НАСТАНИ
ДЕМОКРАТИЈА И ЧОВЕКОВИ ПРАВА
ЦИВИЛНО СЛУЖЕЊЕ НА ВОЕНАТА ОБВРСКА
Војници без оружје
Според Законот за одбрана, објавен во Службен весник на Република Македонија на први јуни годинава, обврската за служење воен рок може да се извршува и преку цивилна служба. Поточно, како што вели член 8 од овој Закон, "… Регрутот кој од верски или морални убедувања (приговор на совеста), не сака да служи воен рок во Армијата со оружје, може да служи воен рок во Армијата без оружје или да служи воен рок во цивилна служба. Служењето на воениот рок во случаите од став 1 од овој член трае 14 месеци".
Како што определува наредниот, член 9 од овој Закон, воениот рок во цивилна служба се служи во здравствени, хуманитарни или социјални организации и установи и противпожарните единици. Организациите, установите или единиците каде се служи воен рок во цивилна служба ги определува Владата на Република Македонија. Тие се должни на лицата кои служат воен рок во нив, да им обезбедат бесплатно сместување и исхрана, а финансиските средства за надомест на трошоците за сместување и исхрана се обезбедуваат од Буџетот на Министрството за одбрана. Организациите, установите и единиците каде се служи цивилната служба, се должни да ги определат работните места и видот и обемот на задачите за овие лица, а за тоа треба согласност да даде Владата, по претходно мислење од Министерството за одбрана. Контрола над служењето на воената обврска на ваков начин, покрај самите организации, ќе врши и Министерството за одбрана. Лицето кое сака да служи ворен рок на овој начин, треба да поднесе барање до Министерството за обрана во рок од 15 дена од денот на приемот на поканата за регрутација, наведувајќи ги причините и начинот на кој сака да го отслужи воениот рок. Решение по барањето, во рок од 60 дена, донесува посебна комисија формирана од Министерството за одбрана. Против решението на оваа комисија, регрутот може да поднесе жалба во рок од 15 дена, до второстепената комисија на Владата. МЦМС, согласно овие законски одредби, поднесе писмо до Министерството за одбрана на Република Македонија, изразувајќи го својот интерес како невладина и непрофитна организација, за можноста во неа да се служи цивилната служба. Позитивните искуства од другите држави и партнерските организации на МЦМС говорат во прилог на можноста преку цивилната служба да се обезбеди посветен кадар и истовремено, да се создадат кадри потребни за невладиниот сектор. М.И.
|