Како до успешни “мулти-култи” активности

Принцип на неутралност

                                                                                                                         албански

Сметајќи дека генезата на поимот неутралност нема потреба да се објасни поради тоа што е лесно разбирливо, во овој текст ќе се осврнам само на неколку аспекти на неутралноста коишто можат да придонесат за успешно реализирање меѓуетнички проекти. Значи, фокусот ќе биде на: неутралност во проектниот тим, неутралност на местото на вашата главна активност и неутралност на содржината на вашите пораки во проектот.

Пред с$, од агол на проектен циклус, неутралноста треба да се разгледа како битна компонента во сите фази на имплементацијата на еден проект. Истото не може да биде од помало значење во фазата на идентификација, а од поголемо во главната активност. Зошто? Прво, за да почнете со активности коишто ја носат идејата и духот на мултикултурализмот и вие како важен дел од приказната не треба само декларативно да докажете дека сте за таква работа, туку и тоа да го покажете со опипливи факти, кои со нивната симболика ќе ја доближат вашата целна група кон вашата цел и целта на проектот. Секоја мала симболичка пристрасност на работниот тим значи губење на довербата од страна на целната група. При составувањето на проектниот тим ние често знаеме да го занемариме фактот дека целната група со којашто работиме треба да е максимално застапена во сите фази. Ако организираме активности од меѓуетнички карактер, а нашиот проектен тим се состои од хомогена структура, тогаш сме вградиле самоуништувачки елемент којшто мора да го елиминираме. Уште повеќе, треба да сме свесни дека никој не сака да биде само бројка којашто ќе послужи за статистички податоци во проектните резултати. Колку структурата на тимот е хетерогена, а помалку или повеќе имаат еднаква моќ во донесувањето одлуки, толку повеќе вашите врати ќе бидат отворени, а со тоа и вашите успеси ќе бидат зголемени. Сето ова е во врска со еднаквоста, но е ставено во контекст на неутралноста со цел да се да докаже важноста на симболиката на нашите чинења или нечинења.

Неутралноста во однос на местото е важна од многу аспекти. Никој не би се чувствувал пријатно во место каде што делови од соопствениот идентитет и постоење се исмејуваат, уценуваат или загрозуваат, на пр. Охридскиот рамковен договор претставува еден вид процес на фацилитација и тој се потпиша во Охрид затоа што тоа место обезбедуваше минимум критериуми за елиминирање на чувствата на непријателства. Можеше да се одржи некаде во Западна Европа, но значењето на постигнатиот договор е секогаш поголемо кога страните учесници во договорот самите во свое место го решаваат својот проблем. Над сето тоа, за да се обезбеди неутралноста, внатрешната просторија исто така била средена на тој начин што симболички покажувала дека е неутрална (религиозните и патриотските слики коишто можело негативно да влијаат врз преговарачите ги немало). Значи, како што го избирате местото на вашата главна активност, вие детерминирате услови за поголема партиципација на вашата целна група.  

Од друга страна, пак, сметам дека е целосно неодговорно и непрофесионално семинарите, тренинзите и нашите главни проектни активности да ги имплементираме во атрактивни туристички места. Некогаш со самиот факт што ќе земете група Албанци од западна и ги однесете во источна Македонија, вие креирате услови за доверба, а со тоа разбивате стереотипи. Неутралноста во оваа смисла може многу лесно да се обезбеди со планирање последователни активности за истата група, со променети улоги каде „домаќинот станува гостин”, но овие активности треба однапред да & се познати на групата. Така учесниците би имале директна можност да се запознаат со културата и вредностите на таа заедница којашто ја посетуваат.

Неутралноста во смисла на содржината на проектот за мене е тоа што ја детерминира успешноста на еден обучувач. По некоја чудна инерција странците многу лесно можат да обезбедат неутралност од учесниците при одржување обуки. И ова е нормален процес, а има уште поголемо значење кај нас на Балканот каде што ние многу лесно се отвораме кон нив и го искажуваме нашиот гнев, отколку што би го направиле тоа со локален обучувач. Моето објаснување за ова сметам дека е рационално и се однесува на добивање симпатии од обучувачот (странец)  со  убедување дека „ние сме во право!”. Но, ако зборуваме, на пример, за дијалог-сесии, мислам дека истите ќе добијат повеќекратно значење ако нив ги водат обучувачи кои се „локалци”. Го кажав тоа во множина затоа што мислам дека може еден странец да води сензитивни дијалог-сесии, но за да се води тоа од локалец, тие треба да бидат најмалку двајца професионалци кои ќе ја обезбедат неутралноста со шареноликоста на нивниот идентитет.  Значи, локалните професионални обучувачи треба да имаат добро чувство за тоа што се случува околу нив, притоа истите треба да се чувствителни на принципите не еднаквост и неутралност и така тие можат да бидат извонредни поттикнувачи на разбирање, соработка и толеранција. Ова е така поради фактот што тие имаат и свои искуства и познавања на контекстот коишто можат да ги користат како „џокер” кога работите излегуваат од колосек.

Секое свесно и несвесно користење пристрасни изјави, пораки, треба да се елиминира со помош на постојана самооценка и прифаќање критики од соработниците. За штетното влијание не мора ни да се зборува, а нивното негативно влијание е уште поголемо при работа со деца на возраст во којашто тие го спознаваат светот подобро и ја креираат сопствената личност.

За принципот на неутралноста во проектите навистина би можело да се зборува многу, но јас тука ќе престанам и ќе ги искористам другите прилики да инкорпорирам по нешто од оваа тема во другите. Во следната статија ќе се осврнам на неколку проблеми коишто се појавуваат при имплементација на меѓуетнички проекти, како на пример користење јазици и превод при организирање семинари и конференции, како нешто за што многу често сум прашуван во последно време од моите колеги во ГО.

 

Алберт Хани,

Обучувач за менаџмент на конфликти