|
ФОНДАЦИЈА КИНГ БОДУЕН И ФИООМ
Развој на заедниците преку културните ресурси
Програмата Живо наследство – Развој на заедниците во Југоисточна Европа преку културните ресурси, финансирана од белгиската Фондација Кинг Бодуен, во Македонија стартува со втората фаза. Извршена е претселекција, а во текот на летово ќе се изврши и конечната селекција на проектите што ќе бидат поддржани во овој циклус.
Програмата, што се спроведува во партнерство со Фондацијата Институт отворено општество Македонија, има за цел развивање на капацитетите и развој на локалната заедница преку промоција на одржливи иницијативи од областа на културното и природното наследство.
Програмата „Живо наследство”, како што на прес-конференцијата во Скопје што се одржа во јуни рече претставникот на Фондацијата Кинг Бодуен, Фабрис де Кершо, се спроведува и во Бугарија, во Босна и Херцеговина и во Романија. Искуството од пилот-фазата што се спроведуваше во Македонија изминатата 2000 година, беше позитивно, со исклучок на проектот во Битола, кој се среќава со пречки поставени од Министерството за образование. Поточно, иако проектот е во напредната фаза и има обезбедено финансиска конструкција од вкупно 200.000 американски долари (покрај ФИООМ и Кинг Бодуен, средства обезбедија и ИТЗ и УСАИД) за реставрација на необарокната градба во центарот на градот, позната како Пионерски дом, Министерството не дозволува проектот да биде реализиран во тој објект. Во моментов сe уште се прават напори да се обезбеди согласност од Министерството за реставрација на зградата и за нејзино користење од страна на повеќе невладини организации од Битола и Пионерскиот центар „Трајче Маглоски” од овој град.
М.И. |