Погледи: Дарко Алексов

Еден човек еден глас – дали само едукација е доволна

                                                                                                            Албанска верзија

Кога зборуваме за правото на глас на граѓанинот, мислиме на уставно загарантирано право. Процес кога секој гла­сач излегува на гласачкото место и, по сопствена волја и убедување, гласа, односно му дава поддршка на еден од предложените кандидати, за да извршува одредена функција. При тоа, може да избере да не се определи за ниеден од нив. Секако, по сопствено убедување граѓанинот може и да не се појави на гласачкото место и да не го искористи својот глас.

Предложените ситуации се со­се­ма прифатливи, с$ додека на некој друг граѓанин не му падне на памет да го искористи моментот, па во име на дру­ги­от, или другите, да гласа. И ако таа појава е прифатлива во средината и се смета за со­сема нормална, тогаш тоа е навистина загрижувачки фактор. Најмногу погодува помис­ла­та дека дури и тие што треба да ги спречат ваквите постапки, што прокламираат демо­кра­тија и ги убедуваат гра­ѓаните да излезат на гласање, овие појави ги одобрувааат и ги сметаат за сосема нормални.

За илустрација само ќе потсетам на примерот на гласач кој со пет лични карти гласа за пет свои “роднини”, му се по­кло­нува на висок претставник од меѓународната заедница и заминува од местото. Логичниот заклучок, којшто би следел од овој пример, е дека тој е убеден дека до­бро постапил. Да ја споменам и изјавата на прет­се­дател на политичка партија во која тој кажува де­ка сосема нормална и традиционална е појавата еден член да гласа за сите во семејството. Може ли во вакви околности воопшто да зборуваме за правилото еден човек-еден глас?

 Пред с$, потребно е да се соочиме со фактот дека имаме проблем,  и тој длабоко ни ги поткопува ам­би­циите да се прикажеме во светло на демократска држава во која владее правото и законите. Потоа, треба да се зафатиме со решавање на истиот.

Решението на овој, мора да забележам ни малку наивен проблем, треба да биде збир од резултати на повеќе комплексни активности. Неопходна е широка дебата на оваа тема, следена, секако, од конкретни понатамошни чекори. Околностите повеќе не дозволуваат само носење заклучоци. Истите треба и да се имплементираат, а за тоа е потребен посеопфатен ангажман на засегнатите страни. Едукацијата на граѓаните, во директен контакт со нив, претставува фундамент во насока на решавање на овој проблем. Активното вклучување на граѓаните во изборите, не само како гласачи, туку како дел од еден процес, кој всушност претставува база на која треба да се надоградува демократијата, е повеќе од потребно. А за улогата на политичката волја во надминувањето на ваквата состојба, веројатно не треба ни да се зборува. Но, прашањето коешто ќе остане неодговорено е: како да се промени размислувањето?

Не е возможно “ние” и “другите” да имаме различни аршини, односно различно да гледаме на работите, а притоа “ние” секогаш да бидеме во право. Па белки и “другите” знаат понешто и нема да биде лошо ако понекогаш и ги послушаме. За наше добро.

(авторот е претседател на Граѓанската асоцијација МОСТ)