Донатори
Светска банка
Граѓанскиот сектор е важен соработник за Банката
Канцеларијата на Светската банка во Македонија е отворена во 1995 година. И покрај тоа што Банката работи директно со Владата, таа спроведува активности и програми во кои активно ги вклучува и сите сегменти на граѓанското општество во Македонија. Директно со невладиниот сектор, Светската банка работи преку посебна програма за мали грантови, чија цел е оспособување на НВО чија целна група се маргинализираните групи граѓани, со цел да се зголеми нивното влијание врз јавниот живот во државата.
- Конкурсот за пријавување проекти од НВО за оваа програма беше објавен во текот на декември 2002 г., а станува збор за мали грантови, во висина од 3 до 7 илјади американски долари. Конкурсот е објавен во средствата за јавно информирање, може да се најде и на нашата веб-страница (www.worldbank.org,mk), а информацијата ја дистрибуиравме и до ФИООМ и до МЦМС - вели г. Денис Бошковски, асистент за комуникации во Светската банка – Канцеларија во Скопје. Во насока на остварување на својата генерална цел – намалување на сиромаштијата со сите аспекти што таа ги опфаќа, Светската банка остварува и други видови соработка со невладините организации и останатите актери на граѓанското општество. Еден од нив е индиректната и нефинансиската асистенција. Моментно Канцеларијата на Светската банка во Македонија врши подготовки околу процесот на креирање на Тригодишната стратегија за помош на Македонија. - Овој процес е многу важен за нас и во него сакаме да го вклучиме во најголема можна мера граѓанскиот сектор во Македонија: невладините организации, академиците, новинарите и другите актери од тој сектор. Важно е сите да учествуваат во креирањето на стратегијата којашто на Македонија може да & донесе 50 милиони американски долари годишно. Ќе се изработи подготвителен материјал што ќе ја содржи глобалната рамка на оваа стратегија и кој на почетокот на идната година ќе биде дистрибуиран на што повеќе адреси. Овој процес на собирање мислења и предлози во врска со стратегијата ќе трае две-три недели – вели г. Бошковски. По собирањето на мислењата, ќе се одржат неколку семинари во повеќе градови во цела Македонија. Врз основа на дискусиите на овие семинари, во соработка со Владата, Канцеларијата на Светската банка во Македонија ќе ја изработи Стратегијата. Тој документ потоа ќе се прати на одобрување во Бордот на Светската банка во Вашингтон, чиј одговор треба да биде формулиран во периодот април-мај идната година. - Очекуваме добра соработка со граѓанскиот сектор - вели г. Бошковски. – Досегашната соработка со овој сектор ја оценуваме како мошне корисна за обете страни и се надеваме дека таа значително ќе се прошири во идниот период - додаде тој. М. Иванова
|