БАЛКАНСКА ПРИКАЗНА Сведоштво на очајот и на надежта
Вуковар беше првата, почетна станица на нашиот караван, составен од жени - млади и средовечни, Македонки, Турчинки и Албанки од Македонија, Србинки, Албанки и Санџаклијки од Југославија, Бошњачки и Србинки од Босна и Херцеговина, Хрватки, Бошњачки и Србинки од Хрватска, Албанки од Албанија. И четири Французинки и тројца Французи, кои како постојано да се исчудуваа, со благ восхит, на блискоста и пријателство кои толку бргу се развија меѓу нас. Тргнавме со намера да се соочиме со реалноста и да се обидеме да ги поминеме границите - буквално и преносно - границите меѓу државите кои некогаш ја твореа СФР Југославија, менталните граници и оние создадени во срцата.
Маријана Иванова
Карванот на жените од просторите на поранешната Југославија и од Албанија беше инициран од француската организација Трансеуропееннес, а осмислен во соработка со локалните партнери од државите по кои се движеше. Во Македонија партнерска организација беше Институтот отворено општество Македонија.
Вуковар беше првото место на очајот и на надежта кое го посетивме. Колку точно население има и какво е по националниот состав, никој не знае, но моментно се работи на пописот. Соживотот и не е толку лош колку што би се очекувало.
Мртвите куќи, живите луѓе и спомениците постојано потсетуваат на мртвите луѓе. Ги посетуваме градските гробишта каде сега заедно се погребуваат сите. Порано имало католички и православни гробишта, но откако тие се пополниле се отвориле нови градски гробишта, едно за сите. Парадоксално, разликите меѓу луѓето во Вуковар прво се избришаа на гробиштата. Тука се наоѓа и масовната гробница, каде заедно се погребани 937 луѓе, убиени на почетокот на војната. Продолжуваме на Овчаре, каде во 1991 година српската војска го изврши масакрот на 263 луѓе, пациенти и медицински персонал од вуковарската болница. Пронајдени се 200 тела и тие се закопани заедно.
Невладините организации во Вуковар се оние кои најупорно се трудат, и покрај емоциите кои се чини никогаш нема да стивнат, и покрај омразата, болката, вината, да воспостават соживот. Некаде успеваат, некаде не. Сепак, животот продолжува, а Србите и Хрватите повторно се обидуваат да живеат заедно.
Тузла - град на солидарноста
Тузла за време на војната беше под опсада на српските сили, кои постојано го бомбардираа градот, но тој никогаш не стана поделен град.
Стоиме и молчиме, некои од нас се крстат, некои кажуваат Фатиха, пред спомен-плочата на 71 млади луѓе кои загинаа заедно. Погребани се заедно, на местото кое се вика Алеја на младоста. Ги гледаме сликите на младите лица на нивните гробови. Под секоја фотографија има метална плочка со симболи - само неколку имаат полумесечина или крст, на повеќето се врежани само цветови...
|
НЕКОИ НОВИ ЖИТЕЛИ
Сребреница пред војната била град со висок стандард на живеење. Имало голема стапка на вработеност и голем број високообразован кадар. Во околината се експлоатирале рудници за олово, цинк и сребро, а има и наоѓалиште на злато.
Денес во Сребреница има проблеми со водата за пиење, со снабдувањето со струја, нема пекарница, нема гинеколог, нема скоро ништо. Скоро никој од домородното население не е вратен. Во градот сега живеат некои нови луѓе, претежно Срби. Но, се прават напори населението повторно да се врати, без оглед на националноста. Се прават и напори за помирување. Оние кои го преживеале масакрот, главно жени, велат дека помирување може да има, но дека оние кои се виновни за злосторствата мора да одговараат. Токму за време на нашиот престој во Сребреница, во републичката влада на Србија во Белград беше формирана комисија за вистината за Сребреница, во чиј состав има и претставници на невладините организации. |
Додека патуваме кон Зворник, жените од овој крај зборуваат за ужасите, за децата, жените, мажите, старите луѓе кои очајнички бегаа од четниците по снег, по дожд, а ние слушаме, додека во нашите срца се врежуваат нови и нови лузни, и гледаме во преубавата природа, во реките, зеленилото и планините кои кријат којзнае колку мртви и измасакрирани луѓе.
Сега во овој крај луѓето се враќаат во своите огништа. Нема инциденти, но Бошњаците немаат добар пристап до лекарска нега, училиштата се поделени, луѓето немаат работа.
На споменикот на Поточари, близу Сребреница каде се случило најголемото масовно убиство во светот по Втората светска војна, имаме заштита од полицијата. Ја гледаме фабриката од другата страна на патот, каде биле затворени муслиманите од Сребреница пред да се случи масакрот, а Мунира Субашиќ од Здружението на мајките од енклавите Сребреница и Жепа, раскажува:
- Бевме собрани од УНПРОФОР со објаснување дека ќе бидеме пренесени во Тузла. Не држеа пет дена во фабриката за акумулатори, а потоа дојдоа четниците, ги одвоија мажите и машките деца, вкупно 3.800, и ги убија. Нас не однесоа потоа во Тузла.
Мунира и другите членки на Здружението на мајки од енклавите Сребреница и Жепа се подготвуваат за погребувањето на 1.800 тела, на 11 јули годинава. Од Сребреница како исчезнати се водат 10.701 лице, од кои 5.500 се пронајдени, а само 200 идентификувани. Здружението има покренато иницијатива фабриката за акумулатори да се прогласи за комеморијален центар.
Мостот на Дрина
Патот не води натаму по долината на Дрина, каде на симболичен начин, пеш, го поминавме мостот кој претставува премин од Република Српска во Република Србија. Мостот има и друго значење - тука се убиени и од него се фрлени во водата 1.300 луѓе, мажи, жени и деца, Бошњаци, во 1995 година.
Јас се обидувам да сфатам како може човек да му направи такво нешто на друг човек, но не успевам. Замислувам како по реката во која сега гледаме пловеле човечки тела, и размислувам за зборовите на Адвија Шехомеровиќ, која се сеќаваше како тука, на бреговите на Дрина, оние кои пукале и оние во кои се пукало, некогаш одамна заедно правеле пикници, доаѓале со семејствата, се дружеле...
Ниш е градот кој на почетокот на војната бил познат како „црвен” град во кој Слободан Милошевиќ имал силна поддршка, но подоцна, во 1996/97 година, тука се развило силно граѓанско движење кое станало предводник на алтернативната борба против неговиот злосторнички режим. Осман Балиќ, градоначалникот на Ниш, е Ром и самиот вели дека е единствен Ром на таква или слична функција во Југославија. Тој зборува за правата на малцинствата и на напорите тие да се подобрат.
Македонија и Косово
Влегуваме во Македонија и одиме во Липково. Многу од нас ги препознаваат „симптомите” кои доведоа до конфликт во нивните средини. Мислиме како би сакале сите, сите од оваа земја да ги понесеме со нас, со караванот, за да видат, сфатат и научат...
Во Скопје се среќаваме со претставникот на Европската унија, Ален ле Роа, со кого разговараме за Охридскиот договор, за заканите за мирот. При посетата на Југоисточноевропскиот универзитет во Тетово меѓусебно разговараме за моќта на знаењето, дека луѓето кои се образовани се многу помалку оптоварени со националистичките чувства. Се надеваме дека овој универзитет ќе прерасне во место каде се негува мултиетничноста на најдобар можен начин.
- Косово денес е парадоксално место. Околу 51 отсто од луѓето живеат во крајна сиромаштија, а од друга страна многу се гради, има и многу богати луѓе. За мене е мачно прашањето на малцинствата на Косово. Преку невладината организација во која сум ангажирана, многу работам на враќањето на луѓето, Србите, Ромите и другите, на Косово, вели Јехона Ѓурќеала од Приштина..
Адвија Гаши ни зборува за периодот по 1994 година, кога Милошевиќ на Косово ги укинал сите компетенции и правата на луѓето. Адвија, како и многумина други, била отпуштена од работа, а нејзината сосетка, Србинка, секој ден & носела леб.
Косовска Каменица е мало место каде немало многу етнички судири. Се среќаваме со градоначалникот Шаип Сурдули, Албанец, а неговиот заменик Небојша Симиќ, Србин. Тие не велат дека сe е идеално, но велат дека проблемите ги решаваат заеднички.
Заминуваме за Грачаница, српската енклава која е чувана од КФОР. Жените од Грачаница, Србинки, и од Приштина, Албанки, остваруваат контакти.
Една од најважните цели на нашиот караван - Косовска Митровица. Градот е поделен на северен дел, каде живеат Срби, и јужен дел, каде живеат Албанци. Меѓу двата дела на градот се наоѓаат француските војници на КФОР и еден убав нов мост на реката Ибар, по кој ретко кој минува. Пред мостот, на албанската страна, стои ограден простор со неколку згради и продавници, со табла на која пишува „Влегувате во зоната на довербата”. Тука доаѓаат луѓето од двете страни, а потоа секој се враќа на својата. УНМИК, КФОР, но и повеќе граѓански иницијативи прават напори за обединување на градот, но без резултати.
Мостот го минавме пеш, иако со придружба на војниците од КФОР. Иако требаше да се сретнеме со жени, Србинки, од невладини организации кои работат во овој дел на градот, не можевме да стигнеме до нив. Се сретнавме со група луѓе, мажи и жени, кои не опколија, викајќи, а некои од нив покажаа огромна омраза и агресија. Не н& дозволија да влеземе во тој дел од градот, а многумина ни упатија навреди. Го чувствував стравот на муслиманките, Албанките и Бошњачките, во нашата група, а страв чувствував и самата, и за нив и за сите нас. По враќањето станавме свесни за опасноста на која се изложивме, бидејќи тука има многу екстремистички групации кои се вооружени.
Мостар без мостот
По посетата на Нови Пазар, преку Црна Гора се упатуваме кон Албанија. Се воодушевуваме од дивата убавина и цветните жбунови на брегот на Скадарското Езеро. Понатаму гледаме и помалку убави нешта: многу бункери останати од времето на режимот на Енвер Хоџа, и многу сиромашни места, меѓу кои се истакнуваат неколку нападно богати куќи - тие се последица на шверцот кој последните неколку години царуваше на овој простор.
Во Шкодра се сретнуваме со претставнички на неколку невладини организации и со градоначалникот Фатљим Нури. Разговаме за сиромаштијата и крвната одмазда, која е особено развиена во овој крај. Неколку од нас одат да посетат две семејства каде машките членови седат дома, плашејќи се од одмаздата. Беса Арифи од Тетово е една од нашата „делегација„, и подоцна ни раскажува за тешките услови во кои живеат тие семејства, во постојан страв дека некој може да им влезе дури и во куќите и да ја спроведе одмаздата во крв.
Се враќаме во Црна Гора, ја поминуваме Превлака, и влегуваме во долината на Неретва. Во Мостар, престолнината на Херцеговина, не сочекуваат жени со погача на Шпанскиот плоштад.
Иако дојдов „подготвена”, со одредени сознанија за разурнатоста на градот, и секако, на мостот, не очекував да видам последици на толкаво дивеење кое ми се чини дека е поголемо од она во Вуковар. Мостар, градот кој го паметам со особена нежност од едната единствена посета во времето пред распадот на СФР Југославија, сега е поделен на хрватски и муслимански дел, а за разлика од хрватскиот, муслиманскиот е страшно разрушен.
Стариот мост повеќе го нема, а ние ја слушаме приказната за неговото настанување: бил изграден во времето на султанот Сулејман Величествен, во 1566 година. Го градел неимарот Хајрудин, ученик на големиот турски архитект Сулејман (кој ја изградил Сината џамија во Истанбул). Мостот беше прочуен по својот лак, кој се извишуваше 30 метри над Неретва. Во 16 век тој претставувал градителско чудо - граден со сложување камен врз камен, а како врзивно средство било употребени лиено олово и белка од јајце.
Мостот во 1993 година го урна хрватската војска, предводена од генерал Момчило Перишиќ кој и денес е активен во хрватската армија. Ајша и Сенада, мостарките кои учествуваа во нашиот караван, ни зборуваа за тие тешки времиња под хрватската окупација. Хрватската војска, со намера да изврши егзодус над муслиманското население во Херцеговина, ги протеруваше муслиманите и Србите долж долината на Неретва, кои бегаа кон Мостар. Многу луѓе, посебно муслимани, беа фатени и однесени во злогласните логори Габела и Дретељ кај Чапљина и Хелиодром, во самиот Мостар. Од другата страна на градот во тој период се најде српската војска, и додека српското население успеа да се извлече кон Невесиње, муслиманите се најдоа меѓу два огна. Ајша низ солзи раскажува како луѓето немале што да јадат, како се криеле од гранатите, како со солзи го гледале уривањето на стариот мост. Откако заврши војната, Мостар речиси две години се чистеше од натрупаното ѓубре и шут, вели Ајша.
Караванот продолжува кон Книн, се среќаваме со локалната власт и бегалците, се соочуваме со национализам, но и со еден убав пример на соживот на Србите и Хрватите во селото Бискупија. Завршуваме во Словенија, со поинаква симболика - ја минуваме границата на развиена, стабилна Европа. Нашата визија е таа граница повеќе да ја нема.
Текст и фотографии: Маријана Иванова
|