ИНСТИТУТ ЗА ТРАЈНИ ЗАЕДНИЦИ
Јакнење на капацитетите, создавање лидери
Институтот за трајни заедници - ИТЗ од Вермонт, САД, во Македонија ја спроведува третата фаза од својата Програма за демократски развој. Како што вели г. Пол Нути, директор на ИТЗ во Македонија, претходните две фази од оваа програма помогнаа оваа организација да создаде вистинска мрежа на партнерски НВО. Повеќето од оние со кои досега работеше ИТЗ станаа ментори на помалите организации, а честопати се користат и нивните капацитети како тренери, советници…
ИТЗ сега работи со 54 невладини организации, од кои 28 се нови, т.е. влезени во новата фаза на Програмата за демократски развој. - Покрај поддршката на постојаните НВО-партнери, имаме и грант-програми, каде можат сите да аплицираат, што ни создава можност да работиме со поголема група на НВО. Тоа го демократизира процесот на давање на грантови - вели г. Нути. Во моментов, ИТЗ подготвува анализа на прашалникот кој беше упатен до организациите со кои соработува. Врз основа на анализата на прашалникот, ќе се изготви план за развој, ќе се лоцираат потребите на НВО, областите во кои тие се послабо развиени, така што ќе може да им се пружи подобро насочена и поефективна помош. - Мислам дека во областа на развојот на граѓанскиот сектор во Македонија, им овозможивме на некои НВО да зајакнат, да станат експерти и лидери во својата област. Драго ни е што тие станаа познати, што остваруваат соработка со граѓаните и со властите. Пример за тоа се локалните еколошки акциони планови (ЛЕАП), кои ќе можат да се користат како модел и за други локални средини, откако ние ќе си заминеме. Мислам дека помогнавме да се изгради доверба меѓу граѓаните, невладините организации и владиниот сектор и тоа е голема сатисфакција за нас - вели г. Пол Нути.
|