Чедомир Шопкиќ
Граѓанскиот сектор треба што повеќе да ги промовира духовните, уметничките и културните вредности
Професионално искуство
Како економист, веќе 12 години работам во граѓанскиот сектор. Во моментов сум координатор на стручната служба на Сојузот на слепите на Македонија и ги уредувам списанијата за слепите лица: Брајовото списание “Наш збор” и списанието во аудиоформат “Панорама”. Уредник и водител сум на радиоемисијата “Панта реи” што се емитува секој понеделник од 14 до 15 часот на Македонското радио, Радио Скопје.
Ангажирање во граѓанскиот сектор
Како координатор на стручната служба и уредник на наведените списанија активно сум ангажиран во ССРМ во чиј фокус на интерес се човековите и компезациските права на лицата со оштетен вид и борбата против нивното маргинализирање во македонското општество, афирмирањето на правната регулатива за нивна заштита и информирање, цела лепеза проекти и активности за надминување на предрасудите и јакнење на свеста на граѓаните. Иницијатор сум и основач на неколку граѓански организации, бев шеф на издавачко-информативниот центар “Фаре-Брај”, соработувам и со магазинот за лицата со посебни способности “ВУЛКАН”.
Хоби и интереси
Пливање, работа на компјутер. Колекционер сум на плочи и компакт-дискови, слушам музика...
Најтешка одлука
Во зависност од способноста да се ризикува со однапред пресметана шанса за неуспех, зависи и тоа колку една одлука што ја носите е тешка или помалку ризична. Треба да се надмине стравот.
Амбиции
Нема нешто што не би сакал да работам. Го прифаќам секој предизвик. Секогаш е исплатливо да бидеш тоа што си. Времето може секогаш да биде на ваша страна ако умеете да го искористите.
Во слободно време читам
Кога сум порастоварен од обврските, ја читам Британика, потоа, стручни списанија, економска литература, а уживам и читајќи белетристика, одвреме-навреме да пишувам поезија, афоризми и сл.
Каде оди во слободно време
Се наоѓа време со сопругата да посетиме некоја театарска премиера, кинопроекција, концерт, а и да одморам дома. Љубител сум на излегување, а и патувањата ми причинуваат големо задоволство.
За време на викендите
Бидејќи наоѓам време за пријателите, одам кај луѓето кои сакаат да се дружат со мене и кои се дружат. Тоа е патот до среќата.
Кој национален/локален проблем го сметаш за особено важен и зошто?
С$ повеќе се убедувам дека станува с$ појасна разликата меѓу нас и развиениот свет. Таа е токму во немањето заеднички морални вредности. Не станува збор само за лоша организираност, неефикасно управување, незнаење или немање искуство. Не е толку просто и едноставно. Доколку не знаеме, ќе научиме и од утре веќе ќе се поправиме. Не станува збор за тоа. Станува збор за немање свест за живеење во заедница, за загубени симпатии и за какви било други позитивни емоции за другиот до нас.
Кој глобален проблем го смета за особено важен и зошто?
Сега ги имаме глобалната економска криза, сиромаштијата и песимизмот на луѓето што ги решаваат само оние кои не обрнуваат внимание на моралното и на политичкото разбирање на луѓето погодени од кризата. Затоа, најитна задача во сегашното време е да се обиде да се најде политичка структура што би требало да ја има светот, за да почнеме и ние да чекориме по нашиот пат од срце верувајќи дека сите овие напори за Свет на цвеќе без војни ќе подготви прекрасна утрешнина на нашата планета. А дотогаш граѓанскиот сектор треба што повеќе, во човековата практика, да ги промовира духовните, уметничките и културните вредности коишто ќе донесат позитивен резултат.
Што би променил во Македонија и во светот?
Најкратко речено, создавање услови за еднакви можности со системски решенија, а не со палијативни или ад хок-мерки. Пред се, мислам на донесување закони, како и нивна доследна примена, што ќе бидат во согласност со “Стандардните правила на ОН”, Универзалниот дизајн и Конвенцијата на ОН, чие донесување го очекуваме, односно што ќе бидат засновани на недискриминација и почитување на човековите права.
Совет/порака
Не сакам да давам совети, но од моето искуство мислам дека е најбитно да ги процените сопствените капацитети, да работите на нивното развивање, но констатно и притоа најмногу да се потпирате на себеси, на своите знаења и компетентност. Ништо не е толку тешко ако сме подготвени да се бориме, а нема ништо полошо од самосожалување и незаинтересираност.
Никогаш не би можел
Да ја признаам поделбата на оние кои имаат инвалидност и кои го немаат тоа. Инвалидноста навистина со себе носи соодветни ограничувачки карактеристики, но од друга страна многу нешто зависи од нас и од тоа колку најнапред вложуваме во себе, а потоа и во своето образование, колку сме одговорни.
|
|