Прва граѓанска организација за сексуални малцинства

“МАССО” во заштита на правата на хомосексуалците

“Лове ис лове” е заштитниот знак на првата граѓанска органи­за­ци­ја која кај нас се занимава со правата на сексуалните малцинства, Македонската асоцијација за слободна сексуална ориентација, формирана во септември минатата година. Во јавноста стана поз­на­та по последната реакција за одбрана на овие малцинства, кога нејзините членови испратија писмо до претставникот на Европ­­ската комисија во Македонија, Донато Кијарини, и побараа одговор зошто во Прашалникот на ЕУ Владата не одговорила на ниту едно поставено прашање кое се однесува на состојбата со сексуалните групи во земјава. Во Прашалникот се поставени пра­ш­ања за тоа кои мерки се преземени за да се спречи дискри­ми­нацијата по основ на националноста, етничкото или социјалното потеклото, расата, бојата на кожата, јазикот, верата или уверувањето, како и тоа дали Македонија има воспоставено специјализирани служби за борба против дискриминацијата.

“Во одговорот на Владата не се презентирани фактите, објасну­ва­ње или барем намера за борба против дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација. Факт е дека нема законска рамка, институционален контекст ниту какви било други сред­ства за превенција или борба против дискриминација по овој основ. Владата не само што е должна да ги презентира овие факти пред Европската комисија, туку, исто така, и да покаже волја за правни промени и план за мерки кои би биле преземени за да се спречи овој вид дискриминација” вели Кочо Андонов­ски, претседател на “МАССО”. Тој објаснува дека хомосексуалноста во земјава е декриминализирана уште од 1996 година, со рати­фи­ка­цијата на Европската конвенција за човекови права и слободи. Оттогаш, смета тој, Владата не презела ништо за да се спречи каков било облик на дискриминација кој се однесува на хомосексуалците.

“МАССО” обединува 70-тина членови од Македонија, најголем дел од Скопје. “Наша цел е да ги направиме ЛГБТ луѓето видливи, зошто ако не си видлив, не постоиш, а ако не постоиш, немаш ни права. Сакаме да ја подигнеме свеста дека ЛГБТ постојат овде и имаат права кои мора да им се достапни. Важно е да знаат дека не се сами”, вели првиот човек на “МАССО”. Тој наведува дека хомосексуалноста уште од 1973 година е тргната од листата на болести од страна на Светската здравствена организација. “Кај нас не постои развивање и заштита на геј-културата за разлика од другите земји каде хомосексуалците се познати уметници или амбасадори на културата”, ни изјави Андоновски. Тој посочи примери на двајца нивни членови кои имале проблеми поради тоа што јавно се изјасниле како хомосексуалци. “Едниот од нивро­ди­телите го однесоа на психијатар за да го лечат, а вториот сега спие по пријатели”, додава претседателот на “МАССО”.

Оваа организација, годинава, ќе се концентрира на изготвување правни измени, по примерот на Хрватска која донесе Закон за истополни заедници, а тие ја очекуваат и имплементацијата на Законот за недискриминација на Хелсиншкиот комитет. Во орга­ни­зација на “МАССО” во септември се подготвува и првата геј-недела во Скопје на тема “Лове ис лове”. Стратешки партнер на “МАССО” е македонскиот Хелсиншки комитет, а главен донатор шведскиот Хелсиншки комитет.                             Ж.Ѓ.