Форум
Имаат ли резултати актуелните стратегии на женските НВО?
Во традиционално женскиот месец, март, на веб-страниците на „Граѓански свет“, www.graganskisvet.org.mk и www.civicworld.org.mk ќе биде актуелно прашањето поврзано со активноста на женските невладини организации. Ве повикуваме на дискусија во врска со стратегиите кои женските здруженија ги спроведуваат во Македонија. Дали тие ги донесуваат посакуваните ефекти? Или пак е време активностите насочени кон добивање повеќе права и рамноправен третман на жените да се усмерат во некоја друга насока, посовремена, или едноставно поприлагодена на домашните потреби? Ве повикуваме да се вклучите во дискусијата на оваа интересна тема на Форумот на нашите веб-страници. Притоа, ве молиме да го напишете своето полно име и презиме и да ја наведете невладината организација, доколку членувате во некоја. За да започнеме квалитетна дебата, ова прашање им го поставивме на неколку личности активни во невладиниот сектор во Македонија. Еве го нивното мислење:
Ѓунер Небиу, Женска граѓанска иницијатива „Антико“: Напревени се видливи резултати речиси на сите полиња на кои женските организаици, коалиции и мрежи се ангажираа во изминатите 10 години, почнувајќи од учеството на жените во економските и политичките процеси, законксите и политичките мерки кои се поврзани со стаусот на жените, решавањето проблеми на специфични групи жени, итн. Но, од друга страна, ако се прашаме себеси дали општо гледано жените во Македонија профитираат во ист сразмер на инвестициите напревени во женскиот невладин сектор, на нашиот внатрешен развој, и дали нивната вкупна општествена положба е значително подобрена како резултат на работата на женското невладино организирање во Македонија, одговорот не е секогаш едноставен.
Даниела Дабеска, Шелтер центар:
Женското движење во Македонија во последнава деценија делуваше во креирањето подобра клима за жените во Македонија. Но, стратегијата којашто тие ја применуваат е далеку од добра. Женските организации во Македонија се едногласни единствено во нивното декларирање како борци за женски човекови права, но многу од овие организации го користат принципот на затвореност. Основната стратегија треба да биде базирана во духот на заедничка работа, меѓусебно разбирање, поддржување, размена на искуства, информации. Во оној момент кога женските невладини организации ќе успеат да ја соединат својата заедничка енергија можеме да се надеваме на стратегија која навистина ќе може да влијае врз потребните промени.
ОД МИНАТОМЕСЕЧНАТА ДЕБАТА
Колку граѓаните можат да го остварат правото на учество во работата на власта?
Минатиот месец на Форумот на „Граѓански свет“ беше актуелно прашањето поврзано со граѓанското право да учествува во работата на органите на власта. Колку јавноста кај нас има можност да учествува во креирањето на политиката, во донесувањето разни закони, одлуки и други акти? Колку власта го зема предвид јавното мислење, колку го поттикнува преку јавни расправи и други форми? Колку власта работи транспарентно и ги информира граѓаните за својата работа? На ова прашање с$ уште можете да одговорите на Форумот на веб-страниците на „Граѓански свет“, www.graganskisvet.org.mk и www.civivworld.org.mk. Еве што размислуваат неколку претставници на невладиниот сектор кај нас на оваа тема:
Елизабета Јаневска: Мислам дека кај нас и има и нема можност за учество на граѓаните во работата на власта. Велам „има“ затоа што колку-толку, законски можности постојат, а велам „нема“, затоа што тие можности не се остваруваат во пракса. Зошто е тоа така, е вина и на граѓаните и на власта. За жал, во природата на секоја власт е да ги држи затворени своите активности, да не сака да има многу големо учество на пошироката јавност во она што го работи. Од друга страна пак, граѓаните се тие кои треба да се изборат за своите права, меѓу другите и за правото да учествуваат во работата на власта, а со тоа и самите да ја „кројат“ својата судбина – да влијаат врз политиката, врз законите и прописите. Е, проблем е што нашите граѓани, граѓаните на Македонија се многу пасивни на ова поле. Секако, не е далеку од нас минатото кога власта и граѓаните беа строго одделени, но сега е друго време, друг, демократски систем и ние не смееме да останеме пасивни. Мораме докрај да ги искористиме законските можности кои ни се нудат за да земеме учество во донесувањето на одлуките и креирањето на политиката. А, ако тие законски можности не се доволни, треба да се избориме да се подобрат,како И да иницираме донесување на нови.
|