Погледи

Последиците на Чернобилската катастрофа се сериозен сопирачки фактор во економската изградба на Украина

                                                                                                                           албански

Дваесет години нe делат од страшниот датум, 26 април 1986 година, кога се случи најголемата технолошка катастрофа во историјата на човештвото - хаваријата на атомската централа во Чернобил. Много добро ги паметам првите мигови кога граѓаните на Киев дознаа за хаваријата. Постоеше големо незнаење. Со атомот немаше допир никој освен стручните лица, а тогаш се појавија новите термини: радионуклеиди, загадување со тешки метали, озрачување и др.
Хаваријата предизвика загадување на повеќе од 145.000 квадратни километри и озрачување на населението на територијата на Украина, на Белорусија и на Русија. Како последица од катастрофата, настрадаа околу 5 милиони луѓе, со радиоактивните нуклеиди беа загадени околу 5.000 населени пунктови на трите поранешни советски републики, од коишто 2.218 села и градови во Украина со население од околу 2,4 милиони луѓе. Но, влијанието од загадувањето беше почувствувано и во Шведска, во Норвешка, во Полска, во Велика Британија и во други земји.

За жал, тогашното раководство на СССР ги прикриваше вистинските информации за катастрофата, што предизвика појава и ширење на најневеројатни гласишта за можни последици. Тоа, од своја страна, доведе до појава на многу голема социјално-психолошка тензија меѓу населението и недоверба во официјалните информации. Беше формирана владина комисија за да управува со последиците од хаваријата, која одлучи да  создаде триесеткилометарска зона на отуѓување околу атомската централа. Од 27 април започна евакуацијата на жителите од градовите Припјат и Чернобил, од реонските центри и од селата и според податоците беа евакуирани околу 100 илјади луѓе. Треба да се запамети дека хаваријата во Чернобил битно ја промени состојбата со радијацијата на значајни територии во многу европски земји.

Од први јануари, годинава, во Украина 2. 594.071 лица добија статус на настрадани од катастрофата. Со намалувањето на бројот на настраданите на 19% за периодот 1997-2006 година, што се смета за природно, се појавија две карактеристични ситуации. Денес во земјата може да се избројат 17.448 семејства коишто добиваат олеснувања, како последица од губење хранител, чија смрт е поврзана со чернобилската катастрофа. Такви семејства има во сите региони од земјата.

Сакам да забележам дека хавријата има влијаније и на здравствено-демографската состојба во Украина, која на радиоактивно загадените територии продолжува да се формира во услови на долготрајна демографска криза. Од 1991 година смртноста на населението почна да го надминува раѓањето. Постепено се намалува смртноста на настраданите деца, што може да се признае како едно од позитивните достигнувања на медицинската наука и практика во Украина и од остваруваните активности во земјата на полето на противрадијациската, социјалната и здравствената заштита на настраданите деца.

Директните загуби на Украина за намалувањето на последиците на чернобилската катастрофа за сметка на сите извори за финансирање за периодот од 1986 до 1991 година изнесувале близу 6 милијарди американски долари. Според пресметките на украинските специјалисти, сумарните економски загуби за Украина до 2015 година ќе изнесуваат 179 милијарди американски долари.

Тежината од последиците на чернобилската катастрофа послужи како сериозен сопирачки фактор во економската изградба на нашата млада независна држава. Размерите на социјално-економските загуби коишто ги почувствува Украина се неспоредливи со реалните економски можности на земјата за нивното елиминирање во најблиските десетина години, во врска со што е неопходна понатамошна помош од меѓународната заедница. Притоа, тежината на трошоците, поврзани со ликвидацијата на чернобилската катастрофа, уште во текот на многу години ќе има забележливо негативно влијание врз економијата на земјата. Поради тоа, младата украинска држава бара помош од страна на меѓународната заедница, бидејќи катастрофата посведочи дека тешките атомски хаварии предизвикуваат глобални последици и влијаат врз животните интереси на многу земји. Ресурсите, неопходни за совладување на последиците од техногените катастрофи од таков обем, се далеку над границите на економските и технолошките можности на одделни земји и постои потреба од обединување на напорите на светската заедница.

Прогласувањето на Украина за независна држава предизвика позитивни промени во шемата на меѓународната соработка за намалувањето на последиците од чернобилската катастрофа. Мислам дека ние, луѓето на ХХИ век, треба постојано да се сеќаваме на Чернобил, кој на свој начин претставува и пример за тоа дека човекот треба да биде претпазлив со своите пронајдоци и можности.

 

(авторот е вонреден и ополномоштен амбасадор на Украина во Македонија)