Втор Саем “Живо наследство”
Креативците се презентираа на улицата Македонија
Во Скопје на 10 јуни се одржа вториот, но годинава еднодневен саем Живо наследство, организиран од Центарот за современи уметности од Скопје, со финансиска поддршка од Фондацијата Институт Отворено општество - Македонија. На отворањето настапи КУД „Дримкол” од Вевчани, а 20-те штандови на коишто учесниците ги изложија своите ракотворби и печатени информативни материјали бесплатно беа отстапени од општината Центар. Учесниците од 10 локални заедници од земјава кои своите проекти ги реализираат во рамките на програмата „Живо наследство” спроведувана од ФИООМ, на заинтересираните граѓани им понудија за продажба автентични ракотворби од ковано железо, дрво, текстил, грнчарија, прехранбени производи и друго.
Програмата “Живо наследство” е наменета за поддршка на локалните иницијативи за искористување на природното и културното наследство како ресурс за локален развој. Од нејзиниот почеток во 2001 година досега, со вкупна сума од 540 илјади долари се поддржани 37 проекти во исто толку општини во државата.
Според организаторите, саемите придонесуваат за особена заинтересираност кај граѓаните за производите на ракотворците, но и за посета на туристичките дестинации кои се афирмираат преку реализираните проекти. Таков е примерот со Мариово, со Смоларскиот и со Колешинскиот водопад, со Мокринските извори и др.
|
|