ВЛАДИТЕ НА МАКЕДОНИЈА И НА АЛБАНИЈА
Проект за заштита на Охридското Езеро
Во издание на владите на Македонија и на Албанија, издадена е публикацијата "Проект за заштита на Охридското Езеро бр. 3", во која се претставени активностите на двете држави во рамките на проектот финансиран од Светската Банка.
ОРГАНИЗАЦИЈА НА ЖЕНИТЕ НА ГРАД СКОПЈЕ
Гласот на душата
Организацијата на жените на град Скопје ја издаде книгата "Гласот на душата", која е всушност сведоштво на работата на СОС-телефонот за жени и деца жртви на насилство. Во книгата, која е издадена со финансиска поддршка на МЦМС, се претставени информации за насилството како појава, и конкретно за неговата појава во земјите во транзиција, искуствата од работата на СОС-телефонот во Македонија но и на СОС-телефоните во други држави.
ФОМЕК
Еко-неТ
Форумот на млади екологисти - ФОМЕК, издготви веб-страница на која оние кои се интересираат за животната средина можат да најдат најразлични информации од областа.
РОМСКИ МЕЃУНАРОДЕН ЦЕНТАР
Стоп на етничките предрасуди!
Ромскиот меѓународен центар во Македонија ја издаде брошурата "Стоп на етничките предрасуди!", како дел од Кампањата за подигнување на свеста на јавноста за искоренување на негативните предрасуди за Ромите.
ЕД КЛАДЕНЕЦ, ПЕХЧЕВО
Отпад
Брошурата "Отпад", издание на еколошкото друштво "Кладенец" од Пехчево, има за цел да ја запознае јавноста со еден од најголемите проблеми поврзани со животната средина во нашата држава. Со оваа брошура, поддржана од Институтот за трајни заедници од САД, "Кладенец" се вклучува во кампањата што веќе подолго време се води во Македонија за намалување на отпадот и негово правилно управување.
ЕВРОПСКА КОМИСИЈА И ИЦПЦР
Лифлет за условната осуда
Делегацијата на Европската Комисија во Македонија и Меѓународниот центар за превентивни активности и решавање на конфликти - ИЦПЦР издадоа лифлет под наслов "Елиминирање на пречките за практична имплементација на условната осуда со заштитен надзор", кој може да послужи како добар извор на информации за здруженијата кои работат на човековите права и спроведување на правдата.
ТЕМПЛУМ
Утопистика
Издавачката куќа Темплум ја издаде најновата книга од библиотеката "21 век" - "Утопистика, или: Историските избори на 21-иот век" од Имануел Волерстин.
ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА СТАТИСТИКА
Информации низ бројки и табели
Државниот завод за статистика изготвува веб-страница на која се дадени статистичките податоци за сите области од општественото живеење кои се следат во нашата држава. Дадени се линкови за производи и услуги, пописи, статистички податоци, новости, деловна соработка, анкети...