УСТАНОВА ЗА ПРОМОЦИЈА НА КУЛТУРАТА - ОХО
Прирачници за глобалните еколошки проблеми
Веќе три години во нашата држава, а две во Косово, Установата за промоција на културата ОХО го спроведува проектот под наслов „Немаме резервна планета”, кој се работи на три нивоа: едукација на наставници и професионалци кои работат со деца, подобрување на наставниот процес во основните училишта и детските градинки и кампања за растење на јавната свест за животната средина. Една од компонентите на овој проект е издавањето на прирачници, сликовници, боенки, календари, а во тек се подготовките за изработка на ТВ-спотови.
Како што ни рече претседателот на ОХО, Пеце Талески, овој проект и публикациите кои се издадоа во негови рамки, понудија нов медиум за промовирање на свеста за животната средина.
- Нашата цел беше да ги привлечеме децата со она што им е најблиску – сликата и да постигнеме степен на идентификација со јунаците на цртежите, кои беа мошне добро прифатени од нив. Овој проект го работиме во соработка со Педагошкиот завод на Република Македонија, УНИЦЕФ, УНМИК во Косово и ОКСФАМ во Србија. Засега, проектот е македонско-југословенски, но имаме амбиција да прерасне во балкански, со вклучување на повеќе држави. Правиме преговори во наредната фаза да се вклучат Албанија, Босна и херцеговина и Црна Гора., во соработка со Данисх Оутдоор Цоинциле. Цртежите, како и текстовите, допадливи и применети за детската возраст, станаа толку популарни кај децата што Педагошкиот завод побара од ОХО со истите цртани ликови да го илустрира учебникот за граѓанско образование за основно училиште.
|