Ирфан Сулејмани, вработен во Меѓународниот црвен крст

Хуманитарната работа нема граници

Ирфан Сулејмани е хуманитарец од Тетово која на 26 септември, заедно со својот колега од Мјанмар (поранешна Бурма) и двајца локални жители, беше грабнат од Талибанците, во авганистанската област Вардан, педесетина километри оддалечена од Кабул.

Како започна ваши­от ангажман во Меѓу­народниот црвен крст? Беше ли тоа коинциденција или ваша определба?

Беше и коинциденција и принцип, а кога тие ќе се спојат, излегува нешто подобро. Поради моите способности и моето школување, како инженер за информатика, кога почнував со ангажманот за време на косовската криза, имаше едно слободно место што ги спои двете работи. За првпат Меѓународниот црвен крст отвори веб-страница наречена „Поврзување на семејствата”, каде бегалците можеа да се регистрираат преку интернет и луѓето од другите бегалски кампови или од други места можеа да ги најдат членовите на нивните семејства и така да се спојат. Краток период работев во кампот Чегране, каде бев и одговорен за локалната канцеларија. Во јуни, 1999 г., голем број од бегалците се вратија во Косово, а јас од октомври, истата година, останав сам во канцеларијата на МЦК во Тетово, каде бев одговорен за сите зони од северозападна Македонија. Во 2000 година состојбата не беше добра, се чекаше да видиме што ќе се случи во Прешевската долина, но избувна конфликтот кај нас, во Македонија.  

Како дојде до тоа да бидете ангажиран надвор од земјата?

Меѓународниот црвен крст на своите вработени, во разни земји каде има мисии или делагации, им нуди и можности за усовршување, со исполнување одредени  критериуми. Мене во посочениот период ми беше понудено да посетам еден десетдневен курс за интеграција, а потоа ако сакам да одам и надвор од земјата, требаше да зборувам течно француски. Седиштето на организацијата е во Женева, а таа работи во голем број држави, особено во франкофонските, во Африка. Во 2003 година, според плановите, требаше да заминам за Ирак, но откако беше бомбардирано седиштето на ОН во Багдад, плановите се изменија.

Во февруари 2004 год. ми понудија да одам во Дарфур, во Судан, како претставник на Меѓународниот црвен крст, најпрвин на шест месеци, но првиот  пат останав тринаесет месеци. Состојбата со раселените таму беше многу тешка и беше потребно брзо да дејствуваме. Во првите три недели иградивме камп за 35.000 раселени лица, но неговиот капацитет се прошири за 55.000 лица. Во него работев и како координатор, но по извесно време, му го предадовме на Црвениот  крст од Шпанија, за да ги координираат активностите. Работев и како шеф на канцеларијата на северен Дарфур, а бев одговорен за безбедноста на кампот.

На кој начин заминавте за Авганистан?

По првата мисија во Дарфур се вратив дома за да учам француски, но и  да се одморам, бидејќи условите за работа во Судан беа многу тешки, работевме 13 месеци секој ден без одмор. Од Женева ми понудија да работам како шеф на канцеларијата во Герида, јужен Дарфур, по што се вратив дома и почнав да го изучувам францускиот јазик. Ми беше понудено да бидам и одговорен за пет провинции во јужна и во источна Либерија, а полагав и текст по француски јазик, а во меѓувреме ми беше понудено и место како делегат на МЦК, да бидам одговорен за централните и југоисточните зони на Авганистан, да бидам одговорен за 12 провинции, како и за безбедноста на персоналот на операциите на нашата организација во Кабул. Во Авганистан Меѓународниот црвен крст има три канцеларии, во Думбахар, во Бамјан и во Бадахстан, со кои раководи  локален персонал, а мене ме известуваат за активностите. Договорот беше најпрвин за 12 месеци, но  ме замолија да го продолжам за уште шест месеци. Во Авганистан прв пат отидов на 4 декември 2006 година.

За време на вашиот ангажман надвор од Македонија, би издвоиле ли некој настан кога животот Ви бил во опасност?

Во споредба со она што се случи во Авганистан, немаше друг посебен настан, но постоеја  можности за опасност и во Македонија и во Судан.  Воопшто работата во хуманитарните организации во разни земји е опасна, а ние работиме на минимизирање на опасностите, има­ме многу строги правила за работа.

Каква беше вашата улога во Авганистан? Преговаравте ли за ослободувањ е на заложниците?

Со  хуманитарното меѓународно право, е забрането земање заложници, цивили од која било страна. Во случајот на ослободување на заложниците од Јужна Кореја, Меѓународниот црвен крст не учествуваше во преговарањето, бидеј’и се смета дека тоа е проблем на страните кои се инволвирани во одреден конфликт. Ние како неутрална организација треба да ја изградиме довербата што ја имаат двете страни кај нас, доколку тие имаат потреба од тоа. На инволвираните страни им нудиме да дојдат во канцелариите на МЦК, да го искористат нашиот кредибилитет и да преговараат. За време на преговарањето за ослободување на јужнокорејските заложници, беа искористени просториите на авганистанскиот Црвен крст, а ние бевме само набљудувачи.

Откако двете страни се договорија  под неколку услови, побараа ние да ги пренесеме заложниците од рацете на вооружените групи, на јужнокорејската влада.

Постојат ли локални хуманитарни организации во Авганистан?

Освен странските организации, има и други локални хуманитарни организации кои се и спроведувачи на активности. Како природен партнер на Меѓународниот црвен крст се смета националната хуманитарна организација, во случајот тоа е Црвената полумесечина на Авганистан, која заедно со нас е дел од движењето на Меѓународниот црвен крст. Активностите се поделени меѓу двете организации. Меѓународниот црвен крст има ексклузивност во посетата на затворите  кои се во нејзин мандат, а тоа не можат да го спроведат националните организации.

Имате ли информации колку работници од Македонија има во Авганистан?

Немам информации за бројот на лица од Македонија во Авганистан, а таму  сретнав само едно лице од Скопје. Но, во службите на ОН и во мултинационалните сили, сум чул дека има граѓани од Македонија, но немам контакт со нив.

Кои се вашите планови за во иднина?

Да живеам во Македонија со семејството. За моето враќање во Авганистан, не решавам само јас, туку постои цела хиерархија на одлучување.

Постојат неколку одделенија кои ја согледуваат целата состојба, ги собираат и ги анализираат информациите од терен. Кога н$ задржаа во Авганистан, до Меѓународниот црвен крст беше испратено јавно извинување од страна на Талибанците дека н$ задржале по грешка, а и мене лично неколку пати ми побараа извинување. Сега патувам за Женева на една обука, па потоа мислам дека ќе одам повторно во Авганистан. А, за понатаму, ќе видиме.

Семејството ви недостасува, секако. Како контактирате со нив?

Бидејќи постои интернетот, контактираме скоро секој ден. Преку Скајп, се гледаме со децата, па така ја надополнуваме празнината којашто ја имаме. По секои три месеци, ни следува одмор, така што тоа не е голем проблем.

А, што се однесува за идните планови, одлуките не ги донесувам сам, треба да се консултирам и со сопругата и со децата, на кои најмногу им недостасувам.

Како ви изгледа животот во Авганистан?

Авганистан е многу интересна земја во која има различни обичаи, а климата е многу променлива. Ме викна еднаш еден пријател, Авганистанец, да ми покаже нешто што мислеше дека ќе ме воодушеви. Ме однесе до еден објект каде ечеше музика и се организираа свадби, при што во еден дел од просторијата седеа мажите, а во другиот жените. Тоа го има и кај нас, колку сакаш.

Во Кабул има и многу екслузивни ресторани, но ние повеќето се храниме  каде што престојуваме. Имаме жена која ни подготвува што ќе посакаме и која се грижи за чистењето. Сателитската антена и другите технички работи ни помагаат да се чувствуваме барем малку како дома.

Што би додале за крај?

Постојат мал број граѓани од Македонија кои работат надвор од земјата во други странски организации.

По медиумите се пишува дека за парче леб сме го одбрале овој долг пат, но постојат и други нешта што те поттикнуваат на тоа. Има голем број странци кои одат во разни држави, не само за пари, туку да ја завршат својата хумана мисија.

Ние тешко се одвојуваме од дома, сакаме да си бидеме блиску до мама и тато, но мислам дека во иднина ова ќе се смени, ако сакаме да одиме напред, да просперираме на каков било на­чин.