Ќе креираме одржлива зелена лоби-група во парламентот
на 26 октомври 2007 година во републичкото собрание се одржа првиот конститутативен состанок на Парламентарната зелена лоби-група, на кој присуствуваа 14 пратеници – членови, амбасадорот на Велика Британија, Андру Ки, министерот за животна средина и просторно планирање, Џелил Бајрами, претставници на медиумите и членовите на проектниот тим на ресорното министерство. На овој состанок членовите на лоби-групата ја усвоија нејзината програма, која во иднина ќе биде дополнета со анекси и ќе биде разработен акциски план за спроведување.
Програмските определби на групата се: промовирање и застапување на интересите на граѓанското општество и граѓаните на Македонија за поставување на принципите на одржлив развој и заштитата на животната средина на повисоко приоритетно ниво во креирањето на националната политика; зајакнување на соработката со здруженијата на граѓани и граѓаните, преку промовирање на националните и локалните проблеми од областа на животната средина и изнаоѓање одржливи решенија како примарен национален интерес; забрзување на постапката за донесување на потребната законска регулатива за животна средина и покренување иницијативи за изменување и дополнување на постоечката законска регулатива во склад со барањата на ЕУ и на меѓународните принципи за одржлив развој; следење на работата на институциите задолжени за спроведување на законската регулатива и на националните политики за заштита на животната средина и одржливиот развој; лобирање и застапување на интересите за заштита на животната средина и одржливиот развој при креирањето на фискалната национална политика и распределбата на буџетските средства; покренување иницијативи за креирање национална политика за исполнување на Милениумските развојни цели поставени од ООН и исполнување на обврските на Македонија со потпишување на Милениумската декларација во 2000 година. Моите очекувања и очекувањата на Македонскиот зелен центар се дека ќе креираме одржлива зелена лоби-група во парламентот која ќе опстојува и ќе биде активна и по завршувањето на нашиот проект, а нејзините членови за време на парламентарниот мандат ќе лобираат за прашања од областа на животната средина и одржливиот развој.
Идејата за лобирање за прашања од областа на животната средина и одржливиот развој во Македонија е присутна уште од нејзиното осамостојување, посебно со формирањето и развојот на невладиното движење кое започна на почетокот на 90-тите години, а особено со основањето на првите еколошки друштва и еколошкото движење во земјата. Меѓутоа, најголемиот број иницијативи за лобирање дојдоа преку присуството на многу меѓународни организации и донатори, а посебно со определбата на Владата за пристап кон ЕУ.
По една иницијатива од страна на Милиеуконтакт интернационал, во 2005 година, за време на локалните избори, беше основана Работна група за позеленување на локалните избори (РГПЛИ), составена од локални граѓански здруженија кои работат на полето на заштитата на животната средина, со цел локалните проблеми да се вметнат во програмата на кандидатите за градоначалници. Резултатите од изборите беа мотив за РГПЛИ да преземе активности и за време на парламентарните избори во 2006 година, кога групата се преименува и се регистрира како здружение на граѓани со име „Македонски зелен центар” – здружение за истражување, застапување и лобирање во областа на животната средина, а го основаа шест здруженија, кои работат на полето на животната средина.
Основниот мотив, пак, за основање на „Парламентарната зелена лоби-група” произлегуваше од остварената успешна соработка со некои од кандидатите за пратеници, кои по завршувањето на изборите се најдоа во Собранието
Еден од битните показатели за потребата од групата беа податоците добиени со истражувањето направено за време на претходниот парламентарен состав, кога биле поставени 1.641 прашања од страна на пратениците до владата и ресорните министерства, од кои 3,2 % биле адресирани до министерот за животна средина.
По истражувањето, беше изготвен предлог-проект за нејзино формирање, финансиран од Британската амбасада, кој започна да се реализира во април, годинава, и ќе трае до март 2008 година. Во подготвителната фаза на проектот, проектниот тим реализира серија состаноци со различни институции и организации, поврзани со животната средина, како и со Парламентарното женско лоби и со Лоби-групата за лицата со посебни потреби. Комунициравме со пратениците, со претседателите на комиисите и наидовме на заинтересирани пратеници за членство во лоби-групата која веќе брои 15 членови од различни политички партии, од позицијата и опозицијата, од етничките групи во парламентот, спремни да лобираат за прашања од областа на животната средина и одржливиот развој.
|
|