Latest edition Contact Order by e-mail
Editorial
Events
Civil society
Education
Culture
Women
Environment
Calendar
Cover story
Reportage
Interview
Research
Views
Presentation
Publications
History of the civil society
People
Mobilization of resources
Arhive
Home
NGO Fair
2005
Events
Photo Galleries
Arhiva
Archive
Perspectives
Organizational CV
Register of Civil Organizations in Macedonia
Contact






ONLINE VERSION
PRINT VERSION

  Број 18 Јули 2002  Тема

Линкови
Граѓански организации и фондации
Медиуми
Институции
Регион и свет
Странски организации и претставништва во РМ
Сервиси
Огласи за обуки
Слободни работни места
Конкурси
























News

НВО И ИЗБОРИТЕ 

Парламентарни избори со широка партиципација на НВО

Како организирана форма на легално и легитимно граѓанско здружување, НВО настапија како активни градители на иднината на сопствената држава. Над сто невладини организации спроведуваат проекти во Македонија, во контекст на Парламентарните избори, поддржани од неколку фондации, меѓународни организации и дипломатски претставништва - за жал, не и од нашата Влада (со исклучок на еден или два проекта)

Маријана Иванова

Тоа што на Парламентарните избори 2002 година се вклучија толку многу невладини организации преку најразлични активности (за едуцирање, информирање и мотивирање на гласачите, проекти за лобирање и друго), говори во прилог на развојот на граѓанската свест во Македонија. Невладините организации покажаа свест дека како граѓани треба и мора да се вклучат во таков процес, каков што се изборите. Бидејќи, овој процес битно ќе го детерминира животот на сите граѓани во Македонија во наредните 4 години.

Како организирана форма на легално и легитимно граѓанско здружување, НВО настапија како активни градители на иднината на сопствената држава.
Над сто невладини организации спроведуваат проекти во Македонија, во контекст на Парламентарните избори, поддржани од неколку фондации, меѓународни организации и дипломатски претставништва - за жал, не и од нашата Влада (со исклучок на еден или два проекта). Најголеми донатори на НВО за проектите поврзани со изборите се: ФИООМ, ИТЗ, УСАИД, НДИ, Институтот Евро-Балкан, амбасадите на Норвешка, Велика Британија, Швајцарија (програмата СДЦ), Канада, Шведска, Австрија и други организации и институции.


Организираност за транспарентност

Оваа година, специфична е и организираноста на невладиниот сектор - по иницијатива на неколку здруженија, формиран е НВО инфоцентар, чија цел е да овозможи постојан проток на информации за активностите на НВО до средствата за јавно информирање, како и меѓу самите невладини организации. Самите невладини организации сметаа дека е потребно што потранспарентно претставување на нивните активности што ќе ги реализираат во контекст на Парламентарните избори 2002.

Самото функционирање на Центарот е поддржано од Фондацијата Институт отворено општество Македонија, а со различни форми на свое доброволно учество - во форма на волонтерска работа, опрема и слично, учествуваат и неколку невладини организации: Центар за развој на медиуми, Евро-Балкан, ОХО, Коалицијата Граѓани за граѓаните, Сојузот на организациите на жени на Македонија и Здружението на новинари на Македонија.

Во рамки на Центарот е организиран и посебен, Женски изборен прес-центар, што го оформува Институтот Евро-Балкан со поддршка на швајцарската Програма за развој и соработка.


Информирање

НВО инфоцентарот, лоциран во култното Кафе „Медиум” во Скопје (спроти зградата на Парламентот), е простор во кој речиси секојдневно се одржуваат прес-конференции, дебати, тркалезни маси и други активности на невладините организации, а оттаму секојдневно се испраќаат соопштенија до јавноста и прегледи на активностите на НВО, кои се дистрибуираат до медиумите.

Овие информации, исто така, можат да се најдат на веб-страницата www.mango.com.mk, а се дистрибуираат и преку шесте информативни регионални центри кои ги организира Здружението на новинари на Македонија.


Издавачка дејност

Невладините организации развија и богата издавачка дејност поврзана со Парламентарните избори. На граѓаните им е претставена литература со едукативен и информативен карактер, во која се појаснуваат правата на гласачите генерално, правата на посебните категории (хендикепираните лица, затворениците, неписмените лица, лицата на отслужување воен рок, немоќните и болните лица, внатрешно раселените лица...), потоа, изборниот процесс, начинот на гласањето, мониторингот, правилата на кампањата, надлежностите на полицијата и на набжудувачите, процесот на броењето на гласачките ливчиња и сите останати моменти во изведувањето на изборниот процес.

Како никогаш досега (кога станува збор за избори) , граѓаните имаат на располагање брошури, лифлети, водичи, ТВ-спотови, постери, разгледници и друг материјал чија цел е да ги мотивира, информира и едуцира гласачите. 

ИНТЕРВЈУ: ВЛАДИМИР МИЛЧИН, ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР НА ФИООМ

Нов квалитет во политичкиот живот кај нас

Со г. Владимир Милчин, извршен директор на Фондацијата Институт отворено општество - Македонија, направивме кусо интервју во кое ги сублимиравме најактуелните случувања и теми поврзани со улогата на невладините организации во изборната програма. Г. Милчин зборува за причините и за последиците од зголемената активност на НВО во изминатиов период, за опструкциите на она што го нарекува „нов квалитет во политичкиот живот кај нас”.

Г.С. - Дали се согласувате дека се чувствува мошне силен наплив на активности на НВО за овие избори, за разлика од досегашните? Што мислите, на што се должи тоа?
В.М. -
Сигурен сум дека овие избори ќе останат запаметени и по зголеменото присуство на НВО во јавноста и тоа несомнено претставува нов квалитет во политичкиот живот кај нас. Минатогодишната војна влијаеше на созревањето на свеста дека секторот на НВО мора да ја надмине фазата на расцепканост и некоординираност, доколку сака неговиот глас да биде слушнат. Македонија се најде на работ од бездната и одговорноста да се преземе нешто не можеше да биде одбегната. Демократијата кај нас сe повеќе се претвора во т.н. партијократија. Легитимноста на власта што ќе биде избрана на овие избори може да биде осакатена доколку одѕивот на граѓаните биде мал и доколку изборите бидат неслободни и недемократски. Без оглед на сe, на Македонија & е неопходен здрав демократски процес во кој граѓаните ќе ја искажат својата волја.

Г.С. - Според Вас, зошто е важно учеството на НВО и граѓанските формални и неформални здруженија во изборниот процес?
В.М. -
Најголемиот дел од институциите на системот кај нас не функционираат. Оние што функционираат, функционираат како партиски институции. Речиси без исклучок. Општеството е поделено, пред сe етнички, а потоа и партиски. Невладиниот сектор кај нас многу успешно ги обединува граѓаните од различно етничко потекло. Во невладините организации можат да се најдат заедно граѓани кои се членови или симпатизери на различни партии. Идентитетот на граѓанинот не може да се редуцира на етничка, верска или партиска припадност. Ние веќе научивме дека не е здраво јавните работи да им ги препуштиме на партите. Учеството на НВО во изборниот процес е израз и на определбата новата власт, која и да е, да биде под постојан граѓански мониторинг.

Г.С. - Зошто тоа & пречи на власта, кога таа декларативно се залагаше за транспарентност, јакнење на граѓанското општество, соработка со НВО и слично?
В.М. -
За жал, нашата власт демонстрира нездрава доза самобендисаност и нетолерантност за каква и да е критика. Таа има уши само за аплаузи и ласкање кои доаѓаат од добро платените „клакери”. Власта се обиде да ги дисциплинира и да ги замолчи сите што сметаат дека граѓаните треба да тренираат строгост, а не сервилност кон власта. Тоа се случуваше со пратениците што ги напуштија партиите од владината коалиција, со медиумите што искажуваа критичност, со деловните луѓе што се спротивставуваа на „партиската економија”. Отпорот растеше паралелно со разоткривањето на бездната меѓу зборовите и делата на власта. Во таа бездна потонаа многу декларативни заложби, па и онаа за соработката на партите на власта со НВО.

Г.С. - Во дел од јавноста зголемениот интензитет на присуство на НВО се толкува како приклонување на секторот на НВО кон една или друга политичка опција. Како би го прокоментирале ова?
В.М. -
Тоа е израз на сфаќањето” или-или”, односно „ако не си со нас, тогаш си против нас”. Тоа е онаа идеологија која граѓаните ги гледа само како партиски војници, а членовите на партиите ги сведува на папагали кои не мислат, туку само ги преџвакуваат ставовите на партиските раководства. Со еден збор, болшевизам. Рецидив од „проклетото минато”. Во секоја демократска средина, власта е таа што ја носи најголемата одговорност за состојбите. Зашто власта ја има моќта. Кај нас, со оглед на дефектите во системот, криминализираноста на власта, сиромаштијата на населението, меѓуетничката недоверба и неразвиеноста на граѓанското општество, власта сe уште успева да регрутира демагози, конспиролози и фалсификатори кои се обидуваат да го изманипулираат населението во полза на „незаштитената и невината” власт која ја изеде државата.

ОХО

Како најлесно да ја упропастите сопствената држава

Граѓанската асоцијација ОХО секако на граѓанското ангажирање во изборниот процес му даде нова и оригинална димензија. Со својата граѓанска акција „Македонија не смее да ги изгуби овие избори”, ОХО предизвика големо внимание во јавноста, објаснувајќи дека ја покренува „ Со надеж дека од Македонија сепак може да се направи граѓанска држава со сите нишани, а со страв дека во Манитоба е премногу ладно”. Во рамките на оваа акција, се спроведува кампањата „Како најлесно да ја упропастите сопствената држава”, со веќе многу популарниот истоимен Прирачник за гласачи и кандидати за пратеници, со текстовите на Трендо и Пеце Талевски. ОХО во НВО инфоцентарот секој четврток, до завршувањето на изборниот процес, ќе организира дебати на актуелни теми поврзани со овој процес.

ГРАЃАНИТЕ ЗА ГРАЃАНИТЕ И КОНРАД АДЕНАУЕР

Зголемување на довербата во избирачкиот список

Во организација на Коалицијата „Граѓаните за граѓаните”, со поддршка на германската фондација „Конрад Аденауер”, на 12 јули, годинава, се одржа дебата на темата „Зголемување на довербата во избирачкиот список”.

На дебатата говореа експерти – универзитетски професори, претставници од министерствата за правда и за внатрешни работи, од Заводот за државна статистика, од Државната изборна комисија, поранешни пратеници, претставници на политичките партии, претставници на меѓународната заедница, меѓународни експерти итн.
Коалицијата „Граѓаните за граѓаните” на годинешните парламентарни избори организира непартиско набљудување на изборите, со тимови од граѓани мешан етнички состав.

Д. Медароски


ОПШТИНА ЗЕЛЕН ГРАД

Спроведени најдемократските избори

Партијата СИН (Сакај ја или напушти ја) и нејзиниот лидер Милан од Куманово, се новите носители на власта во општината Зелен Град, избрани на фер, демократски и еколошки избори, на какви можат да им позавидат и најразвиените демократии во светот. Добро котираше и Партијата БМ (Бунтовна младина), а едно советничко место & припадна на партијата СТП (Саве тхе Планет). Партијата „Сашо, Џулија и пријателите” не освои ниту едно место. Од 5 советници, 4 се жени.

Ова се „резултатите” од „изборите” во општината „Зелен Град”. Сите овие наводници, секако, зборуваат дека се работи за фикција. Всушнот, станува збор за проектот „Регионален камп за демократија - општина Зелен Град”, организиран од Граѓанската иницијатива „Пријатели на Македонија”, во соработка со Регионалната агенција за развој од Крива Паланка и општината Крива Паланка.

- Регионалниот камп за демократија е заснован на практични примери и решавање проблеми кои ќе ја подигнат свеста за значењето на демократијата и разбирањето на локалната самоуправа како јадро на силна демократска нација и нејзината главна карактеристика: граѓанско општество водено од волјата на народот. Кампот претставува симулација на општина, наречена Зелен Град, а нејзини „жители” се млади луѓе, средношколци. Сакавме со овој камп да обезбедиме идеална средина во која средношколците ќе можат да научат за демократијата преку основање на структурата на локалната самоуправа, алтернативните методи во заштитата на животната средина и економскиот развој кој води сметка за животната средина”, вели Даниела Стојановска од „Пријатели на Македонија”.
 


(Илустрациите се на Дарко Марковиќ, изработени за проектот „Моќта е во народот”)

 

©MCMS - designed by KOMA