илјади евра.
Голем дел од овие проекти беа реализирани од невладини организации, како и од граѓани-поединци. Програмата поддржа и неколку големи проекти остварени од институциите на културата на Република Македонија, како на пример набавка на опремата за осветлување на македонскиот народен театар, унапредување на Археолошкиот парк Стоби, инсталирање на Галеријата на највредните македонски икони, конзервирање на мозаиците во Хераклеја, нававка на машина за чистење на филмови за Кинотеката на Македонија и други. Но, како најспектакуларен се оценува реставрацијата на Античкиот театар во Охрид. Помалите проекти, кои беа поддржани во рамките на конкурсот од отворен тип, во две рунди, донесе 400 идеи, од кои беа слектирани 31 проект. ФАРЕ Програмата за култура, која тесно соработуваше со Министерството за култура, се прости од Македонија со Денот на културата, одржан на 19 септември годинава во скопскиот хотел „Александар палас”. На оваа манифестација зборуваа националниот координатор за странска помош, г. Зоран Крстевски, министерката за култура, г-ѓа Ганка Самоилова Цветанова, амбасадорот на Европската унија во Македонија, г. Жозе Мануел Пинто Тешеира, а посебно беше инспиративна презентацијата на г. Валтер Черни, контракторот на оваа програма, кој презентираше ЦД-РОМ на кој се претставени сите реализирани проекти.
Како гости, на Денот на културата зборуваа и г-ѓа Мариа Берза, претседател на Романскиот центар за културни политики и проекти, г-ѓа Мари-Елен Бринкел, постојан претставник на Светската банка во Македонија, како и г-ѓа Јасна Шоптрајанова-Вртева од граѓанското здружение „Јунона”, која зборуваше од името на добитниците на грантови. М.И.
|