Во организација на Фондациите “Борјан Таневски” и “Конрад Аденауер”
Конференција посветена на интеграција на младите во ЕУ
Во присуство на 50 талентирани студенти од повеќе универзитети од Македонија од Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово, од Правниот факултет, од Универзитетот Њујорк, од Универзитетот ФОН и од Американскиот колеџ од Скопје, заедно со студенти од Грција, од Бугарија, од Косово, од Албанија и од САД, во Клубот на пратениците во Скопје, на 7 и 8 декември, во рамките на 4-тата Меѓународна студентска конференција, се дебатираше на темата „Улогата на балканската младина на патот кон интеграцијата во Европската Унија”.
Конференцијата ја организираа фондациите „Борјан Таневски” и „Конрад Аденауер”, а на неа учествуваа и дипломатот Патрик Паке од претставништвото на Европската комисија во Скопје, Александра Пападупулу, амбасадор на Република Грција во Македонија, Снежана Манчева од владиниот Секретаријат за европски прашања и Филип Штил од Одделот за информации на Баварија при ЕУ. Дипломатите, заедно со професорите Денко Малески, Димитар Мирчев, Винсент Милер, Дејвид Виснер и Назми Малики им помагаа на студентите да дознаат повеќе за патот на европската интеграција, за тоа како е да се биде надвор од ЕУ, но и нејзин член.
Студентите дискутираа многу критички за политичките состојби во Македонија, но и за потребата на поголема активност, едуцирање на нови млади кадри за процесот на задоволување на стандардите на ЕУ. Тие покажаа оптимизам за европеизација на Балканот, зборуваа повеќе за работите кои зближуваат, за вработувањето, за стандардот на населението и за поблиска прекугранична соработка. За решавање на другите отворени проблеми на Балканот, тие покажаа и поголем оптимизам од постарите учесници .
К.Б.
|
|