14 ГОДИНИ ПРВА ДЕТСКА АМБАСАДА ВО СВЕТОТ – МЕЃАШИ

Децата се народ кој никогаш не повел војна

Децата се посебен народ. Децата не се национални и верски војсководци. Тие се еден народ кој никогаш не извел револуција или контрареволуција, ниту пак повел војна. Децата не се ни класно ни национално прашање: децата се прашање над сите прашања.”

 Ова е цитат од Повелбата на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши”, која го прослави својот 14-ти роденден. „Меѓаши” е основана на 29 април 1992 година во Скопје. Регистрирана е како светска асоцијација и е прва меѓународна невладина организација во Република Македонија за заштита на правата на детето. 

Досега титулата деца-амбасадори им беше доделена на три деца и млади: Мирјана Бошевска, Ѓакуш Кабаши и Стефан Плескоњиќ, а амбасадор е актерот Коле Ангеловски.

 

„Меѓаши”  даде значаен придонес во јакнењето на граѓанската свест за детските права. Прва проговори за многу актуелни проблеми и кршење на детските права, меѓу кои физичката, сексуалната и економската злоупотреба на децата.

Во јавноста првпат се афирмира со апел за поддршка и организира прифаќање на децата бегалци за време на војната во Босна и Херцеговина, а во 1993 година го го отвори првиот дежурен СОС-телефон за деца и млади и психолошкото советувалиште во Македонија. Работеше на донесувањето на повеќе меѓународни документи и институции за заштита на детските права. Како резултат на сето тоа, во 2001 година „Меѓаши” ја доби Наградата на МЦМС за граѓанско општество и демократија, за долгогодишен придонес во изградбата на граѓанското општество во Македонија. 

М.И.