Брент Канингам, одговорен уредник на “Колумбија џурнализам ривју” и предавач на Факултетот за новинарство на Универзитетот Колумбија во САД
Најсилни новинарски орудија се правилното известување и критичкото мислење
“Во новинарството е многу тешко однапред да се знае каков ефект ќе има она што ќе го напишеме. И кога зборуваме за главните проблеми во американското новинарство денес, ние често имаме чувство дека се бориме со ветерници”, вели Брент Канингам, одговорен уредник во магазинот “Колумбија џурнализам ривју” и предавач на Факултетот за новинарство на Универзитетот Колумбија во САД.
“Колумбија џурнализам ривју” е магазин кој излегува шест пати годишно, а оваа година е добитник на “Утне Индепендент Пресс Ањард” како магазин кој покажал чувство за вистинско известување од сите области на социјалната сфера и како магазин кој докажал дека е независен при изнесувањето на своите ставови.
Која е главната улога на “Колумбија џурнализам ривју”? Повеќето луѓе би го опишале “Колумбија џурнализам ривју” (КЏР) како надгледувач на медиумите, присилувајќи ги медиумите да ги прифатат општите ставови на новинарските стандарди. Всушност, вистина е дека магазинот е многу повеќе од тоа. “Колумбија џурнализам ривју” е магазин на идеи. Знаеме дека медиумите се страшно моќна институција и се обидуваме да истражиме различни области, од тоа зошто САД тргнале во војна против Ирак до релациите меѓу расите во Јужна Африка, ставајќи го под лупа начинот на кој медиумите ги покриваат овие области. Можете да пишувате за што било низ лупата на медиумите. Од класните разлики, преку проблемот на рамноправноста меѓу половите, до политиката. Наша најважна цел е да им помогнеме на новинарите, уредниците, репортерите, како и на сопствениците на медиумите да размислуваат низ проблемот со кој се соочуваат, но исто така да агитираме за поагресивен слободен печат кој мора да има сериозна ролја на опонент кон владата и кон светот на корпорациите. Веруваме дека медиумите имаат круцијална улога во развивањето на слободното општество.
Кои се најприсутните проблеми во американското новинарство и колку има можности КЏР да ги елиминира проблемите кои ќе ги забележи? Во новинарството е многу тешко однапред да се знае каков ефект ќе има она што ќе го напишеме. И кога зборуваме за главните проблеми во американското новинарство денес, ние често имаме чувство дека се бориме со ветерници. Земете ја корпоризацијата на медиумите. Ако сакам да го посочам проблемот од кој произлегуваат многу други, тогаш тоа би бил тој. Тоа не е само едноставен факт дека во Америка повеќето од медиумските компании се само артикли со коишто се тргува, создавајќи ситуации каде што потребите на инвеститорот, т.е. границите на профитот се адут кој ги победува сите останати новинарски интереси. Но, оваа ситуација со текот на времето создава нешто што е уште повеќе подмолно отколку барањето за поголем профит, но создава предупредување кое се вовлекува во сите пори. Репортерите се плашат да ги предизвикаат или да полемизираат со изворите, за да не бидат оптужени за пристрасност. Уредниците се плашат да не објават застрашувачки или контроверзни фотографии стравувајќи дека читателите би можеле да се откажат од претплатата на весникот. Ако вашата главна цел е да спечалите што е можно повеќе пари, тогаш вие не можете да продолжите да бидете жилав тип, непоколеблив, не можете да практицирате новинарство кое му е потребно на слободното општество.
Еден неодамнешен пример на нешто што го направи Колумбија џурнализам ривју, заедно со други познати медиуми, и на таа основа можат да ја градат својата доверба, е претставување на проверката на клучните факти и сегменти за време на крајната етапа од последните американски претседателски избори. Угледниот весник “Њујорк тајмс” објави текст во кој репортерот го зеде говорот на еден од кандидатите и покажа што е вистинито во тој говор, а што не. Нешто слично направи и телевизиската станица “АВС” во периодот по завршувањето на дебатите меѓу двајцата кандидати. КЏР веќе подолго време се залага во сите медиумски извештаи да има темелна проверка на факти и да се соочиме со вистината односно со невистината.
Можеме ли денес да зборуваме за независно новинарство или сопствениците на медиумите ја дефинираат границата на слободата на новинарите? Морам да нагласам дека и покрај сите лоши работи кои ги направи корпоративната сопственост на медиумите с$ уште верувам дека постојат голем број добри новинари и уредници кои не отстапуваат од независното новинарство. Независното новинарство сигурно нема да исчезне. За почит е работата на Сју Херш, по случувањата од 11 септември 2001 година, кои ги направи за весникот “Њујоркер”, или работата на Џим Фалоус кој продуцираше за “Атлантик”. Второ, веб-страниците сигурно нудат ветувања за уште позастапено независно новинарство. Но, с$ додека веб-страниците се нерамен терен за новинарите во смисол дека покрај навистина многу добри и умни извештаи и коментари, се појавуваат и некои вознемирувачки “тенки” и неодговорни написи кои сакаат да се провлечат како новинарство на веб-страниците. С$ уште е нејасно во кој правец ќе се развива ова. Освен ова, загрижува и тоа што најдобрите веб-страници кои се појавија во деведесеттите години би можеле да бидат “зграпчени” од големите медиумски компании, со што би се укинала нивната независност.
По прашањето за независноста на новинарството не може да се избегне прашањето за објективноста во новинарството, кон која, барем декларативно, се стремат новинарите. Имате ли впечаток дека денес терминот објективност е употребуван и злоупотребуван? Како нешто кон што се стремиме во новинарството, објективноста останува корисен концепт за медиумите. Меѓутоа, несовршеноста е во тоа што објективноста служи како контрола на искушението да се биде интелектуално нечесен, како и да се избегне новинарската пристрасност, било на политички или некој друг план. Тоа зборува дека објективноста е проблематична во однос на степенот што го оправдува мрзливото “тој рече/таа рече” известување кое не прави ништо за да им помогне на читателите да ја разберат суштината на голем број комплексни теми кои секојдневно се јавуваат во вестите. Репортерите кои ги следат настаните мораат да се стекнат со вештини и верувам дека најважниот дел од нивната работа е да го употребат своето знаење при претставувањето на фактите, како што реков порано, при соочување на вистината и невистината, за да им помогнат на читателите и на гледачите да проценат кој е во право, а кој не, секако кога е можно тоа. Но, и кога не е можно, и кога не може толку лесно да се дојде до одредени податоци, задачата на репортерот е да копа многу длабоко, за да покаже која од страните кои дебатираат има полегитимен исказ.
Дали се согласувате дека постои позитивна пристрасност во медиумите? Зависи на што мислите. Пристрасност спрема позитивната, како спротивност на негативната вест, или дали воопшто има пристрасност во весниците? Ако се однесува на првото, тогаш одговорот е не, нема пристрасност кон позитивните вести. Една од дефинициите на вестите е дека ние известуваме за нештата кои се скршени, кои се проблематични, кои не функционираат. Тоа подразбира негативна конотација. За второто ќе кажам дека секако постои пристрасност во медиумите. Лична пристрасност, институционална пристрасност, класна пристрасност. Новинарството во голема мера е субјективно. Впрочем, во природата на луѓето е дека кога работат нешто кон некои работи се повеќе наклонети. Сепак, не верувам дека повеќето репортери во Америка се некакви идеолошки воини кои секојдневно сакаат да протуркаат некој свој распоред и редослед на нештата.
Која е причината што новинарството денес е оддалечено од обичните луѓе повеќе од кога било? Дали репортерите немаат време да го слушнат “гласот на народот” или намерно ги избегнуваат темите за секојдневните проблеми на работниците штитејќи се всушност себеси од конфликтот со институциите? Пишував за класната пристрасност во новинарството и факт е дека тоа претставува проблем. Ние пишуваме за богатите, моќните, за луѓето кои имаат пристап кон различни “системи” кои се пресудни за нашето општество. Ние се идентификуваме со луѓето кои се како нас, или се идентификуваме со оние какви би сакале да бидеме ние. А, ничии аспирации не се да оди надолу во општествената хиерархија. Лошата страна на сето тоа е дека кога ние пишуваме за сиромашните, болните, бездомниците пишуваме како за нешто што ни е туѓо и далечно, нешто што треба да се опсервира и проучува, и на крајот на краиштата да се реши. Проблем е во тоа што новинарите во последните две и пол децении се дел на професионалната класа и интересите на оваа класа во голема мера се рефлектираат во медиумите.
Кои земји денес се во фокусот на интересирањето на американските новинари? Дали новинарите во САД пишуваат теми за одредени земји, за нивната традиција и историја, покрај написите за политичките конфликти? Во САД постојат весници како што се “Њујорк тајмс”, “Вашингтон пост”, “Волстрит џурнал” и “Лос Анџелес тајмс” кои заедно со агенцијата “Ассоциатед Пресс” имаат свои дописништва во странство. Нивната тенденција е да пишуваат за земји каде што се инволвирани американската влада или војска, како што се Ирак, Авганистан, Русија, Израел или за места каде што има стории кои успеваат да продрат до јавната свет. На пример, Судан или Украина. Овие весници исто така пишуваат и културни и политички репортажи од Западна Европа, Јапонија, Кина, Индија. Постојат и весници како што се “Мајами хералд” и “Далас морнинг њуз” кои ги покриваат вестите од Централна и Јужна Америка, што се должи на фактот што голем број од нивните читатели се Хиспаноамериканци, како и од близината кон овие земји. Но, зборувајќи генерално, американските медиуми не го покриваат светот на вистински начин. С$ уште многу Американци мислат дека можат да дозволат да го игнорираат светот, и тоа се рефлектира во печатот.
Вие предавате новинарство на Универзитетот Колумбија. Кое е Вашето мислење како предавач, на што најмногу треба да им се укаже на идните новинари? Ова е секако големо прашање, но јас ќе се обидам да го искажам на едноставен начин. Сметам дека е потребно да им се укаже на студентите на истражувачкото новинарство, на етиката и како критички да размислуваат за светот. Потоа, едукацијата на новинарите треба да се движи во насока на специјализација. Мислам дека со дипломирањето треба да бидат специјализирани за нештата, како на пример религија и новинарството, наука и новинарството, или пак, законот и новинарството. Генерално, верувам во овој пристап. Сепак, повеќето новинари во својата кариера покриваат различни теми и различни области. Но, за најсилни новинарски орудија ги сметам правилното известување и критичкото мислење, ако тоа го знаете го имате занаетот во раце.
Марија Кука
|