ДЕЦЕНИЈА ПОСВЕТЕНА НА РАЗВОЈОТ
Излегување од кризата, помирување, закрепнување и развој
Во 1993 година, во екот на војната која ја распарчи некогашната СФР Југославија, Светскиот совет на црквите со своето екуменско присуство се обидуваше да ги намали последиците од братоубиствената војна на овие простори. Во системот на водечки агенции на ССЦ, Македонија беше под надлежност на Холандската меѓуцрковна помош, чија намера беше воспоставување на подолгорочно присуство во нашата држава со целите да помогне во сочувувањето на мирот и за развој на цивилното општество; и да им помогне на луѓето кои имаат потреба од помош.
Во септември 1993 година, ХМП отвори канцеларија во Скопје. Канцеларијата постоеше се додека не беше формиран оперативниот партнер на ХМП во Македонија - Македонскиот центар за меѓународна соработка.
Основачкото собрание на МЦМС се одржа во декември 2003 година.
Годинава, значи, за МЦМС претставува значаен јубилеј - 10 години растеж и развој за развојот на Македонија. По тој повод, во наредните четири изданија на „Граѓански свет“, на две страници ќе објавуваме текстови посветени на активностите и на развојот на МЦМС.
Во овој број, ги претставуваме активностите кои МЦМС ги спроведе во 2000 и 2001 година.
Како да се надмине кризата низ која помина македонската држава, како да се ублажат последиците од војната, да се придонесе кон севкупниот развој на земјата - почнувајќи од економското закрепнување, па се’ до социјалната кохезија, помирување на спротивставените страни, разоружување, владеење на правдата? И како, во целиот тој контекст, да се проектира правилно сопствениот развој низ призмата на нова тригодишна стратегија, како и низ призмата на една подолгорочна визија?
Сите овие, како и низа други предизвици, стоеја пред МЦМС во периодот 2000-2001 година. Ако сега, две години отпосле, ќе се осврнеме на тој период, јасно гледаме дека МЦМС одговори на тие предизвици. Дури, и многу повеќе од тоа…
2000: Стабилизација по косовската криза
На почетокот на новиот милениум, пред МЦМС се постави прашањето на враќањето на фокусот на своите главни активности кон развојот, и сопствениот, и на државата. Додека во изминатиот период (а особено 1999 година), фокусот на активностите на МЦМС беше насочен кон големата задача - помош во надминување на бегалската криза предизвикана од косовскиот конфликт и надминување на последиците од војната во Југославија, во 2000-тата требаше да се направи оценка на сопствениот среднорочен план и да се проектира нова периодична стратегија. За МЦМС интервенцијата во надминувањето на бегалската криза значеше огромно искуство и беше шанса за самодокажување, искушение за сопствените потенцијали и капацитети. Шансата беше успешно искористена, а искушението доведе до позитивни резултати. Тоа беше истовремено можност да се порасне и осозрее на најдобар можен начин - низ самопрегорна работа, низ учење преку практиката, низ соочување со дотогаш непознати предизвици. Процесот на среднорочната оценка (внатрешна и надворешна), покажа позитивни ефекти.
По скоро едногодишниот прекин, во 2000-тата повторно се обновија активностите во секторот граѓанско општество и демократија. Програмата за јакнење на НВО и Програмата за јакнење на женските НВО за здравствена едукација, полот-проектите за дијалог, толеранција и човекови права како еден вид „наследство“ од кампањата „Цело е кога има се“, значеа фокусирано свртување кон домашната граѓанска сцена. Граѓанските здруженија добија неколку обуки. Беше дистрибуирано списанието посветено на женските здруженија, „Перспективи“. МЦМС во овој период доби и признание од новинарите-екологисти за својата улога во заштитата и унапредувањето на на животната средина. Продолжија активностите за поддршка на народните црковни кујни. Внимание беше посветено на хендикепираните лица, кои се една од важните целни групи на МЦМС. Ќе ги споменеме проектот за преквалификација на 20 хендикепирани лица од Прилеп, кои се вработија во Заштитната работилница за професионално оспособување „Мегал“, како отворањето Клуб за хендикепирани во Дебар, кој со финансиска поддршка од МЦМС го отвори Здружението на Ромите „Месечина“ од Гостивар. МЦМС успеа да добие финансии за набавка на печатач со Браева азбука за слепите деца од Институтот “Димитар Влахов” во Скопје.
Во рамките на Програмата за водоснабдување на селата, беа донирани над 10 милиони денари за подобрување на водоснабдувањето во селата Бучин, Пресил, Милошево, Ворбоец и Светомитрани, во општина Крушево. Со тоа, 2.278 постојани и околу 100 повремени жители на овие села добија доволно чиста и здрава вода за своите потреби.
Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) пласира шест заеми во вид на кредити за 788 индивидуални земјоделци и неколку мали претпријатија; а беа доделени кредити, во соработка со „Можности“, за микро-претпријатија. На планот на економската помош, беа спроведени неколку активности на планот на поврзувањето на претпријатијата Скопје-Солун: совети, издавање на брошури на 4 јазици (македонски, грчки, германски и англиски), отворање Центар за деловна поддршка, објавување на веб-страницата www.thesko.gr, семинар за обука на претприемачи. На крајот на октомври 2000-тата година оваа програма заврши, но не беше прекината - таа продолжи да се спроведува во нов институционален дом - Претставништвото на германското стопанство во Скопје.
На крајот на годината, МЦМС, во соработка со уште 13 здруженија на граѓани, го одржа првиот прием на НВО, со цел да им се одаде поддршка на граѓанските здруженија за успешното справување со двете претходни, бурни години.
2001: Закрепнување и продолжување понатаму
Македонската криза значеше пореметување во секој поглед - државата се соочи со вооружен конфликт во своите граници, а потоа со мировниот процес и помирувањето. Многу нешта во самата држава беа ставени на проба, а работата на МЦМС беше прилагодена на новонастанатите услови.
Во 2001 година МЦМС започна и со новиот, тригодишен среднорочен период кој ќе трае до крајот на 2003-тата година. Согласно новите услови, беа воведени значителни програмски промени - од воведувањето нови програми, с$ до измени во дотогашните.
МЦМС беше еден од иницијаторите за сопирање на конфликтот. Беа одржани јавни настани, со потпишување на Изјавата за ненасилно решавање на кофликтите, во соработка со неколку други организации (Центарот за мултикултурно разбирање и соработка, Ел хилал, „Месечина“, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Нансен дијалог центарот и поддршка на уште десетина други). Но, кога конфликтот се случи, една од поважните активности во оваа година беше хуманитарната помош. МЦМС беше првата организација која им притекна напомош на раселените лица од кризните региони. Беше организиран хуманитарен конвој во соработка со организациите Милосрдие, Ел хилал, Македонската православна црква и Исламската верска заедница, кој им даде итна помош на жителите на општините Вратница и Шипковица, со мешан етнички состав. Беа дистрибуирани пакети со хигиенски производи и храна во колективните центри за раселените лица, санирани водоводи, издадена брошура за раселените лица и веб-страница посветена на хуманитарната помош и стабилизирање на состојбата на раселените...
Програмата за оспособување на заедниците овозможи изградба на водоснабдителни системи во 15 локални заедници. Истовремено, локалните жители добија обука, техничка и институционална помош. Во рамките на Програмата за мали развојни иницијативи беа опфатени 6.600 жители од општина Могила и селото Бардовци. Во Могила беше отворен Центар за обука за работа со компјутери. МЦМС во овој период издаде и неколку значајни публикации: списанието „Граѓански свет“, Адресарот на здруженијата на граѓани во Македонија, како и Зборникот на проекти на граѓански организации во Македонија.
Македонската развојна фондација за претпријатија во овој период опфати 1.985 корисници.Беа дадени заеми на 443 индивидуални земјоделци и 27 мали претпријатија, беа дадени обуки, услуги за изработка бизнис-планови, информации и грантови. Кон средината на 2001 година, МРФП започна нова програма, во сосоработка со Канадскиот центар за меѓународни студии и соработка – ЦЕЦИ, наменета за поддршка на развојот на рурални бизниси и нивно полесно интегрирање во пазарната економија. Во овој период, по двегодишна работа, МЦМС ги заврши сите хуманитарни активности во Косово.
Програмата за градење односи во заедницата беше насочена кон мирната коегзистенција на граѓаните во мултикултурното македонско општество. Беше дадена обука (во соработка со MNNI-Mediation Network for Northern Ireland ) за медијација и управување со конфликтите – вештини кои на граѓаните во постконфликтна Македонија им беа повеќе од неопходни.
Подготвила: Маријана Иванова
|
ПРИМЕНА НА ЗАКОНСКАТА РЕГУЛАТИВА
Работилници за Законот за здруженија на граѓани и фондацииМЦМС, како иницијатор на изготвувањето и донесувањето на Законот за здруженија на граѓани и фондации, одржа неколку работилници низ Македонија на кои се дискутираше на прашањата кои произлегоа од неговото спроведување. |  |
ПРВО СПИСАНИЕ ЗА ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО ВО МАКЕДОНИЈА
Граѓански свет
 На почетокот на 2001 година почна да излегува месечното списание “Граѓански свет” – првото списание посветено на граѓанското општество во Македонија. Списанието оттогаш па до денес е достапно во печатена форма, на македонски, и во електронска форма, на македонски и на англиски јазик. |  |
НВО САЕМ
Претставување на граѓанскиот секторВо 2001-та година, МЦМС беше иницијатор за организирање на првиот НВО саем во Македонија. Тој се одржа во Скопје, со финансиска поддршка од МЦМС и од Европската комисија. |  |
НАГРАДИ ЗА ГРАЃАНСКО ОПШТЕСТВО И ДЕМОКРАТИЈА И ЗА ОДРЖЛИВ РАЗВОЈ
Поддршка на позитивните примериВо 2001 година МЦМС ги востанови двете награди – Награда за граѓанско општество и демократија и Награда за одржлив развој “Херт Јан ван Апелдорн”. |  |
|