Интервју
Да го сочуваме идентитетот, а да ги разбиеме предрасудите
Состојбата на Ромите во Македонија е многу тешка. Последните статистички информации покажуваат дека 84% од ромското население се социјални случаи. Според нашите проценки и видувања, тој процент е поголем - повисок и од 90%, вели Ахмед Јашаревски, претседател на “Дром”
Гонце Јаковлевска
ХДЗР „Дром“ од Куманово е една од најуспешните невладини организации чија приоритетна целна група се Ромите. Во периодот кога „Дром“ и неговите вработени и волонтери вложуваат огромен труд да им ја олеснат маката на поплавените семејства во Куманово и да ги ублажат последиците од она што го направила природната стихија, разговаравме со Ахмед Јашаревски, претседателот на оваа организација.
Г.С. Што ве поттикна да влезете во водите на невладиното организирање?
А.Ј. Една претходна активност, која беше поразлична од сегашната. Во почетокот на 90-тите бев политички активен и учествував во основањето на Партијата за целосна еманципација на Ромите во Македонија (ПЦЕРМ). Во 1994 г. бев претседател на огранокот на ПЦЕРМ за Куманово. Увидов дека преку политичка пратија не може многу да се направи за проблемите што ги мачат луѓето, посебно за Ромите. Во 1996 г. престанав да се занимавам со политика. Од тој период датира и интересот за невладиното организирање. Првата иницијатива дојде преку претставник на „Roma Right Programme“ од Будимпешта, програма на Фондацијата Сорос. Во 1997 г. се регистравме, и еве сме. Бевме нова организација, непозната за донаторите. Немавме искуство ни вештини за пишување на проекти. Благодарение на МЦМС и на ИООМ кои ни овозможија да се обучиме, зајакнавме. Имиџот на сериозна организација го градевме полека, ама сигурно. Денес можеме да се пофалиме со петмина вработени, 35 хонорарци и 30-40 волонтери.
Г.С. Дром работи во неколку сектори. Може ли да презентираме дел од тие активности?
А.Ј. Имаме инфраструктурни активности, активности поврзани со образованието и со човековите права. На таа основа е направена и нашата организациска структура.
Во делот на инфраструктурата морам да ја споменам иницијативата за изградба на канализација во населбата Средорек, најголемата ромска населба во Куманово, која започна во 1998 г. Еден дел од финансиите вложивме ние, преку РРП, а поголемиот дел го излобиравме од локалната самоуправа. Од канализацијата во Средорек остана да се доправи уште еден крак. Дел од нашите напори беа и сите жители на населбата да добијат водоводна мрежа и водомери, во што и успеавме. Преку општината, инициравме воведување водовод во населбата Бавчи. Еден дел финансира Дром, а за другиот дел настојувавме луѓето да си платат самопридонес. Посебно сме горди на изградбата на четирите моста на реката во Куманово, два во Бавчи и два во Средорек. До изградбата на мостовите луѓето буквално преминуваа по импровизирани мостови направени од канти и дрва. Таквите мостови однесоа и една жртва.
Со образованието започнавме во 1998 година. Со поддршка од „Романо дијалог“ од Швајцарија, Здружението на Евреите од Швајцарија и МПДЛ од Шпанија, работевме на неформална едукација на деца од претшколска возраст и комбинирани паралелки. Следните две години финансиска поддршка добивме од Швајцарската и од Канадската амбасада. Отворивме уште еден центар. Во него се организираат дополнителни часови за учениците. Соработуваме со ОУ „Христијан Тодоровски - Карпош“. Во овој центар тие, освен дополнителната настава и редовните предмети, добиваат и часови по информатика. Со МЦМС, во Програмата за применето образование на младите Роми, спроведуваме соработка со училиштата, дел се активности наменети за родителите на учениците, а еден дел е наменет за курсеви за младите Роми. Курсевите се спроведуваат преку Работничкиот универзитет.

Г.С. Како ги градите релациите со целната група?
А.Ј. Работиме на проблеми што навистина ја засегаат нашата целна група. Ја слушаме целната група. Не очекуваме сите да не сакаат, но тие се свесни дека работиме за да ги подобриме нивните услови за живот. Растењето на организацијата не измести од првичниот колесек. Како да се бирократизиравме малку. Имавме с# помалку контакти, како да побегнавме од народот. Поплавата не врати назад. Ова е она што ни недостасува. Изворно да ги чуеме проблемите на луѓето и да бидеме со нив за да не чувствуваат како свои. Тие и самите доаѓаат и ни ги кажуваат проблемите, бараат да им помогнеме.
Се трудиме да ја информираме пошироката јавност за тоа што го работиме, преку Информаторот, а имаме и добри контакти со медиумите.
Г.С. Речиси шест години работите на надминување на проблемите на Ромите. Какво е вашето видување на состојбата на Ромите во Македонија?
А.Ј. Многу е тешка. Последните статистички информации покажуваат дека 84% од ромското население се социјални случаи. Според нашите проценки и видувања, тој процент е поголем - повисок и од 90%. Најголемата причина за тоа секако е лошата економска состојба. Затворањето на претпријатијата ги погоди сите, но мислам дека Ромите беа први на удар. Тие беа отпуштани меѓу првите.
Г.С. Дали сметате дека тоа е еден облик на дискриминација?
А.Ј. Мислам дека една од причините за тоа е лошото образование на Ромите. Тие со пониски квалификации секогаш први си одат. Но, сепак, мислам дека тука одиграла улога и нивната етничка припадност, односно стереотипите што се создадени за Ромите.
Г.С. Има ли други причини за таквата состојба на Ромите во Македонија?
А.Ј. Образованието е следната причина за сиромаштијата. На пример, во Куманово 540 деца се вклучени во процесот на основното образование, кое годишно го завршуваат 15-18 деца. Ова покажува колку е голем бројот на децата кои го напуштаат образовниот процес, најчесто засекогаш. Интервениравме во Минстерството за образование и во училиштата да преземат одредените мерки со Законот. Според некои информации мал е бројот на родителите што се казнети поради тоа што нивните деца не ја посетуваат наставата. Казнувањето најчесто се одбегнува поради фактот дека тие родители се социјални случаи кои и така немаат пари да го прехранат семејството. Неинтервенирањето на училиштата да ги вратат децата во училишните клупи не тера да помислиме дека ромските деца им пречат и дека не им е грижа дали тие ќе доаѓаат на училиште или не.
Г.С. Имаат ли влијание вашите активности на оваа состојба?
А.Ј. Со отворањето на центрите и соработката со Министерството, како и соработката со основното училиште „Христијан Тодоровски - Карпош“, состојбата се подобрува. „Дром“, во соработка со УНХЦР, му помогна на училиштето во делумното реновирање. Реновирани се 18 училници. Во наредниот период, во соработка со МЦМС, во Програмата за применето образование на младите Роми, на училиштето ќе му бидат доделени и нагледни средства. Разбирливо, нашата соработка во почетокот не одеше толку лесно. Имаше доза недовреба од страна на училиштето, но сега, и двете страни сфатија дека преку партнерството работите можат да одат само на подобро. Благодарение на дополнителната настава, бројот на децата што ја повторуваат годината се намали и ние сме горди на тој податок. Наставниците реагираат поенергично кога некое од децата не доаѓа на училиште, но и родителите полека ја сфаќаат моќта на образованието. Треба да се опфатат и другите училишта, тука гледам простор за вклучување на сите невладини организации во Куманово, за сите има работа.
Г.С. Каква е состојбата со човековите права?
А.Ј. Состојбата во Македонија споредена со другите земји од Централна и Источна Европа е многу подобра. Ми пречи известувањето на новинарите кога се потенцира етничката припадност на човекот. Како тоа да не е посебна индивидуа, најважно е дека е Ром. На овој начин се овозможува генерализација, ако станува збор за кражба се стекнува впечаток дека сите Роми се крадци итн. Реагиравме неколку пати на таквиот начин на известување.
Реагираме на кршењето на човековите права и во други држави. Благодарение на информациите преку мрежите во кои е вклучен, „Дром“ реагираше еднаш во Полска и еднаш во Чешка. Регирањето во Полска резултира со неизбирање на еден од кандидатите за пратеник во полскиот парламент кој имаше сомнителни врски со „скинхедсите“. Мојата следна посета на Полска, по оваа реакција, резултираше со притвор на аеродромот, без никакво образложение. За среќа, ситуацијата се среди за 4-5 часа.
Г.С. „Дром“ е доста активен во нудењето помош при итни ситуации, како се организирате?
А.Ј. Имаме потесно претседателство кое овозможува брза реакција. Информациите брзо ги дистрибуираме до невладините оганизации и во Македонија и надвор. Вклучени сме во повеќе мрежи кои функционираат надвор од Македонија. Една од нив е РНЦ со 32 организации од Источна Европа. Преку неа добиваме, но и испраќаме информации. Брзо реагиравме и во времето на косовската бегалска криза и во времето на нашата, македонската криза. Во моментов, за жал, повторно мораме итно да реагираме, овој пат да им помогнеме на сограѓаните кои настрадаа од поплавите. Невладините организации се многу пофлексибилни и побрзи за разлика од локалната самоуправа која понекогаш е успорена поради бирократското работење. Ова оди дотаму што се сугерира враќање на пратките со помош. Главните проблеми се во листите на поплавените домаќинства, но и во начинот на дистрибуција на помошта. На пример, во колективните центри се дистрибуира брашно, а тие луѓе намаат ни шпорет, немаат како да ја искористат помошта. Имаме забелешките што во општинскиот кризен штаб нема ниту еден Ром. Заклучоците што ги носи тој кризен штаб се одлични, но неостварливи, не се реални. Ефектот ќе биде многу поголем ако заедно работат НВО и општината. Од една страна не ставаат настрана, а од друга страна се жалат пред медиумите дека невладините организации ништо не прават за надминување на последиците од поплавата, што не е вистина. НВО во Куманово од почетокот се вклучени во помошта, првата помош пристигна благодарение на нашите контакти со донаторите. Обезбедивме донации од МЦМС, ИООМ, Македонски каритас, Каритас есен, Ел хилал. Сега апелираме до општината да се направат насипи и да се исчисти реката затоа што е можен уште еден бран поплави.
Г.С. Дром од неодамна е дел една нова мрежа. Можете ли нешто да ни кажете за тоа?
А.Ј. Во Македонија го инициравме создавањето мрежа на ромски НВО која ја нарековме Рома 2002. Мрежата брои 14 организации, има своја стратегија и е отворена и за други организации. Една од задачите ќе биде да им помогнеме на новите организации институционално и организациски да зајакнат.
Г.С. Постои ли страв од губење на идентитетот?
А.Ј. Па, мислам дека постои. Уште при развивањето на идејата за мрежата Рома 2002 внатре во организациите постоеја отпори. Некои од видувањата беа дека сами ќе си направиме проблеми затоа што некои од ингеренциите ќе се префрлат на мрежата. Сепак, ставот е дека организациите ќе си работат независно, мрежата ќе биде вклучена во прашањата од стратешки интерес за ромската популација.
|