Во Македонија се одржа првиот Европски ден на претприемачот

“НИ ТРЕБА ПОВЕЌЕ ПРТПРИЕМНИЧКИ ДУХ”

                                                                                                                         албански

Оваа година за првпат во Македонија се одржа манифестацијата „Европски ден на претприемачот”. На 9 и на 10 мај, на Скопскиот саем, се одржаа 11 семинари на коишто на повеќе од 500 присутни им се обратија околу 50 говорници. На саемот на претприемништвото учествуваа 60 компании од земјите од регионот (Србија и Црна Гора, Косово, Босна и Херцеговина, и Македонија), како и организации за поддршка на претприемништвото.

Организатори на манифестацијата беа Министерството за економија на Република Македонија, Градот Скопје, Агенцијата за поддршка на претприемништвото на РМ - АППРМ, Европската бизнис-асоцијација - ЕБА, Македонската развојна фондација за претпријатија - МРФП, Академска тренинг асоцијација (Ацадемиц Траининг Ассоциатион) – АТА, со поддршка од Делегацијата на Европската комисија.
 

Како се разви идејата

„Проектот го започнавме во јуни 2005 година”, вели Димитар Ристовски, директор на Европската бизнис-асоцијација (ЕБА), еден од организаторите на „Европскиот ден на претприемачот”. „Откако ја добивме поддршката од Делегацијата на Европската комисија и на Градот Скопје, дознавме дека и Министерството за економија на РМ, заедно со АТА од Холандија, планираат Денот на Европа да го прослават со одржување саем на претприемништвото на претприемачите од Југоисточна Европа. Имајќи предвид колку се слични нашите идеи, се договоривме заедно да го организираме настанот”, вели Ристовски.

Потоа се вклучиле и другите поддржувачи на манифестацијата. „Поаѓајќи од претходното позитивно искуство, Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) се вклучи во организацијата на овој настан”, вели Тетјана Лазаревска од МРФП. „Сметавме дека ова е одлична можност да ги споделиме досегашните искуства и да ги отвориме прашањата коишто претставуваат тесни грла во работењето на претприемачите”, додава таа.

Европската бизнис-асоцијација го добила правото на користење на логото и насловот на настанот „Европски ден на претприемачот”.

Целта на настанот е да се развива претприемништвото и да се овозможи едно место на коешто владините институции, локалната самоуправа и претпримачите ќе разговараат за политиките за развој на претприемништвото.

 

Што понуди манифестацијата

Европскиот ден на претприемачот имаше два дела, еднот форумски, а другиот изложбен. На првиот, учесниците и посетителите имаа можност да слушнат за европските политики за поддршка и развој на претприемништвото, за претприемничкото учење, за кластерскиот пристап кон развојот на претприемништвото, за претприемништвото во локалната самоуправа, за можностите за финансирање на малите и средните претпријатија, за начините за зголемување на извозот во ЕУ преку подобрување на квалитетот, иновацијата, промоцијата и стандардизацијата, потоа за зголемувањето на меѓуграничната соработка со елиминирање на трговските бариери итн.

Во изложбениот дел, шеесетина компании од регионот имаа можност да покажат што работат и да воспостават контакти за нивната идна соработка. „За саемскиот настан дознавме од АТА, која истовремено ни ги покри транспортните трошоци и трошоците за престој во Скопје”, вели Бајрам Бинаку, од Фабриката за пиво во Пеќ, една од компаниите што ги изожи своите производи на Европскиот ден на претприемачот. „Ние како компанија редовно учествуваме на вакви настани и ова е третпат да сме во Скопје. Целта на нашето учество е да создаваме контакти со претприемачи од регионот и да го пласираме повторно нашиот производ, имајќи предвид дека порано нашето пеќко пиво беше многу познато. Ние сме задоволни од нашето претставување овде како од наша страна, така и од организаторот”, додаде Бинаку.

И „Абакус комерц” учествуваа во изложбениот дел на Европскиот ден на претприемачот. „Сметавме дека саемот е одлична можност да ги запознаеме фирмите и другите организации коишто имаат потреба од печатење информативни материјали, со нашата работа. Имаме забелешка на поделбата на просторот во којшто се презентираа организациите и компаниите, сметаме дека единствен простор ќе беше попродуктивен за нас, но што е, тука е”, рече Љубен Сараѓиновски, графички дизајнер во „Абакус комерц”. Тие очекуваат дека 3-5% од вкупно остварените контакти ќе вродат со понатамошни деловни резултати.

 
Што понатаму

„Мислам дека завршивме добра работа”, вели Димитар Ристовски од ЕБА. „Можеби настапивме амбициозно, ама ги реализиравме плановите. И првичните реакции од излагачите и учесниците се позитивни, што посебно н$ охрабрува”, додава тој.

„Идејата е да го востановиме овој настан како традиционален, да се добие претстава дека овој настан постои. Сакаме цел на овој настан да бидат и студентите и младите невработени лица”, вели Ристовски и додава: „Но, сакаме и да се смени менталитетот кај младите луѓе, да бидат свесни дека тие самите би требало да си овозможат работа, а не да ја чекаат од друг. Затоа мислам дека е потребна промена на свеста, ни треба повеќе претприемнички дух”.