ЗНМ И МИМ
Тркалезна маса „Новинарите и парламентарните избори 2002”
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) организираа предизборен новинарски караван. Тркалезните маси на тема „Новинарите и парламентарните избори 2002” се одржаа во Тетово, во Охрид, во Битола, во Струмица, во Штип, во Куманово и во Скопје, односно во градовите каде ЗНМ има свои регионални центри. Караванот траеше од 19 до 24 август, оваа година. Интересот на новинарите за караванот беше доста голем, што се гледа и од нивното присуство на тркалезните маси на кои имаше од 40 до 70 новинари.
Координацијата на новинарите на регионално ниво не е нешто што се случува секојдневно, напротив, тоа не се случило од многу одамна. Токму поради тоа новинарите не го криеја задоволството што со посредство на Здружението на новинарите можеа да ја продискутираат оваа, во моментов најактуелна тема.
Новинарите можеа да слушнат и странски искуства, односно како известувањето за изборите го прават нивните колеги во другите земји. Посебно внимание привлече презентацијата на новите законски регулативи во врска со изборите што ги опфаќа и правата и одговорностите на новинарите. Презентацијата ја направија претставници на Меѓународната федерација за изборни системи (ИФЕС). Тие исто така ги презентираа и заштитните мерки за спречување на фалсификување на изборниот материјал.
Здружението на новинарите на Македонија ја презентира публикацијата „Прирачник за покривање на изборите” што ќе биде испечатена и дистрибуирана до новинарите. Публикацијата ја подготви ЗНМ во соработка со Меѓународната федерација на новинарите.
Проектот „Предизборен новинарски караван” се спроведе со поддршка од ИРЕКС Промедија – Македонија.
Г. Шабани
|