интервју: Ненад Јовановиќ, директор во ДООЕЛ Горење, Скопје
Во Македонија има потреба и услови за вложување на фирмите
Минатата година вашата фирма традиционалната практика на учество и презентација на саем ја замени со вложување финансиски средства во изградба на еден мост во Скопје. За промоција на еден производ, го ангажиравте и Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Колку ваквиот чин на вложување во општетството е ваша стратешка определба или пак е инициран од одредени актуелни состојби во земјата? Горење, чие седиште е во Словенија, има една глобална стратешка определба, да вложува во унапредување на животната средина, која ја применуваме и ние овде во Македонија. Применуваме корисен маркетинг за фирмата и за околината во која сите живееме. Досега дониравме 150 илјади денари во општината Карпош за поставување семафори на еден премин на булеварот „Партизански одреди”, за што постои и готов проект, кој, за жал, не може да се заврши бидејќи општината с$ уште не може да ги собере сите предвидени средства. Предложивме парите да се искористат за поставување „легнати полициајци” и сигурно е дека ќе бидат искористени за нешто корисно. Наш услов е вложувањето да се одбележи со поставување табла на која ќе биде запишан влогот. Минатата година вложивме средства во изработка на тротоар на мост во општината Ѓорче Петров. Одлучивме да не одиме на саемот Технома, за кој вообичаено трошиме околу 30 илјади евра, туку вложивме во изградба на тротоар на мостот околу 10 илјади евра, но и во изработката на потребните видеоматеријали и спотови. Да споменам дека дадовме и две клими за новоизградената црква во населбата Аеродром. Во Македонија навистина има потреба и многу услови да се вложува.
Од каде мотивираноста да вложувате во социјално одговорни проекти? Мотивираноста доаѓа од самата околина. Знаеме каде живееме, колкава е просечната плата, какви проблеми има населението, а од друга страна, сакаме помошта којашто ја даваме да ја искористиме во маркетиншки цели. Сега кај мостот стои табла со името на фирмата. Тука е вклучен бизнис-аспектот, но потребно е да се направи спој на општото, на нешто кое ќе им остане на граѓаните, а ние сепак да имаме маркетинг-комуникација со нив. Верувам дека тоа и понатаму ќе ни носи позитивен ефект, луѓето ќе речат: ете, Горење вложува, зошто да не купуваме негови производи?
Едниот аспект во помагање на граѓаните е социјалниот, а другиот е културолошкиот. Сакаме да вложуваме на полето на културата и лани, на саем во Битола, направивме отворен концерт каде настапи Синтезис.
За оваа година с$ уште немаме план што ќе правиме, но размислувам повторно да вложиме во некој културен настан. Горење поддржува разни активности од областа на културата, спортот, животната средина во сите земји каде е присутна фирмата.
На кој начин се прават пресметките за финансиски вложувања од ваков тип, со каква оправданост и колку досега, пресметано во пари, сте вложиле во заедницата? Ваквите вложувања се многу тешко мерливи, бидејќи секогаш во маркетингот половина од парите се фрлени, но не знаеш која половина. На пример, кога ја правевме презентацијата заедно со Факулетот за ликовни уметности, беше направен превид дека дента ВМРО-ДПМНЕ славеше 15 години од постоењето и не ни дојдоа многу луѓе. Ваквите активности се врзани со односите со јавноста.
Што се однесува до вложените пари, мислам дека сме вложиле премалку, би сакале да вложиме повеќе, доколку ни даваат можностите. Бидејќи, во заедницава има кај да се вложи, а тоа и маркетиншки да се искористи. Ние се држиме до нашиот буџет и не можеме да кажеме однапред колку проценти ќе вложиме. С$ зависи од пазарот, од потребите, од притисок на конкуренција. Не практикуваме класично спонзорство, затоа што фирмата од тоа нема корист. Спонзорство да, но доколку тоа биде објавено некаде со одредена етика, за да не прерасне во голема фалба која би предизвикала негативен ефект во јавноста.
Како се пренесува ова искуство во бизнис-круговите, се смета ли за позитивно? Искрено, мислем дека нема големо внимание. Неодамна гледав една телевизиска емисија на која се говореше дека фирмите треба да направат нешто повеќе за општеството Мислам дека треба некои работи да се раздвојат. Ние сме претпријатие и остваруваме профит и немаме ниту законска, ниту морална обврска да правиме мостови или нешто друго. Фирмите треба да плаќаат данок од кој подоцна се прави с$ што е потребно во заедницата. Ние, на пример, не можевме да си го вратиме данокот на додадена вредност од вложувањето во тротоарот на мостот, но ќе го вратевме ако, на пример, правевме своја канцеларија. Вложивме, а државата не н$ ослободи од даноците, но тоа не н$ обесхрабри, бидејќи и на класичниот маркетинг плаќаме ДДВ, а ефектот од вложувањето беше голем. Кој е вашиот очекуван повратен резултат, дали го постигнувате и на која начин ги мерите постигнатите резултати?
Вложивме во животната средина, го оплеменивме просторот пред една наша продавница со убав тревник, а ги сменивме вратите на влезовите од зградата. Тоа беше еден наш влог пред и во една зграда, бидејќи сметаме дека ваков тип вложување ќе ги натера самите граѓани да се грижат за животната средина. Потребна е континуираност на ова поле, да се пренесуваат искуствата од поразвиените земји, а и малкумината кои можат да излезат од државава и на овој начин треба да дадат некоја насока во развојот на земјата. Но, не се согласувам дека фирмите треба да го преземат на себе развојот на социјалата и културата. Ние сепак имаме држава, буџет, а кај може да помогнеме, ќе & помогнеме на земјата.
Дали имиџот на Горење во Скопје пред централата во Совенија се гради и преку социјално оправдани проекти? Претпријатието Горење го интересира, пред с$, дали планот е исполнет, дали е продадена количината и дали е направен профит. Нормално дека го интересира и имиџот на фирмата направен во Македонија, но не од аспект на прибирање поени. Менаџерските тимови се сретнуваат, на маркетиншките конфереции, се разменуваат идеи, пред с$ меѓу земјите со сличен стандард и менталитет. Ние можеме да разменуваме искуства, на пример, со Србија, со БиХ, со Косово, но не можеме ист маркетинг да направиме во Скандинавија и во Македонија. Во Скандинавија не може да правите тротоари, затоа што сите се направени, ниту пак да вложите во поставување семафор. Во Словенија, на пример, има потреба од вложување во спорт, но многу малку во решавањето проблеми какви што има во Македонија. Таму нема неизграден пат, куќа без електрична енергија, училиште без фискултурна сала, и затоа се вложува на повисоко ниво, во филтри, уредување на тревните површини.
|