КАЛЕНДАР 1-7 октомври Детска недела Традиционално, првата недела на октомври им е посветена на децата. Предвидени се повеќе активности (промоции, изложби и други), организирани од Сојузот за грижи и воспитување на децата на Македонија. 6-7 октомври Посета на Малешевијата Граѓанската асоцијација за рекреативно движење – ГАРД и овој месец организира интересна посета на природните локалитети на нашата држава. Овој пат, дестинацијата е во, за многумина, недоволно откриената источна Македонија. Викендот, 6 и 7 октомври, се организира посета на Малешевијата и на Берово. Заинтересираните треба да се пријават што побргу во ГАРД, на телефонот 02/130-000. 17 октомври Во борба против сиромаштијата Седумнаесетти октомври од ООН е прогласен за меѓународен ден за борба против сиромаштијата во светот. Хуманитарните активности и донаторството можат да ја ублажат сиромаштијата, но најдоброто оружје против неа е создавањето услови за работа за невработените и социјалните случаи. Ова нека биде повод и граѓанските здруженија да размислуваат на оваа тема и да преземат одредени акции во таа насока.
23-25 октомври Саем за граѓанските организации
Македонскиот центар за меѓународна соработка, во соработка со CRS (Catholic Relief Service) и Институтот за трајни заедници, организира Саем за здруженијата на граѓани и фондациите кои работат во Република Македонија. Саемот ќе се одржи во хотелот „Александар палас” во Скопје и претставува извонредна можност граѓанските организации да се запознаат, да се претстават и да ги разменат искуствата. На саемот се предвидени повеќе обуки, тркалезни маси, трибини, дискусии и други активности.
|